1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Грција, вината е во Македонија

ЖА/миа24 јануари 2013

Портпаролот на грчкото МНР Григорис Делавекурас одговорноста за решавање на прашањето за името повторно ја префрли на Македонија.

https://p.dw.com/p/17QrM
Фотографија: dapd

Македонските власти бараат начин како да го заобиколат проблемот со името, наместо да го решаваат и ја сносат одговорноста за понатамошниот развој на настаните по ова прашање, изјави денеска портпаролот на грчкото МНР Григорис Делавекурас.

„За да дојдеме до решение, потребна е политичка волја“, рече Делавекурас и повтори дека Грција тоа го покажала со меморандумот за разбирање на кој „немало одговор од другата страна“.

Тој повтори дека решавањето на прашањето за името „ќе ги зајакне билатералните односи и регионалната безбедност и ќе му даде поттик на европскиот и евроатлантскиот курс на Македонија“.

Во врска со иницијативите на еврокомесарот Филе, Делавекурас го повтори соопштението од грчкото МНР кое беше објавено по поканата на Филе за средба со министрите Попоски и Аврамопулос дека „е многу јасно оти процесот што тече во ОН за конечно решавање на прашањето за името не е поврзан со пристапувањето на ПЈРМ кон ЕУ“ и оти „Грција во принцип нема ништо против средби кои се добро подготвени и кои ќе имаат ефективни резултати“.

Потсетувајќи на претстојната средба на претставниците на двете земји со посредникот од ОН во спорот за името, Метју Нимиц, кон крајот на јануари во Њујорк, портпаролот на грчкото МНР рече дека „се надева оти Скопје ќе покаже нов пристап, соодветен на она што Грција го покажа со меморандумот за разбирање кој му даде поттик и го оживеа процесот“ што се води со посредство на Нимиц.

Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот претседател Росен Плевнелиев дека „Бугарија не е во војна со Скопје, како Грција“, Делавекурас рече дека „бугарскиот претседател најверојатно се збунил затоа што Грција не само што не ‘ се заканува на Македонија, туку и придонесува за нејзината стабилност и безбедност“. Тој исто така ја истакна и важноста од претпазливост при давање слични изјави.