1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Балканот само привилегирано партнерство со ЕУ?

5 март 2012

Барањето излез од кризата го турна во втор план во известувањето од самитот на ЕУ доделувањето кандидатски статус на Србија. Денеска (05.03.2012) во германските весници има повеќе коментари за патот на Србија кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/14FKw
Фотографија: Getty Images

Во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ најголем дел од подолгиот уводник на насловната страна е врзан за односот на Србија кон Косово, со потсетување на случајот со Кипар и со напомена: „ЕУ не би требала во своето средиште да внесе уште еден замрзнат конфликт“. Со оглед на опаднатата согласност за пристапување кон ЕУ, која во српското население сега е одвај околу 50 проценти, во текстот се вели: „Проевропските сили во Белград имаат проблем со тоа што нивните регали се празни. Ним веќе не им веруваат дека е можен брз пристап на земјата кон ЕУ. Со добра причина, оти ЕУ е зафатена самата со себе си.

Во ЕУ има задршки против проширувањето откако влез посакуваат и нови членки. Но, кризата на еврозоната им дава на двоумењата поголема тежина отколку сите тешкотии од минатите години. За тоа, дали не е подобро земјите од Балканот што сакаат да пристапат (освен Србија, тоа се и Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија) да се држат на растојание со некое привилегирано партнерство, се дискутира не само во Берлин. Атина ги упропасти наградите за нејзините балкански соседи од северот. #b

Доколку во процесот на проширувањето, по приемот на Хрватска, дојде до долготраен или целосен застој, границата меѓу ЕУ и Балканот (со исклучок на Бугарија) во голем дел би се протегала таму, каде што уште во времето на Османлиското царство беше границата помеѓу западниот и источниот свет. Го сака ли ЕУ тоа?“, со прашање завршува уводникот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

„Изборен подарок од Брисел“ коментира уште во насловот весникот „Тац“. „Кандидатскиот статус за претседателот Борис Тадиќ и неговата ’Демократска партија‘ (ДС) е од животна важност. Пред парламентарните и локалните избори на почетокот на мај српскиот динар достигнува рекордно ниска вредност, животниот стандард драстично опаѓа, цените и невработеноста растат. Без ’сигурна‘ ЕУ-перспектива, или барем без можност кандидатскиот статус така да се прикаже во предизборната кампања, проевропската ДС би имала минимални шанси. Кандидатскиот статус е драгоцен подарок за Тадиќ, кого во Брисел го третираат како партнер од доверба во Србија. (...) Кандидатски статус без утврден термин за почеток на преговори не е ништо повеќе, отколку подршка за Тадиќ и неговите пријатели во предизборната кампања. Секој знае дека Србија не ќе може да совлада ниедна натамошна пречка на патот кон членство во ЕУ без признавање на Косово. Тоа нема да го дозволат 22-те земји на ЕУ кои го признаа Косово. Но, на Борис Тадиќ во прво време му е доволен и кандидатски статус: ’Мојата политика кон Европа и Косово сега положи историски тест‘, изјави тој свечено. Тоа веројатно би требало да значи дека би било можно и Косово никогаш да не биде признаено, и да се добие членство во ЕУ. Не е важно што такво нешто нема да функционира. Главно е избирачите да веруваат во тоа“, заклучува „Тац“.

Symbolbild deutsche Presseschau Presse
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Зиддојче цајтунг“ исто така го смета доделувањето кандидатски статус како предизборен подарок за претседателот на Србија. „Ако тој победи на изборите, и ЕУ ќе биде среќна. Оти, нема сомневање дека како партнер е попредвидлив. Нема сомневање дека тој е ’проевропеец‘, психологот (Тадиќ, н.з.) тоа повеќе пати го докажа“.

Текстот носи наслов „Корумпирана во иднина“, што се документира во еден пасус од написот: „Нетранспарентни приватизации, подмитувања, нејасни сопственички односи се само неколку темни страни на српската економија. Недоволно е корупцијата да се објасни како алчност на поединечни олигарси. Корупцијата е системска, вели Верица Барац (раководител на антикорупциските власти во Србија, н.з.). А одговорноста за тоа честопати им се префрла на претседателот Тадиќ и неговата партија, кои се тесно поврзани со олигарсите“, се вели, покрај другото, во „Зиддојче цајтунг“.

Автор: Зоран Јордановски/фац/зц/тац

Редактор: Борис Георгиевски