1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За помошта на Африка расправаше и Европскиот парламент

6 јули 2005

Во напорите за поттикнување на развојот на Африка се вклучува и ЕУ. Неопходна е итна помош, бидејќи секој ден на црниот континент умираат по 25.000 лица од глад, посочи во Европскиот парламент, шефот на Комисијата Жозе Мануел Барозо.

https://p.dw.com/p/AcEF
И вака се живее на „црниот континент„
И вака се живее на „црниот континент„Фотографија: AP

ЕУ повторно ја открива Африка и овој континент е во фокусот на развојната помош на Европејците за 2005-та година, најави надлежниот евро-комесар, Луј Мишел:

„Тоа ќе ни овозможи развојната помош од државните буџети да ја удвоиме до 2015, а што се однесува до Африка помошта ќе стане двојно поголема веќе до 2010-та!„

Преточен во конкретни бројки овој заклучок од последниот самит на европските 25-мина значи 20 милијарди евра во спомнатиот период до 2010, а до 2015 помошта треба да достигне и рекордни 45 милијарди. Сето со намера да се остварат прокламираните милениумски цели на ОН за надминување на сиромаштијата. Актуелниот претседавач со министерскиот совет на ЕУ, шефот на британската дипломатија Џек Стро, затоа предупреди:

„Прекрасните концерти за помош на Африка се уште одекнуваат во нашите уши. Тие, како и претстојниот самит на Групата Г-8 во Глиниглс разбудија големи надежи кај луѓето како во Африка, така и во Европа и во целиот свет. Затоа овој пат мора да ги исполниме ветувањата за помош.„

Стро предупреди дека за помошта да ги постигне посакуваните ефекти, мора нешто да сторат и владите во африканските земји:

„Мораме да преземеме се‘ за помошта да не ги поддржува лошите влади и да не ги обогатува корумпираните политичари. Напротив, таа треба да ги натера владите на подобро работење и да стигне до сиромашните, на кои им е и наменета.„

А надлежниот евро-комесар за развојна помош Луј Мишел, посочи и дека е неопходно воспоставување фер трговски односи со африканските стопанства и олеснување на пристапот на нивните производи до пазарите на богатите и развиени земји:

„За прв пат се водат трговски разговори со цел да се заснова вистинско партнерство со овие земји. За прв пат целта гласи создавање и регионална соработка меѓу партнерите.„

ЕУ вети дека уште годинава ќе ги укине извозните субвенции за аграрните прозиводи, а и американскиот претседател сигнализираше пред средбата на Г-8 во Шкотска дека е подготвен на таков чекор, доколку Европејците го спроведат истовремено.