1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот ги притиска Македонија и Србија поради азилантите

ЖА/афп/кна/миа27 октомври 2012

Механизмот за укинување на безвизниот режим за држави од Западен Балкан ќе стапи на сила на крајот на оваа или наредната година, најавува Тања Фајон. Србија пак со пакет мерки ќе го ограничува бројот на баратели на азил.

https://p.dw.com/p/16Y5V

Таканаречената заштитна клаузула за укинување на безвизниот режим за држави од Западен Балкан ќе стапи на сила на крајот на оваа или следната година, изјави Тања Фајон, известител на ЕП за визна либерализација за весникот „Независне новине“ од Бања Лука.

Откако Советот на ЕУ го разгледа тоа прашање, Фајон оценува дека „најголема грижа засега задаваат Србија и Македонија“, а ситуацијата со БиХ е „помалку загрижувачка“.

Таа потсетува дека експертите за проценка на почитувањето на безвизниот режим секоја држава ќе ја оценуваат индивидуално.

„Визите ќе бидат воведени само за оние држави за кои ќе биде утврдено дека бројот на азиланти се зголемува над она што се проценува како прифатливо“, вели таа..

„Во овој момент немаме заеднички систем за азил во ЕУ. Некои држави од ЕУ скратија процедури за оценка на барање за азил за регионот на Западен Балкан бидејќи го сметаат за безбеден. Имајќи предвид дека Западен Балкан е во процес на пристапување кон ЕУ, мислиме дека тоа е начин на кој може да се оди“, истакнува Фајон.

Белград со пакет мерки за ограничување на бројот азиланти 

Српската влада во меѓувреме подготви пакет-мерки за намалување на бројот на српски граѓани кои заминуваат во држави од ЕУ за азил, објави пак „Вечерње новости“. Тоа го соопшти началникот на Управата на граничната полиција Ненад Бановиќ кој е и претседател на владина комисија за контрола на безвизниот режим.

Asylbewerber Serbien Bad Doberan
Српско семејство кое бара азил во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa

Тој вели дека по барање на Белград, Германија се согласила да ја вклучи Србија во списокот на безбедни држави и се очекува и други држави од ЕУ тоа да го сторат. Во пракса тоа значи дека српски граѓани нема да може да побараат азил повикувајќи се на политичко гонење и автоматски ќе бидат депортирани.

Комисијата планира заедно со Министерството за транспорт да засили контрола за издавање дозволи на возачи за меѓународен транспорт. Инспектори на Министерството ќе дежураат на границите и ќе ги враќаат возачите кои немаат валидни документи.

Мерките предвидуваат и засилување на соработката со европски партнери во чии држави има најмногу српски граѓани азиланти.

Во изминатите три години околу 32.000 луѓе со српски пасоши побарале политички азил во Германија, Шведска, Белгија, Швајцарија и Луксембург, иако само еден отсто од молбите се прифатени.

Планот на Белград вчера го најави и српскиот министер за надворешни работи Иван Мркиќ при посетата на Љубљана, без да прецизира детали. Тој меѓутоа побара разбирање укажувајќи и на фактот што Србија при спречувањето на српските баратели на азил да отпатуваат од земјата е ограничена од меѓународните конвенции. Освен тоа, истакна Мркиќ, само 0,5 проценти од српските баратели на азил се „етнички Срби“, а барањето за азил е „еден вид бизнис“ зашто многу баратели сакаат во ЕУ „илегално да заработат“.

Asylbewerber in Deutschland
Германија инсистира на мерки за намалување на бројот баратели на азилФотографија: dapd

Барање за притисок врз Македонија и Србија

Претседателката на Советот на германската фондација за миграција и интеграција Кристине Лангефелд во интервју за германското радио Дојчландфунк денеска (27.10.2012) повторно побара ЕУ да изврши поголем притисок врз Македонија и Србија, од кои засилено доаѓаат баратели на азил во Германија, за да ги подобрат условите на живот на малцинствата. Признавањето на правото на азил во Германија од овие земји е рамно на нула, констатира таа. Различни банди ги залажуваат луѓето дека имаат шанси за азил во Германија, но по три месеци тие мора да се вратат назад, во мизерни животни услови, вели Лангефелд. Во врска со барањето на германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих за скратени постапки за протерување на барателите на азил од Македонија и Србија, Лангефелд се залага за разјаснување на тоа колку овие две држави можат да бидат третирани како сигурни.

Организацијата за помош на бегалците „Про азил“ пак се изјасни против специјалните правила за бегалците од Србија и Македонија, заговарани од министерот Фридрих. Централен елемент на секоја постапка кај барањето азил е „проверка на секој одделен случај“, соопшти денеска „Про азил“.