1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Србите, Германците се повторно „лошите“

Томас Бреј/дпа/шпигел/Жана Ацеска1 април 2013

Во односите меѓу Србија и Германија повторно се враќаат духовите на 90-те години. Како и тогаш, многу Срби ја обвинуваат политиката на Берлин, дури и за „демократски фашизам“. Причина е политиката кон Косово.

https://p.dw.com/p/187aC
Фотографија: Fotolia/aerogondo

Во времето на југословенските граѓански војни (1991-1999) Германија беше најомразена држава во Србија. Постојано механички се повторуваше - се работи за „завера на Берлин, Виена и Ватикан против Србија“, со цел „да се надомести поразот во Втората светска војна“. „Германскиот нагон кон топлото море“ (Јадранско) притоа не го зема во предвид фактот дека Балтичкото и Северното Море по правило не замрзнуваат.

Денес ова гледиште е повторно се‘присутно кај многу партии, политичари и медиуми. И тоа без разлика на фактот што Германија традиционално е најважен партнер на Србија: во неа живеат половина милион луѓе со српски корени и годишно во татковината испраќаат 1,6 милијарди евра. Германија е и најважниот трговски партнер. Берлин од 200 година е осамен и на врвот на листата странски кредитори со околу 1,8 милијарди евра. Околу 400 германски фирми во Србија имаат инвестирано 1,7 милијарди евра.

На чело на колоната на новите остри критичари на Германците е националистичката Демократска партија на Србија на поранешниот премиер Војислав Коштуница. Во тоа асистираат важни членови на Академијата на науката и литературата, како литератот Матија Бечковиќ или писателот Добрица Ќосиќ („Татко на нацијата“). Германија е повторно изворот на целото зло и за познати историчари како Чедомир Антиќ.

„Садизмот го следи 15-годишното малтретирање на Србија,без понуда на сериозен компромис“, вели тој за весникот „Новости“. Со овој садизам според него Берлин „сака да ги надмине фрустрациите од 20-ти век“.

Пратеникот Синиша Ковачевиќ е цитиран со зборовите: „Ова е демократски фашизам. Оваа Европа е Четврти рајх“.

Schröder empfängt serbischen Ministerpräsidenten Zoran Djindjic
Починатиот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ со германскиот екс-канцелар Герхард Шредер, 2001 годинаФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Тиражниот белградски весник „Новости“ во неделата ги илустрираше своите напади против Берлин и со една карикатура: Германецот на преговарачката маса со Србија нема глава, туку на нејзино место е насадена стисната тупаница, која удира по масата. Во други карикатури Германците се претставени како строги воспитувачи и вечни продавачи на памет. Брзо се влечат паралели со Втората светска војна, кога тогашна нацистичка Германија брутално ја нападна тогашна Југославија и при окупацијата изврши многу воени злосторства.

Вториот по значење српски православен митрополит Амфилохије во Германија гледа „епицентар на борбата меѓу доброто и лошото“.

Тој ги нападна и ЕУ и НАТО.

„Европа преку бомбардирањето на Србија во 1999 година повторно ја покажа освојувачката машинерија, која ја знаеме од крстоносните војни и хабзбуршките и фашистичките приказни“.

Амфилохије се моли на Бог да го растури НАТО и ја обвинува ЕУ за желба да владее со Косово.

Паѓа во очи и дека расположението против Германија во Србија го подбуцнуваат политичари кои не живееле долго во Германија и речиси не ја познаваат земјата.

Целосна спротивност беше во 2003 година убиениот прв слободно избран српски премиер, Зоран Ѓинѓиќ. Тој заврши факултетско образование во Констанца и својата новоизбрана татковина ја прогласи за пример за земјата во која беше роден.

Но, и покрај сите критики, многу Срби и натаму својата иднина ја гледаат во Германија: моментно стотици лекари и медицински сестри интензивно учат германски јазик, привлечени од германските власти. Додека во Германија недостига медицински персонал, во Србија, не само во оваа професија, владее висока невработеност.