1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Засилени безбедносни мерки за летовите за САД

СН/ агенции
26 октомври 2017

Сите патници на меѓународните летови кон САД од денеска мора да се подготват на заострени безбедносни контроли. Кон мерките припаѓа и своевидно испрашување при чекирањето.

https://p.dw.com/p/2mWqD
USA Boeing-737 landet in Washington
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com/L. Faerberg

Меѓународните авиокомпании од денеска постепено ќе почнат да ги применуваат новите безбедносни мерки за летовите за САД, кои вклучуваат и детални испитувања на патниците. Портпаролката на американската администрација вчера соопшти дека новите безбедносни мерки за летовите за  САД од странство ќе се однесуваат „за сите летови“, пренесува агенцијата АП.

Лиза Фарбстин, портпаролка на американската управа за сообраќајна безбедност, изјави оти новите мерки ќе погодат околу 2.100 летови кои дневно пристигнуваат во САД. Таа рече дека новите безбедносни мерки „би можеле да вклучуваат“ засилен „скрининг“ на патниците, засилен „скрининг“ на електрониката и заострени безбедносни мерки и додаде оти и државјаните на САД и странците ќе бидат подложени на истите безбедносни проверки.

Шест светски авиокомпании кои имаат интерконтинентални летови, соопштија вчера дека ќе почнат да им поставуваат „безбедносни прашања“ на патниците пред да се качат на летот за САД, на барање на американските официјални лица.

Deutschland Fluggäste am Hamburger Flughafen
Фотографија: picture alliance/dpa/D. Reinhardt

Авиокомпаниите Емирејтс, Ер Франс и Норвиџан потврдија дека американските власти побарале построги контроли, а други компании наведоа во соопштенија оти, исто така, ќе вршат контроли во согласност со барањата на САД.

Детали за нови мерки, кои влегуваат во рамките на имиграциската политика на администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп, засега не се прецизирани.

Компанијата Емирејтс наведува оти со патниците ќе се водат разговори на местото на чекирање на летот, додека Ер Франс наведе дека ќе водат дополнителни „безбедносни разговори“.

Ер Франс соопшти оти новите мерки целосно ќе бидат спроведувани од наредната недела на сите летови за САД. Француската компанија наведе дека од денеска ќе почне со примена на новите процедури на парискиот аеродром Орли, а една недела подоцна, на 2 ноември и на аеродромот Шарл де Гол. Во основа сите авиокомпании со интерконтинентални летови им препорачаа на патниците кои летаат за САД да дојдат порано на аеродромот, односно постапката за чекирање да ја започнат четири часа пред летот.