1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За презир

Сибиле Голте10 мај 2008

Независно од критиките кои во Мијанмар доаѓаат од сите страни на светот, само една недела откако циклонот „Наргис“ направи пустош во земјата, денеска се одржа референдум за нов устав.

https://p.dw.com/p/Dxqe
Избирачко место во МијанмарФотографија: AP

Колку треба да се биде циничен, колку да се биде злосторник за десетици илјади луѓе да бидат изложени на сигурна смрт од глад и болести, додека хуманитарната помош е во непосредна близина и има голем број хуманитарци подготвени да помогнат за да се спречат најлошите последици од природната катастрофа во Мијанмар? Воената хунта недопрена од состојбата дозволува одржување референдум за устав, со кој треба да си ја задржи власта, а кој поради многу причини, дури и независно од катастрофата, важи како фарса која треба да даде привид на демократија. Притоа, сведоци се непожелни - било да се тоа хуманитарци или новинари.

Светската јавност вџашено гледа во малкуте слики кои доаѓаат од Мијанмар и беспомошните хуманитарци кои се собираат долж границите на земјата. Во светот расте ужаснатост.

Однесувањето на генералите и не е вистинско изненадување. Воената хунта под раководство на генерал, Тан Шве за време на дваесетгодишното владеење докажа и тоа не само еднаш дека го заслужила атрибутот „за презир“.

Сликите од минатиот септември сеуште се во добро сеќавање. Генерал Тан Шве, кој во земјата го носи прекарот „булдог“, крваво го задуши протестот на десетици илјади монаси. Рациите на неговите џелати кои потоа следуваа во манастирите на земјата ставија конечен крај на бранот протести.

Речиси заборавени се, наспроти тоа, другите злосторства на армијата - низ минските полиња, како трагачи по мини армијата употребуваше жени и деца, а како живо обвинение за режимот важи носителката на Нобеловата награда, Аунг Сан Су Кји, која е во домашен притвор во Рангун повеќе од една година.

Полно конто злосторства

Хунтата на грб има многу работи. Зарем е за чудење тогаш што ја краде хуманитарната помош и сопствениот народ го држи како заложник? Во никој случај! Наивен е оној кој од овие генерали очекува да ја загрозат нивната власт поради хуманитарни причини. Тоа никогаш досега не го направиле.

Не беше потребна катастрофата со циклонот за тоа на светската јавност да и‘ стане јасно. Оттука ужасот поради актуелната ситуација е оправдан, зачуденоста не е, со оглед на однесувањето на земјите кои до денес ја поддржуваат хунтата во Мијанмар и со тоа имаат и дел од одговорноста.

Не останува речиси ништо друго освен и натаму да се дава хуманитарна помош, проследена се разбира со политички притисок, за во земјата да дојде што повеќе помош и да се заштитат малкуте меѓународни хуманитарци кои дејствуваат таму. Дури и ако армијата ги запленува хуманитарните намирници и ги дели меѓу себе како подароци, тие и натаму мора да пристигнуваат се‘ додека, во какво и да е пакување, стигнуваат до тие на кои им е потребна помош.