1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За слабите валути и лажните надежи

23 февруари 2011

Производите од земја со силна валута се скапи, ако ги купува некој од земја со слаба валута. Затоа многу големи земји посакуваат слаби валути, за да можат ефтино да ги нудат своите производи за извоз.

https://p.dw.com/p/10LeL
Фотографија: RIA Novosti

Методи има многу: Кина не чека, туку вопшто и не дозволува нејзината валута да стане силна. Девизниот курс на кинеската валута, пред се’ во однос на доларот е работа на владата. Економистот Холгер Бар од Дека Банк појаснува: „Кинезите имаат цврст девизен курс во однос на Американците, кој поради тоа и слабо варира. Постои минимално прилагодување, мала ревалвација, која се утврдува месечно. Во крајна линија тоа е владина одлука, на министерството за финансии, која потоа ја спроведува емисиoната банка.“

China Währung Geldschein p178
Фотографија: AP

Таа впрочем го држи јуанот 20 до 30 проценти под нивото на неговото пазарно вреднување. Политиката на девизниот курс го поттикнува кинескиот експорт. Стоките од Кина се толку ефтини, што американските производители не се конкурентни, се жалат Американците, и возвраќаат со девалвација на доларот. Нивниот метод не е политиката на девизниот курс, туку монетарната политика. Таа пред се’ треба да ги подржува банките, да ги одржува кредитите ефтини и со тоа да ја поттикнува економијата. Но, во случаи кога државните дефицити растат и емисионата банка печати пари, валутата слабее. Проблемот е што многуте долари, кои американската емисона банка ги вбризгува во системот, треба некаде да бидат инвестирани. Инвеститорите во долари на пример се свртија кон Бразил, за таму да инвестираат. За таа цел мораа да ги заменат доларите за бразилски реали, значи да купат реали, што предизвика покачување на курсот. Владата на Бразил се обиде да го спречи тоа. За инвеститорите од странство воведе даноци - уште една мерка за намалување на крусот на една валута.

Швајцарија и Јапонија ја продаваа сопствената валута

Класичен метод е интервенција на девизиниот пазар. Тоа значи: емисионата банка ја продава сопствената валута, за да го намали нејзиниот курс. Ова го имаат направено Швајцарија и Јапонија. Германија добро живее со значително високиот курс на еврото. Томас Мајснер од ДеЦет банката објаснува: „Германија, поради извозната структура, пред се’ на машини и постројки, всушност е во поволна ситуација, оти побарувачката по овие машини е релативно стабилна и затоа нема драстични промени, кога еврото се покачува. Дури и при цена од 1,60 долари за евро тоа не беше случај. Европската централна банка тогаш не интервенираше.“

Euro-Krisengipfel
Фотографија: Picture-alliance/dpa

Ваквиот однос претполага релативно висок степен на производствена способност. Онаму каде што таа недостасува, владите преземаат други мерки. Америка на пример им се закани на Кинезите, доколку не дозволат покачување на јуанот, ќе воведе заштитни царини за кинеските стоки. Холгер Бар од Дека банката: „Тоа фактички би бил нов степен на ескалација, многу фатален. Секогаш има идеи кои содржат протекционистички елементи, имено да се казнат други земји преку трговските ограничувања. Но, ако се доведуваат во прашање слободната трговија, глобализацијата, односно темелните принципи, тогаш тоа навистина е степен на ескалација, кој долгорочно ќе и’ наштети на светската трговија. Светското стопанство тоа тешко ќе може да го поднесе.“

Автор: Михаел Браун/ Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски