1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За градоначалник на Париз кандидат со македонско потекло

Тони Гламчевски 19 јануари 2014

Кристоф Најдовски е роден во Париз. Неговите родители имаат македонско потекло. Денес тој е кандидат за градоначалник на Париз, каде ја предводи листата на партијата на Зелените. За ДВ зборува за своите предизвици.

https://p.dw.com/p/1AtK7
Фотографија: Christophe Najdovski

Кристоф Најдовски е единствен политичар во Франција што се кандидира за толку висока функција, а можеби и во Западна Европа, кој е со потекло од Македонија.

„Можеби јас сум првиот политичар, тоа ми дава извесна гордост, но и извесна одговорност кон земјата од каде потекнувам – Македонија. Тоа ми дозволува да им порачам на оние кои се во дијаспората и се со потекло од родители кои емигрирале во други земји дека можат да се интересираат за јавниот и политичкиот живот во градот и земјата во која сега живеат, со што можат да го подобрат животот на луѓето. Ова е и смислата на моето ангажирање во Париз“, вели за Дојче веле, Кристоф Најдовски.

Во политиката, која не е негова професија, како што вели влегол „преку екологијата“, сакајќи да биде „актер, а не гледач“.

„Тоа се совпаѓа со убедувањата и идеите за изнаоѓање на модел за развој, со оглед дека имаме само една планета, односно да не се растураат бесконечно природните ресурси преку еден модел, кој ќе ја зачува природната средина и човекот со неговиот кавилетет на животот“.

Во Македонија урбаната политика наликува на таа во Франција од пред 20-30 години

Еколошките движења и партии имаа големо влијание во политиката за уредувањето и развојот на Париз во последниве дваесет години. Нивната акција дојде посебно до израз во транспортот и враќањето на трамвајот, операцијајата „Париз-Плажа“ покрај Сена или пак создавањето на зелени простори и места во детските градинки, што веќе пет години е во директна надлежност на Најдовски.

Но дали може да се направи паралела меѓу еколошката свест во Франција и Македонија, Кристоф Најдовски вели дека двете земји имаат различно минато и ниво на развој.

„Денес тоа што го гледам е дека урбаните политики кои се водат во Македонија, на пример во Скопје, наликуваат многу на политиките кои се водеа пред дваесет или триесет години во Париз за подобрување на автомобилскиот сообраќај. Од пред 12 години во Париз ние избравме намалување на автомобилскиот сообраќај и развој на јавниот превоз и велосипедот.“

Paris - Eifelturm und die Seine
Фотографија: Getty Images

Кристоф Најдовски и партијата Европа Зелени Екологија има тесни контакти со пријателите од македонската политичка партија ДОМ, која има статус на набљудувач во Европската партија на Зелените. Правејќи паралела меѓу еколошките движења и партии, тој констатира дека најголемиот број од случаите, партиите на Зелените во Европа се во коалиција со социјал-демократите, во Македонија тие се со конзервативците.

„Јас ги посетив моите пријатели од ДОМ минатата година во Скопје, а имав можност да разговарам со нив и во Париз на состанокот на Европската партија на Зелените. Се обидуваме да пренесеме дел од нашите искуства, јас посебно од моите искуства како избран во градот Париз, со совети за развој на еколошката свест на граѓаните.“

Зелените ја поддржуваат Македонија

Кристоф Најдовски притоа нагласува дека Зелените на европско ниво од секогаш ја поддржувале европската интеграција на Македонија и посебно правото таа да го употребува своето уставно име – Република Македонија и дека граѓаните имаат право да се викаат Македонци, бидејќи тие се Македонци.

„Жалам што Македонија нема напреднато повеќе во евроинтеграцијата. Но скоро десет години сме блокирани поради прашањето за името со Грција. Мислам дека има недостиг на храброст од извесни европски елити по ова прашање. Колку што знам има еден регион кој се вика Луксембург во Белгија и една држава со истото име. Тоа не му создава проблем на никого. Затоа не гледам зошто би имало проблеми ако има еден регион кој во Грција се вика Македонија, и една држава до неа која се вика Република Македонија.“

Најдовски притоа забележува дека општо земено во Франција постои глобално непознавање не само на Македонија, туку воопшто и на Балканот.

„Постои извесна незаинтересираност во Франција за овие земји, кои се европски земји и кои имаат определба да бидат интегрирани во ЕУ. Затоа ЕУ треба да го забрза процесот на нивната интеграција, наместо да ги блокира.“

Christophe Najdovski
Кристоф Најдовски советник во градскиот совет на Париз и кандидат за градоначалникФотографија: Christophe Najdovski

Кандидатот на Зелените во Париз не знае дали има „македонско лоби“ во Париз, ако го има тоа не носи плодови. Тој не ја знае ниту „реалната волја на македонската влада за да чекори кон ЕУ во последниве месеци.“ Најдовски притоа за ДВ открива дека досега никој не го контактирал од страна на Македонија да лобира во нејзина полза во Франција.

„Јас се обидувам да ги сензибилизарам политичарите и луѓето со кои се среќавам со ситуацијата на болкада во која се наоѓа Македонија. Ситуација која е необична и која не би требало да ја има во Европа.“

Што сака да промени во Париз

На прашањето на Дојче веле, ако биде избран за градоначалник на Париз што ќе биде променето во француската престолнина, Кристоф Најдовски одговара:

„Париз е прекрасен град за целиот свет кој привлекува десетина милиони туристи годишно. Но, Париз е исто така и град тежок за живеење за неговите жители со секојдневниот стрес на урбаниот живот. Во Париз сакам да го подобрам квалитетот на животот. Приоритет број еден е станбената политика, во Париз имаме над еден милион квадратни метри канцелариски простор кој не се користи и кој може да се трансформира во станбен простор. Сакам и понатаму да го развиваме јавниот колективен транспорт, сонувам да видам трамвај кој се движи на кејот од Сена, другиот симбол на Париз. Исто така моја цел е да граѓаните станат многу поактивни во процесот на одлучувањето во градот, односно одлуките да бидат донесувани заедно со нив, а не против нив“.