1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Турците во Македонија, образованието на турски - приоритет

Милчо Јованоски21 декември 2012

Турците во Македонија денеска го слават Денот на образованието на мајчин јазик. Од власта бараат нови паралелки на турски и целосен опфат на децата со задолжителното основно и средно образование.

https://p.dw.com/p/177Ln
Фотографија: DW/M. Jovanovski

Од пред шест години 21 декември Турците во Македонија го одбележуваат како Ден на образованието на турски јазик. Турскиот на овие простори имал долго и силно влијание. Но празникот не‘ навраќа на Денот кога во 1944. по ослободувањето на Македонија во училиштето „Тефејуз “ во Скопје одново отпочнала наставата на турски јазик. Седум децении подоцна фактите се на страната на подемот на образованието на турски јазик. Дури во 57 општини во 38 централни основни училишта низ цела Македонија учат околу 9500 ученици на мајчиниот јазик. Во 7 гимназии и неколкуте средни стручни училишта постојат паралелки во кои наставата на турски ја следат 1711 средношколци. Но, не е  се‘ така розово. Проблеми, постоеле и постојат, признава Таксин Ибрахим претседател на Сојузот на здруженијата на Турците во Македонија „МАТУСИТЕБ“. Се обидуваат во селата на Источна Македонија каде што живеат најголемиот дел од Турците да се отворат нови паралелки. Законот е на нивна страна и бараат од Владата и локалните власти да покажат поголема флексибилност. „Забелешки од тој тип имаме во Струмица и  во Радовиш, каде  уште не се коплетно примени сите ученици  во гимназиското образование. Слично е во Штип, Пехчево... Ако имаме добро образование тогаш во добивка ќе се и Турците и Македонците и сите што живеат во Македонија. Фактички ќе добие државата“, вели Ибрахим. Гледајќи ја проодноста на ученците Турци, турската заедница е насочена кон отворање на студиски програми на Државните универзитети. Сега турски јазик и литература се учи на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св Кирил и Методиј “ и делумно на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски “ во Скопје.

Universität Cyril and Methodious in Skopje, Mazedonien
Турски се учи и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Хронична болка, опаднат наталитет, помалку првачиња

Основното училиште „Братство - единство“ уште при основањето во педесеттите години од минатиот век било наменето за настава на турски наставен јазик. Подоцна станува тријазично – учат деца Македонци, Албанци и Турци. Опаѓањето на наталитетот се одразува и во бројот на децата во турските паралелки. Во Охрид во прво има една паралека со само 20 деца или вкупно во цело училиште се образуваат 186 ученици на турски. „Иселувањето во Европа и Америка, социјалната положба, потрагата по леб и подобар живот влијае многу. Сега се иселуваат луѓето целосно, не како порано – печалбарот да оди да печали,а семејството дома“ , оттука и се‘ помалиот број ученици, заклучува Ферија Лита која три децении предава македонски во турските и албанските паралелки.

Врските со Турција се интензивираат, училиштата соработуваат

„Братство- единство “денес е позитивен пример за мултиетничка и мултилингвална средина. Нашите ученици со помош на целиот персонал освојуваат редица општински и државни награди. На пример две години со ред  од Олипијадата по турски јазик во Турција се вратија со освоено второ и трето место, а работиме и проекти со Турција“,  вели наставничката  Фахрије Реџеп, координатор на турските паралелки:

„Станува збор за збратимувања на училишта, за заеднички проекти со нив. И не учествуваат само децата кои се образуваат на турски јазик, туку и нивните врсници Македонци и Албанци. Работевме проект за културите и традициите со училиште од Анкара, за децата со посебни потреби. Нивните творби се претставени таму. Работен е и проект за запознавање со културата и фолклорот и бевме во Кипар“.

Празникот свечено беше одбележан  во Радовиш и Кичево, а централната прослава е вечерва ( 21 декември ) во Скопје. Покрај македонскиот државен врв најавено е и присуството на министерот за надворешни на Република Турција, Ахмет Давутоглу.