1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затворањето на логорот Гвантанамо се’ подалечна цел

9 март 2011

Американскиот претседател Барак Обама се’ повеќе се оддалечува од најавеното затворање на озлогласениот логор за осомничени терористи во воената база Гванатанамо.

https://p.dw.com/p/10VPG
Бодликавиот тел останува: озлогласениот затвор Гвантанамо на КубаФотографија: AP

Американскиот претседател Барак Обама деновиве даде „зелено светло“ за обновување на работата на воените трибунали, кои ги укина по доаѓањето на власт пред две години. Новата наредба на претседателот Барак Обама треба да претставува дел од новиот каталог на мерки, со кои неговата влада има намера да го решава проблемот со затворениците во Гвантанамо, кои пак со години се во затвор без против нив да се води судски процес. Претставник на Белата куќа соопшти дека Обама не се откажал од намерата да го затвори логорот, што свечено го вети два дена по стапувањето на функцијата и за тоа си даде рок од една година.

Опасни и помалку опасни терористи

Обама освен тоа потпиша наредба со која затворениците, кои се сметаат за опасни терористи, можат и понатаму да останат во затворот без судската постапка и соодветна пресуда. Нивниот статус треба да се разгледува најмалку секои четири години. Оние затвореници, пак, кои не претставуваат посебна опасност за САД ќе бидат екстрадирани во странство. Ослободувањето затвореници и нивно пуштање на американска територија не доаѓа предвид, порачува официјален Вашингтон. На тоа категорично се спротиставуваат пратениците на Конгресот.

US-Lager Guantánamo
Каква судбина ги очекува уште 170-те затвореници?Фотографија: dpa

Критика од организациите за човекови права

Една од американските организации за човекови права оцени дека Обама со најновите мерки го легализирал неограниченото затворање и ја обновил работата на „нелегалните воени трибунали“. „Ако постојат веродостојни докази, тогаш затворениците треба да бидат изведени пред редовен суд во САД“, бара организацијата ACLU.

Автор: ГЧ/ ЖА/ дпа/ афпд

Редактор: Александра Трајковска