1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Засилена дипломатија на Блискиот Исток

Агенции/Дојче веле15 јануари 2009

Израел ја продолжува офанзивата во појасот Газа, истовремено се засилуваат дипломатските напори за прекин на огнот. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штејнмајер е во посредничка мисија во Израел.

https://p.dw.com/p/GYgF
Израелскиот и германскиот министер за надворешни работи, Ципи Ливни и Франк Валтер ШтајнмајерФотографија: AP

И покрај интензивните меѓународни напори за примирје, Израел веќе 20-ти ден по ред ја продолжува воената акција во појасот Газа. Воената авијација ноќеска бомбардирала 70 цели, меѓу нив и една џамија и повеќе ракетни рампи. Милитантните Палестинци пак испалиле 16 ракети и гранати врз Израел, се водат жестоки борби во јужниот дел од градот Газа.

Kämpfe im Gazastreifen
Борби во ГазаФотографија: picture-alliance/ dpa

Штајнмајер во повторен посреднички обид

Паралелно течат посредничките обиди за прекин на огнот на Блискиот Исток. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер во текот на денов ќе се сретне со израелскиот премиер Ехуд Олмерт, својата колешка по функција Ципи Ливни, министерот за одбрана Ехуд Барак и израелскиот претседател Шимон Перес. По средбите во Тел Авив и Ерусалим, Штајнамајер во Рамалах ќе разговара со палестинскиот претседател Махмуд Абас, а во Каиро со тамошниот шеф на тајната служба Омар Сулејман.

Пред заминувањето, Штајнмаер заедно со својот француски колега Бернар Кушнер упатија заеднички апел до страните во конфликтот за итен хуманитарен прекин на огнот и крај на борбите меѓу Израел и Палестинците.

Steinmeier auf Nahost Reise Treffen mit Barak
Штајнмајер и израелскиот министер за одбрана Ехуд БаракФотографија: picture-alliance / dpa

Апел од Бан Ки Мун

И генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун се наоѓа во посета на Блискиот Исток. Тој исто така ги повика Израел и Хамас на запирање на конфликтот. На прес-конференцијата во Каиро тој го образложи редоследот на чекорите кои треба да бидат преземени:

ban ki moon
Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и египетскиот министер за надворешни работи Ахмет Абул ГаитФотографија: ap

„Првиот и најважниот е прекин на огнот. Потоа можеме да дискутираме за хуманитарна помош и обнова, за заштита на населението во Газа преку меѓународни механизми, набљудувачи и слично. Заради стабилизирање на хуманитарната ситуација, мора да бидат отворени граничните премини, во согласност со договорот од 2005-та година,“ побара Бан Ки Мун. Тој ја пофали и посредничката улога на Египет. Во Каиро денеска пристигнува израелскиот преговарач Амос Гилад, а паралелно се водат преговори и со Хамас.Портпарол на египетското Министерство за надворешни работи изјави дека се преговара за десетдневно примирје и се надева на скор успех. Сирискиот претседател Башар Асад исто најави посреднички напори за долгорочен прекин на огнот.

Шефот на палестинската влада од Хамас, Исмаил Ханија, во интервју за британскиот весник „Индепендент“ ги повтори условите за запирање на судирите. Тоа се прекин на блокадата на појасот Газа, отворање на граничните премини и комплетно повлекување на Израел.