1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За белиот монолит

Синоличка Трпкова
17 август 2018

Ако не постои капацитет да се учи од сопствената историја, секогаш се повторуваат грешките од минатото. На тој што не дозреал во периодот на детските игри, и кога ќе порасне, пак другите ќе му бидат криви за сенешто.

https://p.dw.com/p/33IFo
Sinolicka Trpkova
Фотографија: Privat

Минувам пред зградата на ВМРО во центарот на градот. Ми заличува на монолитот од филмот Одисеја 2001, дојден да ги собере сите наши сеќавања во една црна дупка. Први на удар беа спомените и белезите од некое не многу дамнешно време, во кое создадовме држава, јазик, култура и уметност, универзитет, заедништво и солидарност. Добар дел од тие траги се сега збришани, срушени, преобликувани и претопени во нешто ново, за многумина потполно непрепознатливо. Страшно е бришењето на колективната меморија (хард-диск) на еден народ и всадувањето на нова - „фабрикувана”, со намера тој да се репрограмира и негира самиот себеси. Дури и најстрашните споменици се оставаат да бидат потсетници за злото кое не смее да се повтори. Но, нашиов монолит ни донесе ново време, нови луѓе и нов свет, воведе нови правила на игра и не' разнебити како народ. Ги закрви и подели луѓето. И еве сега повторно повици за обединување и постројување за да го браниме „името, народот, историјата” што некој сака да ги продаде и украде. За да ја испуштиме и последната шанса барем малку да мрднеме напред, после тридецениско одење наназад. Зарем не' научивме досега да го препознаеме повампирениот фашизам што ни го донесоа оние што „барем градеа” меѓу другото и вакви „бели монолити”, што ќе сведочат за ова време?

Други колумни од авторката:

-За живот без клетви

-За нашиот државен пубертет

-За олигарсите и уметноста

Во серијата „Вестворлд” што зборува за доброто и злото, создаден е еден паралелен свет со роботи – копии на луѓе, сместени во минато време. Овој свет е грижливо одржуван од неколку „креатори”. Тој служи како забавен парк во којшто можат вистинските луѓе да прават се' што ќе посакаат, дури да ги изживуваат и најскриените пориви. Во тој свет вистинските луѓе влегуваат ослободени од кочниците на реалниот свет, за да прават се' што ќе им падне на ум, без да се цензурираат себеси. Луѓето таму се соголуваат до срж, без маски и скрупули, и ги живеат своите потиснати, често злокобни фантазии. Но тоа не е доволно. Вистинските луѓе иако мислат дека платиле за сопствената „забава” во виртуелната реалност, всушност создаваат инспирација за усовршување на роботите што почнуваат да возвраќаат и се раѓа неконтролирано насилство. Станува неважно дали си робот или човек, зашто на крај сите подеднакво страдаат, а сајберската „забава” за богататите семоќници – завршува со море крв! Или како што вели мотото во серијата, преземено од Шекспир – „Насилните задоволства завршуваат со насилен крај”.

UK PR-Aktion für Westworld
Фотографија: picture-alliance/empics/M. Alexander

Програмирање

Меморијата на една нација или општество е вткаена во нејзината сегашност. Таа се манифестира во способноста да се создадат услови за човечки развој, слобода и креативност. Таквата колективна меморија е цивилизациски дострел на една средина, преку којшто може да се види колку таа учела од сопствените грешки во минатото и успеала да напредува, според параметрите на човечкиот и цивилизацискиот развој, слобода и креативност. Mеморијата на едно општество е присутна и видлива во архитектурата, во сообраќајот, во грижата за природата и средината, во меѓучовечките односи, во инклузивноста на лицата со попреченост, во слободата и нивото на медиумите, во научните достигнувања, во нивото на образованост и информираност на просечниот граѓанин, како и во стандардот на една земја. Зашто научените лекции од минатото треба да ги обединуваат луѓето во една средина за да создадат подобра заедничка иднина, независно од нивната различност.

Ако не постои капацитет да се учи од сопствената историја, секогаш се повторуваат грешките од минатото. На тој што не дозреал во периодот на детските игри, кога другите му биле виновни за крвавите колена или дупнатата топка, и кога ќе порасне, пак другите ќе му бидат криви за сенешто. Исто како и оние што мислат дека се бесмртни, возејќи со 200 км на час без кациги или управувајќи дрво-пијани со автомобили, што ништо не научиле од туѓите несреќи. Или оние што не мрдаат додека не добијат наредба од шефот, неспособни сами да донесат каква било одлука или да ја завршат работата (за која се преплатени)! Програмирани да веруваат дека се „антички”, а изгубени во суровата реалност. Кратки, штири и наменски се сеќавањата во тие глави, лесно заменливи, а податливи за полнење со лага и омраза. Да се запрашаш - дали се луѓе или роботи!?

Локален фашизам

Нашиот „бел монолит” не падна од небо, како во филмот, туку беше плански изграден во срцето на градот, за да ја разбуди сокриената природа кај луѓето. Исто како во серијата „Вестворлд” – креаторите на „новиот свет” добија можност, во нашава реалност - да прават сѐ што ќе посакаат. Колку брзо и лесно се опушта човек во игри без правила. Нашиот локален фашизам очигледно имал моќ да тече низ вените на неговите потомци и да се крие во најтемните патеки од нивниот ум. И еве го повампирен, успева да ги корумпира и јазикот и комуникацијата и однесувањето и симболите на човечноста, разгорувајќи нетрпеливост и омраза и користејќи невини луѓе - како жив штит! Погледнете внимателно околу вас и ќе го забележите во сиот негов „сјај”, распослан на профилите, блоговите и порталите кај „неуморните и жестоки борци” за името, минатото, идентитетот и правдата. Кај истите оние што први ја испоганија и фрлија пепел на сопствената, понова историја. Нивното единствено мото е пресметка и линч! Преферираат да оперираат во толпа. И еве ги сега, како прегладнети вампири лунѕаат низ етерот, барајќи жртви за да ги распнат во виртуелниот простор. И сето тоа - во име на љубовта кон татковината и народот! Како да им објасните на нивните читатели, следбеници и поддржувачи дека и тие ризикуваат да станат соучесници во отчовечувањето и распадот на една земја!?

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Скоро сите разумни и цивилизирани начини за справување со оваа разулавена фашистичка наезда од воспалени глави, се изгледа исцрпени. Некој совршено успеа да го всади семето на злото и омразата и да создаде еднодецениско наследство, со кое очајнички се обидуваме да се справиме. Тој некој има име и презиме, сеуште шета слободно, дрско и со дигната глава и креира нови сценарија за нови „насилни задоволства”, коишто не смееме да дозволиме да завршат насилно. Но повеќе e од извесно дека ќе има уште страдање пред  „белиот монолит” да стане нашиот споменик-потсетник на злото. За овој пат - навистина да не се заборави.