1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„За европска Македонија” – сонот (само) на едно лето?

15 јули 2019

Наместо да избере тимови од добро образовани, способни, искусни луѓе, македонскиот премиер сѐ уште избира верни и заслужни партиски кадри за значајни функции во власта. Затоа уште се чека да почнат сериозните реформи.

https://p.dw.com/p/3M4nb
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Токму пред една година, минатото лето, кусо време Македонија живееше со еуфоријата на сонот за „европска Македонија”. Кусо време се чинеше дека остварувањето на тој сон е на дофат и за Македонците. И покрај жестокото одбивање на Преспанскиот договор од опозицијата, голем дел од граѓаните во него препознаа шанса, работите во Македонија конечно да почнат да се менуваат. Се чинеше дека тридецениската летаргија и фрустрација ќе може да се надмине, со решителност, со државничка мудрост и  политичка визија за мир и пријателство. Луѓето поверуваа дека конечно ќе почне новото време, во кое, како во сите општества што се стремат кон членство во ЕУ, ќе почнат да се почитуваат европските прописи, закони, вредности и однесување. Тие што веруваа во тоа, го поддржаа Преспанскиот договор и го прифатија болниот компромис - промената на името на државата. Тие поверуваа дека, штом на актуелната македонска влада не ѝ недостигало решителност да го реши мачниот и долг спор со Грција за името на државата, тогаш  таа ќе покаже уште поголема решителност во спроведувањето на главниот услов за почеток на преговорите со ЕУ – реформите и борбата со криминалот и корупцијата. Затоа најголемиот дел од граѓаните го поддржаа  и Преспанскиот договор и кампањата на македонската влада за Референдумот.

Да се потсетиме, за кампањата беше избрано амбициозното мото - „За европска Македонија”! Таа парола стана фокусот околу кој се обедини еден бран од надеж и желба за промена. Мудрите државници знаат да ги препознаат таквите мигови и настапуваат со решителност – за да не ја пропуштат историската шанса! За жал, оптимизмот на граѓаните, кој можеше да стане мотор брзо да се консолидира сиот потенцијал за да се оствари таа цел, по Референдумот беше соочен со грдата и банална реалност. Тогаш другиот дел од македонските граѓани ја потврди тажната историска вистина за Македонците: дека тие не можат да се обединат дури и кога се работи за највисоките државни интереси. Од тој миг почна да се одвива горчливата драма, во која цената на пратеничкиот глас одеднаш скокна на политичката задкулисна „берза”. Големите опозициски „патриоти”, истовремено осомничени за криминал и корупција, ја „купија” својата неказнивост со гласањето за Преспанскиот договор во Собранието. Балканскиот менталитет е мајстор во политичките пазарења. Така се одржуваат коалициите, така се носат решенијата. Таа „политичка берза” со пратеничките гласови беше една од причини заради кои никогаш не почнаа вистинските реформи во правосудството. Итно донесениот закон за амнестија направи никогаш да не се спроведе правдата. Врвот беше достигнат кога на Груевски, на бившиот премиер, „му успеа” да се спаси од затвор со бегство од земјата. Додуша тој избега кај Виктор Орбан, во Унгарија, земја-членка на ЕУ, но тој чин уште повеќе ја оддалечи неговата татковина од сонот за „европска Македонија”.

Изневерена надеж

Сето тоа го нагриза оптимизмот кој во минатото лето, кога небаре сиот свет допатува во Македонија, за миг дозволи да се поверува дека  власта навистина веднаш ќе започне и со борбата против корупцијата и непотизмот. За жал, цела година помина во очекување на ветените реформи. Освен припадниците на коалициските партии кои учествуваат во власта, никој повеќе не е оптимист дека Македонија може да се реформира толку брзо и толку коренито, за да може наскоро да стане „европска Македонија”. Политичката реалност, постапките и на власта и на опозицијата, направија оптимизмот од минатото лето да се распрсне како меур од сапуница. Надежта на многумина, дека промените се можни, дека актуелната влада има решителност, сила и добра организација, паралелно со ратификацијата на Преспанскиот договор да започне и со реформите, беше изневерена. Коренитите промени, пак, требаше да започнат не само за да се исполнат сите услови за добивање на датумот за преговори во јуни оваа година, туку, пред сѐ, за да не се изневери надежта на граѓаните. Затоа што реформите, почитувањето на законите, спроведувањето на правдата и казните за сите кои сториле криминални дела во однос на државата не се важни само како услов пред ЕУ. Тие се важни, пред сѐ, за македонските граѓани и за нивната верба во политичарите и во државата воопшто.     

Други колумни од авторката:

Македонците - систематични само кога мразат

Македонските стереотипи за „дијаспора”

Ако политичката клима во која Македонија се наоѓа на почетокот на ова лето се спореди со оптимизмот на минатото лето, тогаш ова може да се нарече „лето на изгубените илузии”. Треба да се поседува голема доза на наивен оптимизам за да се говори денес за „европска Македонија”. Се чини како Македонија да се оддалечува, а да не се приближува на европските стандарди и вредности. Како одговорните политичари да не се свесни колку е трагично за една држава кога граѓаните ја губат надежта дека промените се воопшто возможни. Може ли да се верува во „европска Македонија”, во која криминалците-богаташи се неказниви, додека сиромашните граѓани буричкаат во кантите за ѓубре по „скапоцености” – по празни шишиња? Никогаш во Македонија расцепот помеѓу малкуте безмерно богати граѓани и оние обичните, кои со мака врзуваат крај-со-крај, не бил толку длабок. Македонија никогаш не беше богата земја. Слојот на богатите во социјализмот беше малуброен. Најголемиот број на граѓаните беа скромни, работливи и, пред сѐ, достоинствени луѓе. Тие веруваа во напредокот и во подобрата иднина, особено кога доживеаја Македонија да стане суверена држава. Тие илјадници скромни, работливи, чесни и достоинствени граѓани во социјалистичка Македонија ги градеа темелите за идната суверена држава Македонија. Тие веруваа дека политичарите во таа држава ќе бидат чесни и достоинствени, затоа што ним мора да им е уште појасно дека ја градат првата македонска држава. Првата македонска држава во историјата на македонскиот народ! Колку голема мора да е криминогената енергија на луѓето кои, откако станаа политичари во таа прва македонска суверена држава, немаа никаква друга поважна цел, освен, криминалот и корупцијата? Колку брзо таквите политичари заборавија дека тие беа избрани за да ги остварат соништата на сите што се бореа за самостојност на Македонија!

Постапки и дела, а не зборови!

Освен првата генерација на политичарите кои беа формирани во Југославија, голем број од политичарите кои го обележаа духот на транзицијата ја изневерија надежта на обичните граѓани. Тие, најчесто, политичката функција ја сфатија како можност за лесно и брзо збогатување. Непотизмот стана волшебната формула за успех во општеството. Вербата дека политиката е „најлесниот и науспешниот бизнис” се рашири како епидемија. Пред таа болест не се имуни ниту некогашните „шарени револуционери”, денешните припадници на актуелната власт. Ним не им е јасно дека таквото сфаќање на политичката функција е неспоиво со европскиот политички кодекс. А од нив се очекува да ги спроведуваат реформите во европски дух!  Тогаш, колку долго треба да чекаат македонските граѓани, политичарите во Македонија да почнат да се однесуваат според европските вредности? Оти само така ќе им поверуваат дека се способни да ги почнат процесите и реформите кои ќе го преобразат сето општество. Дури и кога Македонија би добила датум за преговори во септември, граѓаните имаат причина да не веруваат дека овие политичари тогаш веднаш ќе почнат да се однесуваат „европски” и ќе го променат својот ситнотрговски балкански менталитет, кој прво мисли на својата полза, а дури потоа на општиот интерес. Затоа во овој миг во Македонија се шири немир и очај. Никој повеќе не верува во паролата „европска Македонија”, како што веруваше минатото лето, кога се чинеше дека за Македонците сѐ е можно. Луѓето тогаш веруваа дека со заеднички сили ќе можат да го променат својот свет на подобро.Тие веруваа дека промените се можни, дека и македонското општество може да стане вистински „европско”. Веруваа дека тоа нема да го стори за нив никој однадвор, туку тие самите. Тоа беше драгоцен миг на оптимизам и верба, кој, за жал, власта не успеа да го исползува. Не успеа да ги собере околу проектот „европска Македонија” најспособните во земјата и надвор од неа. Новото време бара секогаш нови луѓе. Луѓе со стручност и визија, со чесност и работен морал. Такви луѓе има во Македонија, но уште повеќе меѓу оние што си заминаа во изминатите години. Тие чекаа македонскиот премиер да настапи со својата визија, со својот проект, како од земјата, пропадната во корупција и криминал, во непотизам и самоволие, тој сака да направи „европска Македонија”. Не со пароли, не со големи зборови, туку со постапки и со дела! Наместо да избере тимови од добро образовани, способни, искусни луѓе, македонскиот премиер сѐ уште избира верни и заслужни партиски кадри за значајни функции во власта. Затоа уште се чека да почнат сериозните реформи. Тие, пак, можат да почнат во секој миг, ако има волја и решителност за нив. Нека почнат тогаш од највидливото и најитното овие денови – од спасот на Охрид и на Охридското езеро! Охрид е симболот за Македонија. Ако власта го заштити Охрид од криминалот и корупцијата, од алчноста и самоволието, тогаш ќе ѝ поверуваат сите дека мислела сериозно и со паролата „за европска Македонија”.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.