1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За спорот околу името без влакна на јазикот

19 април 2010

Серафим Финтанидис е една од иконите на грчкото новинарство. 30 години беше на чело на леволибералниот весник „Елефтеротипија“, а денес води популарна политичка емисија на државната телевизија ЕРТ. Отворен е и директен!

https://p.dw.com/p/N015
Атина

Уште од раните 90-ти години Финтанидис пледира за реално компромисно решение во спорот со името меѓу Атина и Скопје. Тој е отворен и ги критикува и своите сонародници: „Играта ја загубивме одамна. Треба само да отворите стар учебник што е издаден пред 1990 година. Што ќе видите? Ќе видите дека Југославија има шест републики, имено - Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и ’Македонија’, со главен град Скопје. Се сеќавам дека во 1980 година грчката фудбалска репрезентација загуби од Југославија 1:4, а натпреварот се одржа во Скопје и тогаш на името ’Македонија’ не ни‘ пречеше како што се чини - ништо. И, потоа, дојде до бунт поради спорот околу името. Тоа во странство воопшто не наидува на разбирање, луѓето ни‘ се смеат.“

Бабата го сонувала она што го посакувала

Како Атина, така и Скопје треба да учат од грешките во минатото и да се откажат од максималистички барања, смета Финтанидис. Име како „Северна Македонија“ или „Нова Македонија“ би бил разумен предлог, оценува атинскиот публицист. Грчките весници постојано пишуваат за нов обид за решение на спорот и притоа се вели дека името „Северна Македонија“ би имало наводно добри шанси како компромисен предлог.

Дали мислите се раководени од желбите? Финтанидис не одрекува дека Атина се залага за името „Северна Македонија“, но верува дека политичарите во Скопје се исто така заинтересирани за брзо решение: „И тие имаат интерес за компромисно решение брзо, зашто сакаат да се приклучат на ЕУ и НАТО, што во моментов не е можно. Тоа, за нас, пак, е дипломатско оружје. Видете, во Скопје живее мешавина од повеќе народи и јазици, една третина од населението се Албанци и мислам дека овие луѓе најмногу би сакале да ги спојат своите територии со албанската татковина.“

Ембаргото беше „глупава приказна“

Грчкиот новинар вели дека националната гордост ги зоврива страстите на Балканот. Тој добро се сеќава на атинското ембарго врз Скопје и вели дека тоа била „глупава приказна“ зашто од нејзе профитирале пред се‘ оние што лиферувале стоки индиректно, преку Бугарија. „Кога Самарас беше министер за надворешни работи го прашав: ’Што ќе се случи со спорот околу името?’, а тој одговори ’Што знам, веројатно ќе се согласиме околу името Славо-македонска република и со тоа работата ќе се заврши.’“

Но, работите излегоа сосема поинакви. Како министер за надворешни работи во конзервативната влада на Мицотакис, Самарас во 90-тите години имаше тврд курс и отфрлаше секаков компромис во спорот со името. Оттогаш се бара компромисно решение. Дали ќе биде најдено, Финтанидис не може да каже, но верува дека во меѓувреме и Грците на спорот гледаат малку поопуштено, зашто знаат дека можат да профитираат од влезот на соседната држава во ЕУ: „Во северна Грција луѓето 60 години беа отсечени внатрешните области, сите патишта беа пресечени, пропаѓаа цели градови. Сега границите се отворени, Бугарија е членка на ЕУ. Во северно- грчкиот пристанишен град Кавала денес има безброј туристи од Бугарија кои доаѓаат да јадат, да купуваат, доаѓаат на одмор. Грците, пак, преку граница одат за да купат поевтин бензин. Гледате, во вистинскиот живот луѓето знаат како треба.“

Автор: Јанис Пападимитриу / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска