1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зврлевски молчи, збор држат шпекулациите

2 јуни 2017

Во заднината на прашањето дали Зврлевски ќе поднесе оставка или ќе чека да биде разрешен, според обвинители, прво треба да се расчисти со начинот на кој се сфаќа поставеноста на Јавното обвинителство.

https://p.dw.com/p/2e11n
Marko Zvrlevski, Staatsanwalt Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ќе поднесе оставка или ќе чека да биде разрешен од Собранието? Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски и натаму е недостапен за одговор на ова прашање, а недостигот од негово образложение го покриваат многубројни шпекулации. Според нив, Зврлевски наводно и самиот размислувал да се повлече од функцијата, но по повикот од премиерот Зоран Заев да си даде оставка, наводно, бил советуван од оние што го предложиле да не го прави тоа, туку да чека да биде разрешен. Според истите шпекулации, тоа би било најдобар начин да биде прикажан како „жртва на политичка чистка“, односно да се отвори простор за жестоки критики врз реформите што ги најави власта во правосудството.

Но, во заднината на прашањето дали Зврлевски ќе поднесе оставка или ќе чека да биде разрешен, според обвинители, треба да се расчисти еден суштински проблем: начинот на кој се сфаќа поставеноста на Јавното обвинителство.

„Во Уставот, Јавното обвинителство е дефинирано како 'единствен и самостоен државен орган', што некои го разбираат и го користат како алиби дека тоа не е и независен орган. Се разбира дека таа позиција не смее да биде така прочитана. Но, фактот дека Владата го предлага, а Собранието го избира државниот јавен обвинител, се злоупотребува за да се засили уверувањето за 'дозволена зависност' на Јавното обвинителство од извршната власт“, вели за ДВ поранешен обвинител.

Зависен орган?

Дека ова не е далеку од вистината потврдува и една претходна изјава за ДВ од поранешниот државен јавен обвинител, Љупчо Шврговски.

„Во јавноста постои непознавање на уставната позиција на Обвинителството. Јавното обвинителство е самостоен и единствен орган, но не е независен. Владата го дава предлогот за избор на државен јавен обвинител, а го именува и го разрешува Собранието. Ние сме истурен дел на извршната власт. Од тој аспект, соработката на Обвинителството со извршната власт е легитимна. Уставната позиција ни го дава тој, условно речено, 'ексклузивитет'. Во судството, пак, тоа е невозможно, бидејќи судството е независна, трета власт. Обвинителството не е. Во тоа е разликата“, изјави Шврговски.

Став 1, 2 и 3 од членот 5 од Законот за јавно обвинителство целосно ги расчистуваат дилемите по прашањето на независноста.

„Јавниот обвинител функцијата ја врши законито, непристрасно и објективно, ги почитува и заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти и во рамките на своите надлежности, во име на општеството се грижи за ефикасност на кривичноправниот систем. (...) Никој не може да влијае врз самостојноста и непристрасноста на јавниот обвинител во вршењето на функцијата“, се вели во членот 5 од Законот.

Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Според Уставот, функцијата јавен обвинител е неспоива со вршење на друга јавна функција и професија, или со членување во политичка партија.

Вината за критикуваниот расчекор меѓу дејствување на обвинителите и она што го пропишува законот секогаш беше барана во персоналното решение на чело на ЈО, но исклучиво од опозицијата, а никогаш од власта што го предложила. Во изминатата деценија честопати беше критикувано и решението - Владата да го предлага, а Собранието да го избира државниот јавен обвинител, со аргументација дека тоа е најдиректен доказ дека извршната власт не сака да го испушти од раце директното политичко влијание преку кадровски предлог и избор. Од правосудни кругови стигнуваа и предлози за уставни измени, според кои, првиот човек на Обвинителството би бил избиран од Советот на обвинители, наместо од Собранието, бидејќи само така ќе може да се оттргне од политичка контрола. На ова како контра-аргумент беше посочувана практиката во повеќе европски земји, каде изборот на државен обвинител се врши на идентичен начин. 

Параметар за доверба

По Стеван Павлески, Ставре Џиков, Александар Прчевски и Љупчо Шврговски, Зврлевски е петтиот државен јавен обвинител од донесувањето на новата законска рамка. По разрешувањето, сите негови претходници кариерата ја продолжија како адвокати. Од нив, единствено Шврговски целосно го заврши шестгодишниот мандат кој се реализираше во време на исти политички влади, а на другите мандатот им беше прекинат, односно беа разрешувани по промената на власта со образложение за „нестручно и неодговорно вршење на работата“. Пред 11 години, владата на ВМРО-ДПМНЕ го почна мандатот на 25 август 2006 година, на 29 септември достави предлог за разрешување на тогашниот државен обвинител Александар Прчевски, а на 15 октомври Собранието го разреши, без да го повика на седница.

Marko Zvrlevski, Staatsanwalt Mazedonien
Марко Зврлевски на функцијата е од почетокот на 2013 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Зврлевски кој на функција стапи на 25 јануари 2013 година, на критиките за неговата работа и повиците за негово разрешување одговараше дека не гледа причина за недоверба и сомневање во работата на државниот јавен обвинител.

„Досега со моето професионално постапување во рамките на моите надлежности, јас не сум сторил ништо со што би се нарушила или изгубила довербата во Јавното обвинителство“, изјавуваше Зврлевски.

На прашањето зошто довербата во ЈО е толку мала, одговараше реторички: „Според кој параметар?“

Го посочуваше податокот дека во ЈО на годишно ниво има 15.000 кривични пријави, со успешност на поднесените обвиненија од 93 отсто, и со минимален број на жалби, што според него, е клучен параметар за доверба во работата на Обвинителството.

Извори од правосудството велат дека има и други суштествени параметри кои не може да се опишат со бројки, туку со конекција со политичко влијание.

Оглас за обвинител

Постапката за избор на нов државен обвинител предвидува Собранието да распише оглас по предлог на Владата, а рокот за поднесување на пријавите е 15 дена од денот на објавување на огласот во „Службен весник“. Според член 41 од Законот за јавно обвинителство, „Советот на јавни обвинители на Република Македонија, на барање на Владата на Република Македонија во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето, до Владата доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно со закон“. За кандидатот што ќе го предложи Владата за јавен обвинител, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот. Ако Советот на обвинители во првиот рок не се изјасни, има и дополнителен рок од 15 дена да достави мислење. Ако и во тој рок не достави, се смета дека мислењето е позитивно. Ако пак Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати за државен обвинител, Собранието ќе го повтори огласот.