1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Weltalphabetisierungstag

8 септември 2011

Државите премалку се грижат за образованието, критикува германската УНЕСКО-комисија по повод Светскиот ден на писменоста. Притоа, образованието е предуслов за учество во општествениот живот.

https://p.dw.com/p/12Uwh
Фотографија: DW

За аналфабетите е исклучително тешко активно да учествуваат во општествениот живот и во развојот на земјата. Околу 793-те милиони возрасни неписмени луѓе во светот спаѓаат најчесто во најсиромашните во нивните држави, две третини од нив се жени. Правото на образование инаку е едно од основните човекови права, а неговата подобра реализација со децении тема на бројни меѓународни конференции. Светската декада на описменување, од 2003 до 2013 година, требаше да предизвика пресврт во меѓународни рамки. Кампањата, координирана од УНЕСКО, има цел до 2015 година да се преполови бројот неписмени луѓе. Но, уште сега е јасно дека целта е недостижна.

Flash-Galerie Entwicklungshilfe Afrika
Милиони луѓе во Африка се неписмениФотографија: picture-alliance/ZB

Премалку напредоци

„Пред 10 години постоеја една милијарда луѓе кои не знаеја да читаат и пишуваат“, истакнува портпаролот на УНЕСКО, Дитер Офенхојзер, во Бон. Во меѓувреме, постојат напредоци, пред се‘ во Кина, како и во Индија и во Пакистан и Бангладеш, но поради високата стапка на природен прираст во овие земји, процентот аналфабети е само малку намален. 

Процентот неписмени е висок и во земјите каде постојат вооружени конфликти, во Сомалија, Јемен, Авганистан, но и во некои региони на Африка.

Причините за незадоволителниот биланс се лошото раководење со земјите, недоволниот ангажман и недостатокот од образовни програми, пишуваат авторите на годинашниот извештај на УНЕСКО.

А токму во образованието УНЕСКО гледа важен предуслов за развој, мир и надминување на сиромаштијата и вооружените конфликти. Ако годишно само 10 проценти од тековните воени буџети се пренаменат во образование, речиси 10 милиони деца повеќе ќе стекнат основно образование. Малиот буџет за образование не е проблем само за земјите во развој, се жали генералниот секретар на германската комисија на УНЕСКО, Роланд Бернекер, зашто економската криза дополнително ја влоши состојбата.

Kurs an der JVA Münster für Analphabeten Flash-Galerie
Фотографија: picture-alliance/ dpa

И во индустриските земји има неписмени луѓе

И за индустриските држави аналфабетизмот одамна е општествен и човечки предизвик. Околу 2,3 милиони чуѓе во Германија едвај пишуваат, натамошни пет милиони имаат тешкотии со разбирање текстови, покажува актуелната студија. Овие т.н. функционални аналфабети учеле пишување и читање во училиште, но во текот на животот повторно ја заборавиле оваа способност поради непримена, истакнува Клаудија Лореншајт од Германскиот институт за човекови права во Берлин.

Притоа, без перспектива нема никаков поттик за учење. А без писменост е невозможно учество во општествениот живот и во демократијата.

Автор: Улрике Маст-Киршнинг/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски