1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За танго се потребни двајца

Јоргос Папас15 јануари 2007

Грчкиот парламент не може да ги ратификува договорите за пристапување на Скопје кон ЕУ пред да биде решен спорот околу името,истакна грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани во интервју за грчката редакција на Дојче Веле

https://p.dw.com/p/Ac06
Грчката министерка за надворешни работи Бакојани со новинарот Папас
Грчката министерка за надворешни работи Бакојани со новинарот ПапасФотографија: DW

Во врска со посетата на посредникот на ОН, Метју Нимиц на Грција и Македонија, грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани за ДВ изјави:

“Не стануваше збор само за преименување на аеродромот во Скопје. Како што знаете постои спогодба меѓу Атина и Скопје, што ни овозможува да бидеме соседи земји со добри односи, кои сепак имаат разлики во мислењата во врска со името. Но, има и други, помали разлики, кои се еднакво така сериозни. Многу е важно да се придржуваме до спогодбата, која исто така предвидува да се избегнуваат провокации и присвојување на симболи, да се грижиме за добри билатерални односи, што подразбира промена на книгите по историја.

На господинот Нимиц му реков нешто многу едноставно: за да овозможиме мир на Балканот и траен развој, што си го посакуваме сите, балканските земји треба да го свртат погледот кон иднината, кон заедничката европска иднина, а не кон фалсификувани тврдења од минатото. Минатото раздвојува, иднината обединува. Мораме да се движиме во таа насока, а грчката политика тоа и го прави. Успеавме да увериме држави и партии да ги надминат националистичките тенденции и да го свртат погледот на напред. Тоа значи дека и Скопје мора да го даде својот придонес.

Господинот Нимиц носи одговорност за тоа некогаш сепак да изнајде комромис што ќе биде прифатлив за обете страни. Не верувам дека тоа ќе се случи наскоро. Скопје сепак треба да одбегнува контрапродуктивни акции.“

Што се однесува до аргументацијата на Македонија за преименувањето на аеродромот. Шефот на грчката дипломатија посочи:

“Може да се дадат многу аргументи, некои од нив се гротескни. Нимиц на прашање на еден новинар одговори дека одлуката на Скопје да го преименува аеродромот е контрапродуктивна. Грчката влада оваа тема ја третира многу разумно. Ја појаснивме и нашата позиција. На мојот ресорен колега од Скопје, но и на Американците им реков: грчкиот парламент не може да ги ратификува договорите за пристапување на Скопје кон ЕУ пред да биде решен спорот околу името. Тоа е јасен став, бидејќи сум уверена оти европскиот дом мора да има силни темели. Тоа подразбира и добрососедски односи, што за една земја како Луксембург се сами по себе разбирливи, но тие мора секојдневно да се докажуваат и на Балканот.“

По прашањето дали наскоро ќе биде најдено решение за спорот, Дора Бакојани за ДВ оцени:

“Не знам колку скоро може да дојдеме до решение. Што се однесува до името, ќе речам: за танго се потребни двајца. Добрата волја на Грција не е доволна. И другата страна мора да покаже дека има добра волја и добри намери. Се надевам дека раководството на Македонија е свесно за тоа, затоа што тоа е во интерес на граѓаните на земјата. Потсетувам на грчките инвестиции во таа земја, тие изнесуваат повеќе од 980 милиони евра. На југот на земјата, каде има повеќе наши инвестиции, стапката на невработеност изнесува 8%, на северот напротив таа е 18 проценти. Значи од доброто соседство профитираат обете страни, како политички, така и економски.“