1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Кипар, Македонија е одговорна за спорот за името

ЖА/миа13 јули 2012

Кипарскиот амбасадор во САД Павлос Анастасијадес, на претставувањето на приоритетите на кипарското претседавање со ЕС, одговорноста за наоѓање решение за прашањето за името целосно ја префрли на македонските власти.

https://p.dw.com/p/15Wxm
Фотографија: Reuters

„Полагаме големо значење на проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западниот Балкан. Задоволни сме што Црна Гора ги почнува преговорите, и што Србија го доби статусот на кандидат за членство во ЕУ. Кипар ја поддржува европската перспектива за сите земји од регионот, исто така и за Поранешната Југословенска Република Македонија. Се надеваме дека ќе има позитивен развој на настаните по прашањето за името, за да можеме да одиме понатаму. Тоа многу зависи од раководството во Скопје. Европската Унија јасно кажа дека е потребно позитивно придвижување по едно прашање, и тоа е неопходно за да има напредок“, изјави амбасадорот Анастасијадес, кој ги претставуваше кипарските приоритети на средба што во Вашингтон ја организираше Американскиот еврејски комитет.

Изоставувањето на Македонија од листата на земји-кандидати за членство во Европската Унија од програмата што Република Кипар ја претстави за нејзиното шестмесечно претседавање со ЕУ предизвика реакции во Македонија и во Брисел.

Амбасадорот Анастасијадес не заборави да ја наведе Македонија како земја-кандидат, но акцентот во програмата за проширување го стави на Црна Гора и на Србија, каде овие денови престојува и кипарската министерка за надворешни работи, Ерато Козаку Маркулис.

На прашање на Мето Колоски, претседателот на Обединетата македонска дијаспора, дали и Македонија може да очекува напредок во интеграциите за време на кипарското претседавање, амбасадорот Анастасијадес одговори дека Кипар би бил среќен да има напредок, но доколку властите во Скопје постигнат решение за спорот за името.