1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За родителите, децата и среќата

Синоличка Трпкова
10 август 2018

Луѓето што не можат да се соочат со себеси, често стануваат неподносливи за околината, а особено за најблиските. Зрел и остварен човек, не би имал причина да вежба надмоќ над другите и да глуми дека е среќен.

https://p.dw.com/p/32x5E
Sinolicka Trpkova, mazedonische Schauspielerin
Фотографија: S. Trpkova

Kога си била најсреќна во животот? – ме праша еднаш новинарка. Отсекогаш сум мислела дека среќата е нешто што се случува отпосле и дека секој изминат, спокоен ден, погледнат од точката на новиот што се раѓа, за мене е среќен. Сум имала и ужасни, несреќни денови. Многу! Но и оние, најбезгрижните денови кријат во себе неизвесност и страв, зашто не се знае како ќе завршат. А кога сепак завршиле, и кога сум се разбудила следното утро, сум била среќна дека одминале. Сепак, првото нешто што ми падна на ум кога го чув прашањето - беа моите деца! Родителското искуство два пати ме научи дека не сум центарот на светот. И дека треба да бидам среќна што е така. Да се почувствуваш среќен, без разлика дали си во центарот или на периферијата на нештата е животна лекција што се учи! Децата можат да бидат и наше огледало. За преку нив да погледнеме во сопствените души и умови и да учиме за себе, за нашата несовршеност. Тие можат да не' водат и онаму каде што ретко или никогаш не би стапнале самите. Децата се всушност острилки на нашите емоции. На почеток тие учат од нас, но подоцна ние учиме од нив.

Familie lacht
Фотографија: picture-alliance/PhotoAlto/S. Olsson

Од сакани бебиња до несреќни луѓе

Сте забележале ли како изгледаат бебињата и колку сите им се радуваат? Зарем има некој што не се радува на бебе? Некои можеби и не ја покажуваат таа радост, но бебињата, тие безгрешни суштества, чуда на природата, се олицетворение на среќа. Тие не можат никому да нанесат зло зашто не знаат што е тоа. Гледајќи ги луѓето помислувам дека сите, без исклучок, биле некогаш најубави бебиња. Биле нечија надеж, сонце и среќа! И дека надежите, сонцата и среќите потем, некако мистично исчезнале. Отпрвин сите сме безусловно сакани бебиња, за подоцна да станеме несреќни луѓе што копнеат по љубов, што ретко некој безрезервно ги сака и им верува. Од топчиња месо, симбол на чистота и невиност, стануваме возрасни луѓе, носејќи терет на плеќите и во душата.

Иако како родители правиме се' за да ги воспитаме децата, околината секогаш се натпреварува со нас и ги обликува по свои правила, одземајќи им ја чистотата и невиноста, пред наши очи. Но родителот може навистина да е среќен кога гледа како во нив се кали храброст наместо страв, одговорност наместо неодговорност, самостојност наместо зависност.  За полесно да се прифати ноторната вистина дека тие многу брзо престануваат да бидат „слатки бебиња”, а стануваат личности што се возрасни, сериозни, свесни за себе и за светот. Тука веројатно почнува вистинската среќа за родителите, зашто децата заминуваат (што може да е доста болно), но со сознанието дека си го нашле патот!

Jubel Mann Glück Symbolbild
Фотографија: Colourbox

Два избора

Човек сака упорно да покажува и докажува дека е среќен за да се убеди себеси, но и другите околу него. Сетете се на филмски сцени кога на главниот лик му течат солзи во мигот додека кажува дека е среќен. Неочекувано му се крши маската и го совладува вистинската емоција, онаа што ја носи длабоко во себе!  Затоа и се препознаваме во нив, зашто и самите ја носиме таа емоција што во нашето секојдневие ја сокриваме. Но филмот е уметност, а уметноста е есенција на животот што ни' ја разголува вистината за нас. Конечно - имаме два избора. Можеме да го минеме животот глумејќи дека сме среќни или да ги отфрлиме маските на лажна безгрижност, смеа и радост, што упорно ги носиме. Зашто нашата маска е исклучиво врзана за нашето его, што сака да ја сокрие внатрешната несреќа. И никој не е виновен за таа несреќа, зашто проблемот најчесто лежи во нас.

Претходни колумни од авторката: 

За живот без клетви

Да се сурфа или не, прашање е сега

Кон подобро општество

Додека човек не се соочи со болка, тој нема да знае ни за среќа. Додека не се справи сам со својата несреќа, нема да знае дека од таму почнува среќата. Луѓето што не можат да се соочат со себеси, често стануваат неподносливи за околината, а особено за најблиските. Својата несреќа ја кријат и ја манифестираат со тиранија врз нив. Свесно или несвесно. Тоа е еден од начините да го сокријат сопственото страдање. Еден зрел и остварен човек, не би имал причина да вежба надмоќ над другите и да глуми дека е среќен. Децата можат да не' научат и на оваа важна лекција. Јас со нив ја осознавав сопствената кршливост, небитност и граница на издржливост.

Среќата е најмалку врзана со безгрижност и случајност. Треба да сме многу наивни за да мислиме дека таа одненадеж ќе не' пресретне на животниот пат, како добивка на лото, како нешто што паѓа од небо и се случува само од себе. Некои имаат „среќа” да го осознаат ова во младоста, некои ќе талкаат низ животот, соочувајќи се со повторни разочарувања поради сопствената непоправлива наивност или лековерност. Сепак, ако некогаш се осознае тоа, уште една важна животна лекција ќе биде научена. Да се стане одговорна, вредна, а скромна личност - е среќа! И тоа е најголемата животна инвестиција и за родителот и за детето. Ова е лесно да се каже и да прозвучи прозаично, но бара исклучително многу труд и работа, многу саможртва и одрекување, многу трпеливост и упорност. Зашто среќата не се случува преку ноќ, а е состојба на спокојство на духот и свеста, што постојано се стреми да ја усовршува нашата несовршеност. Да ја кажеш и прифатиш вистината, да ја прифатиш критиката, да ја признаеш грешката и да се обидеш искрено да ја поправиш, да преземеш одговорност за своите зборови и дела – е патот по кој се стигнува таму! Верувам дека само така луѓето можат да остават убава трага зад себе, заради својата среќа, но и заради среќата на сите деца и генерации што ќе дојдат по нив.