1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За хушкачите и шушкачите

15 ноември 2017

Новата власт прави грешки, и тоа сериозни, кои, ако ги простувавме претходно поради општиот проект, сега треба и тоа како да бидат предмет на критичка опсервација

https://p.dw.com/p/2nfrd
Mazedonien Kommunalwahlen Sieg der Regierungspartei SDSM
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Победата над претходната власт изискуваше широк фронт на поддршка. Таквиот фронт по својата природа беше составен од плејада разновидни ликови и организации, со, понекогаш, дијаметрални ставови по многу прашања, освен, во тој момент, потребата за промена на власта во Македонија. Тие ликови и организации сега како да се раслојуваат во најмалку две различни групи, кои по својот пристап кон новата власт се разликуваат суштински и навидум непомирливо.

За потребите на оваа колумна, пост-груевистичките групи кои сега се диференцираат по својот однос кон Заев јас ги делам на т.н. „шушкачи” и т.н. „хушкачи”. Шушкачите се генералните поддржувачи на промените, но кои се незадоволни од начинот на кој новата власт се справува со својот мандат.  Нивната мантра е: „за ова ли се боревме”?  Хушкачите се оние кои сеуште безрезервно и некритички ја поддржуваат сегашната власт, и се нервираат кога некој ја критикува. Нивната мантра е: „па, ако не, да го вратиме ВМРО”!

Сега, суштински за понатамошниот текст е причината поради која сите оние кои се согласуваа дека треба да има промени на претходниот режим, сега се диференцираат во едната или другата група. За оние кои се гледаат себеси во едниот или другиот табор само низ призмата на тоа дали добиле нешто од новата власт, па заради тоа или ламентираат дека власта не ја бива (зашто тие не се внатре), или ја бранат зашто нешто добиле (па се нервираат дека критиката може да им ги загрози придобивките), колумнава завршува тука.  Нејзиното читање понатаму за клиентелистите пост груевисти е беспредметно и најверојатно само ќе ги изнервира. За вас, кои се наоѓате во едната или другата група од идеолошки или принципиелни причини, има смисла да прејдете на наредниот пасус.

Mazedonien - Wahlkampf: Unterstützer der Social Democratic Union of Macedonia (SDSM)
Премали или преголеми очекувања од новата власт? Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Само да не биде Груевски

Нео-критичарите на новата власт имам впечаток дека доаѓаат од една позиција која еволуираше во текот на борбата за промени. Пред неколку години, оние кои беа принципиелни и објективни критичари на Груевски, истовремено за СДСМ тврдеа дека само негативната кампања не е доволна за победа над Груевски, туку дека на СДСМ му недостасува суштински капацитет за решенија, за нов наратив и изборна понуда ако сака да биде реален конкурент на, тогаш веќе доста искусната, ВМРО ДПМНЕ.  Но, како поминуваше времето, а власта на Груевски се повеќе ги преминуваше сите граници на пристојност и се закануваше да стане апсолутен и несоборлив деспот, така овие луѓе спонтано ја напуштија позицијата дека од опозицијата треба да се очекуваат некакви стандарди на компетентност, и ја заменија со теза дека не е важно колку се способни, само да не биде Груевски.  Овој наратив и СДСМ активно го застапуваше. Сега општеството ја плаќа цената за таквиот пристап, бидејќи новата власт (за која сметам дека е донесена со премалку, а не премногу очекувања) нема никаква обврска за испорака, па со тоа ни потреба за суштинска отчетност.  Симнувајќи го критериумот на „било кој, само не тој” сега и добивме власт која изгледа баш како да биле бирани по критериум „било кој”.  Оттаму нервозата и критиката кон новата власт, со мантра „за ова ли се боревме”, на што одговорот би бил „бидејќи не се боревте за ништо друго освен за промени, немате право ништо друго ни да барате”.

За утеха, има тука неколку компоненти кои можеби би требало да ги смират ново-осознаените критичари на СДСМ.  Заев не е, и никогаш не може да стане, Груевски. Ниту по демократски стандарди, капацитет за транспарентност, отчетност, суштински пристап кон општеството, мотивите кои го движат, стратегијата и целите, овие два политички архетипа се дијаметрално спротивни и неспоредливи, и тешко дека ќе се создадат околности во кои едниот би се поистоветил со другиот, и покрај реалната можност за „позајмување” политики, особено во делот на комуникацијата со јавноста и медиумите, па и кадровските решенија.  Понатаму, и можеби уште поважно, точно е дека новата власт на Заев се покажува суштински неспособна за оној вид на пресинг-микро менаџмент на кој навикнавме со Груевски, каде секоја дупка беше експресно затната, секој клиентелистички минискулен проблем адресиран со минуциозна прецизност и ариевска ажурност. Но улогата на Заев во историскиот развој на Македонија воопшто не е, и никогаш не била, наменета за буџетче, даноче, тротоарче, или друга ситнурајка за која знаеме дека Груевски е попосветен.  Заев има, просто кажано, три главни улоги: првата е да го отвори општеството, да воведе дух на демократичност, мултиетничка толеранција, да воведе атмосфера на слобода. Втората е да ја исчисти сцената од длабоко вкоренетата корупција, дури и по цена на јавен линч, за да се обиде притоа, да не воведе нова каста корумпирани службеници. Третата негова улога е да не биде пречка за евентуалниот пробив кон ЕУ и НАТО, да биде вистински човек, на вистинско место, кога ќе се отворат шансите за решавање на тоа геостратешко прашање.  За првата негова улога мислам дека е погодена со неговиот карактер,  За втората е премногу под лупа од меѓународната заедница, а третата не зависи од него.  Ако ги исполни своите три улоги, мислам дека реално би било фер да му простиме за по некое тротоарче.

Mazedonien Kommunalwahlen Sieg der Regierungspartei SDSM
Оставете ја јавноста да го искритикува, тоа ќе му помогне на лидерот да биде подобарФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Критика не е на одмет

Тврдокорните поддржувачи на новата власт пак, во моментов како нејзини безрезервни адвокати се можеби уште поагресивни. Нив првата група ги нервира, ги дразни, и ги загрозува, па ја третираат без малку како полоши предавници од оние кои отворено го поддржуваат Груевски. За овие „бранители” на Заев, за утеха би биле следниве пораки. Прво, малку критика нема веднаш да ја уништи победата, не се плашете толку.  Заев, изненадувачки, покажува сосема солиден капацитет и здрав резон во односот кон критичката опсервација и мисла, повеќе одошто неговите мињони.  Притоа, ниту на Заев, ниту на општеството, не му правиме услуга кога слепо го поддржуваме и бескомпромисно се трудиме секој потег да го оправдаме.  Возможно е, дури и веројатно, во космичкиот склоп на околности, новиот лидер нешто и да згреши.  Затоа бранители, оставете ја јавноста да го искритикува, тоа ќе му помогне на лидерот да биде подобар. Новата власт прави грешки, и тоа сериозни, кои, ако ги простувавме претходно поради општиот проект, сега треба и тоа како да бидат предмет на критичка опсервација, зашто ако не се искоренат, се закануваат да станат системски, па со тоа и непоправливи.  На пример: кадровските решенија се во најголем дел проблематични, финансиската политика и менаџмент, е, најблаго речено, рецепт за пропаст, комуникацијата со јавноста и медиумите не е партнерска туку продолжува да биде конфронтативна и дискриминаторска, а партијата сеуште и тоа како продира и зафаќа поголем простор во јавните институции.

Притоа, иако сметам дека улогата на Заев не се овие проектчиња туку големата приказна, која е веќе на цврст колосек и добро се движи, апостоливе на новата власт треба да бидат свесни дека луѓето не живеат во, ниту пак гласаат за, големата приказна. Тие живеат со своите 10% или 18% данок, со или без нови 3,5 денари за гориво, со загадениот воздух, платата, во редовите и низ бирократските лавиринти.  Тоа се малите камчиња од кои може да се сопне и големата приказна, па затоа оние кои ги забележуваат и критикуваат овие мали проблеми не се непријатели на приказната. Бранителите не треба да ги сатанизираат критичарите, зашто тие во основа не се борат за Груевски, се борат за подобар Заев.

На крајот, за сите групи, и за „шушкачите” и за „хушкачите”: медениот месец на новата власт секако заврши и пред неа се сериозни предизвици, во кои нема да има премногу простор за грешки.  Ако пак упорно ги прават, можеби следново сознание ќе помогне: најважно од претходниот процес е што како општество покажавме дека во основа имаме капацитет да смениме деспот.  Тоа е веста, а не кој бил знаменосецот.  Вториот пат, ако треба, ќе биде полесно.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи