1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Олимпијадата - на турнир во Шведска

30 јануари 2012

Ракометната репрезентација, настапот на Европското првенство и избореното право за нова битка, за учество на ОИ во Лондон, е приказна која трае.

https://p.dw.com/p/13son
Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонските ракометари минаа низ Триумфалната порта. Во Скопје беа пречекани како спортски херои. Зад себе оставија епизода за долго паметење. Но, пред македонскиот тим следат нови обврски. Македонија во вчерашната жрепка ја доби Австрија за противник во „баражот“ за Светското првенство во 2013-та година. Конечниот редослед на Европското првенство ја однесе Македонија во втората квалификациона група за Олимписките игри, во која се домаќинот Шведска, како и Унгарија и Бразил. Првите две селекции обезбедуваат пат во Лондон.

Олимпијадата е следниот приоритет

Капитенот Кире Лазаров и во моментите кога тој и неговите соиграчи беа кренати високо од егзалтираната маса во Скопје, останува цврсто на нозе:

Mazedonische Handballer Empfang in Skopje nach der EM in Serbien
Кирил ЛазаровФотографија: DW

„Треба да останеме цврсто на земја, бидејќи станавме малку пославни одошто бевме. Но, тоа е нормално и го заслуживме. Ние, сепак, сме професионалци. Во искушенијата што не‘ очекуваат, со овој квалитет можеме да направиме добар резултат и првпат од Македонија во еден колективен спорт да се пласираме на Олимпијада.“

Генерација која треба да се негува

Генерација која ја краси комплетност, играчка зрелост и квалитет за соочување со најдобрите. Ова е еднодушна оценка меѓу спортските познавачи по настапите на ракометарите на Европското првенство. Спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, смета дека оваа селекција заслужува силна поткрепа.

Mazedonische Handballer Empfang in Skopje nach der EM in Serbien
Лазар ПоповскиФотографија: DW

„Ракометната репрезентација на Македонија и официјално стана олимписка репрезентација на Македонија. Тоа значи дека во јуни ја очекуваат квалификации. Се надевам дека оваа екипа на квалификациониот турнир во Шпанија може да избори пласман на Олимпијадата. Сите се надевавме дека Македонија ќе биде меѓу првите 8 екипи на ЕП, но по се‘ што се случуваше таму, мислам дека Македонија можеше да оствари и подобар резултат, дури и да освои медал. Оваа генерација треба да се негува, да се вложи во неа во овие неколку месеци, за да се постигне посакуваниот резултат.“

Лазар Поповски, како директор на Агенцијата за млади и спорт на Македонија, е свесен за обврската со која се соочува, по резултатите на ракометната репрезентација:

Mazedonische Handballer Empfang in Skopje nach der EM in Serbien
Фотографија: DW

„Секогаш спортистите се на прво место. Имаме должност и обврска да им обезбедиме максимални услови за тренинг и натпревари, да ги однесеме онаму како што треба, да ги бодриме, кога ќе се вратат да ги пречекаме и прославиме нивниот успех. Се разбира, и соодветно да ги наградиме.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска