1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затвор поради блог

18 август 2009

Карим Амер, еден од најпознатите блогери во Египет, во 2007 беше осуден на 4 год. затвор поради навреда на претседателот и на религијата. Во новиот процес против него, се расправа за предвремено ослободување на Амер.

https://p.dw.com/p/JCxy
Египетскиот блогер Карим АмерФотографија: AP

Карим Амер беше упасен во 2006 година. Во својот блог тој критички се произнесе за споровите меѓу муслиманите и христијаните во Египет и за речиси религиозниот став на некои Еѓипќани кон претседателот Хосни Мубарак. За неговите делумно иронични забелешки му беа досудени четири години затвор. Гамал Еид од организацијата „Арапска мрежа за информации за човековите права“, за улогата на Карим на египетската блогерска сцена истакнува: „Позитивно е што го поддржуваат сите блогери, сеедно дали имаат исламска заднина или не се религиозни, дали се левоориентирани или либерали. Иако е познато дека Карим не е религиозен. Станува збор за правото на слободно изразување. Мислам дека големата поддршка на блогерите и пред се’ на египетските блогери го претвори во еден од петте најважни затвореници во светот, кои се борат за правото на слободно изразување.“

Организациите за човекови права како „Репортери без граници“ или „Арапската мрежа за информации за човековите права“ сметаат дека Карим бил измачуван. Неговите адвокати со месеци немаат пристап до него, и покрај тоа што обезбедија документи за посета: „Не можеме да го посетиме и многу сме загрижени за неговата лична безбедност.“

Блогерите во конфликт со полицијата

Ägypten Blogger Prozess gegen Abdel Kareem Nabil
Карим Амер осуден на четири години затворФотографија: AP

Во египетските затвори во меѓувреме се затворени повеќе блогери критички настроени кон владата, отколку новинари. Речиси сто блогери минатата година влегле во конфликт со полицијата. Меѓу нив има некои кои известуваа за насилство во полициските станици, други повикуваа на штрајк против мизерните работни услови во текстилните фабрики. Со полицијата во судир влегоа и активистите за животна средина и борците за правата на жените. Блогерите може полесно да бидат заплашувани отколку новинарите, вели Гамал Еид: „Во борбата за слободата на говорот постои важна разлика меѓу новинарите и блогерите. Блогерите критикуваат се’ што критикуваат и новинарите. Но ретко се случува новинарите да бидат уапсени, измачувани или киднапирани. На блогерите тоа може да им се случи, бидејќи немаат сопствено здружение, ниту синдикат.“

Што се однесува до актуелното сослушување во случајот на Карим Амер, Еид од „Арапската мрежа за информации за човековите права“ е воздржан. Важно прашање ќе биде колку судот е независен од религиозните и државните влијанија: „Тоа во Египет во моментов не може добро да се процени! Ние бараме да му биде судено според законите, тогаш ќе биде ослободен. Но ако му се суди според религиозните сфаќања, тогаш нема надеж за скорешно ослободување.“

Според организациите за човекови права египетската влада планира нови законски правила за интернет. Тие предвидуваат казни за „злоупотреба на користењето на интернет“ и за „ објавување на мултимедијални содржини без владина дозвола.“

Автор: Ханс Михаел Ел / Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска