1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот бара конструктивност од Белград и Приштина

2 февруари 2007

Меѓународните дипломати повикуваат на конструктивност на двете страни во решавањето на идниот статус на Косово. За дел од нив загриженост предизвикува однесувањето на српскиот премиер Коштуница.

https://p.dw.com/p/Abzd
Марти Ахтисари
Марти АхтисариФотографија: AP

САД ги повикаа двете страни да разговараат со специјалниот претставник на ОН, Марти Ахтисари.

“Сметаме дека ќе биде конструктивно за страните во регионот да седнат со него на маса”, изјави портпаролот на Стејт департментот, Шон Меккормак, нагласувајќи дека речиси сите се согласни “оти ова прашање треба да се реши”. Но, САД е разочарана од пристапот на Демократската партија на Србија и одбивањето на премиерот Коштуница да го прими Ахтисари, како и од платформата на неговата партија за Косово.

Шефот на француската дипломатија Филип Дуст Блази предупреди дека “премногу брза независност” на Косово би можела да предизвика “опасна” реакција од српскиот премиер Коштуница.

Дуст Блази смета дека премиерот на Србија по последните избори на кои беше забележано јакнење на ултранционалистите се наоѓа пред дилема дали да им се придружи на радикалите или на проевроопската опција. Францускиот министер уште еднаш нагласи дека тие го поддржуваат нацртот на Ахтисари.

"Словачка и Шпанија целосно се согласуваат околу прашањето за Косово, а Србите треба да сфатат дека иднината им е во ЕУ", изјави вчера во Братислава шефот на шпанската дипломатија Моратиност по разговорите со словачкиот колега Кубис.

Моратиност нагласи дека “Србија и Косово треба сами да одлучат како понатаму ќе изгледа нивната егзистенција”. Словачкиот министер Кубис заклучи дека денес се останати малку алтернативни решенија од кои ниту едно не е привлечно и за двете страни, но нагласи дека страните мора да сфатат оти решението нема да може да биде победа за едната, а пораз и понижување за другата страна.