Зелено светло за патарина во Германија

Германскиот Бундесрат го усвои законскиот пакет за инфраструктура, чиј дел е и воведувањето на спорната патарина за автомобили во Германија.

По повеќегодишно спорење, отворен е патот за воведување патарина за автомобили на германските автопатишта. Бундесратот го одобри законскиот пакет, поминат и во Бундестагот, со кој Европската комисија треба да даде зелено светло за „инфраструктурна такса“.

Сојузниот министер за сообраќај Александер Добринт веќе може да ги почне првите чекори во реализацијата на досега стопираното воведување патарина. Овој централен проект на Христијанско-социјалната унија во црно-црвената коалиција беше договорен уште во 2015. година, но отворањето постапка против Германија од страна на Брисел, поради кршење на европското право, го стопираше спроведувањето на законите. Централен камен на сопнување беше критиката дека патарината ќе значи дискриминација на возачите од странство, со оглед што на домашните возачи вкупните трошоци за патарина ќе им бидат компензирани преку намалениот данок за автомобили. Добринт во декември 2016. година се спогоди со ЕК да се изврши промена на моделот на плаќање патарина. Бараните измени се содржани во законот кој сега го усвои Бундесратот.  

Министерот за сообраќај Александер Добринт

Конкретно, цените за тарифите за возачите кои во земјата ќе престојуваат пократок период ќе бидат подиференцирани. Меѓутоа, и натаму постои двојба во поглед на реалноста на планираните приходи од 500 милиони евра годишно и компатибилноста на патарината со европското право. Плаќањето патарина треба да стартува дури во 2019. година.

Бундесратот не ја прифати препораката на надлежните комисии за формирање заедничка посредничка комисија со Бундестагот за „пеглање“ на дилемите, зашто тоа би значело пролонгирање на постапката. Барањата на сојузните покраини за ослободување од плаќање патарина на автопатиштата во пограничните региони, владата ги отфрли. Министерот Добринт вети, по завршувањето на постапката за донесување на законот, да распише европски тендер за водење на системот на патарина.

Митови и факти за германските автопатишта

Најстариот автопат

Берлинскиот АВУС се смета за најстар автопат во Германија. Изграден е меѓу 1913 и 1921 година. Во тоа време, бил со должина од само 10 километри. Поради неговата должина многумина го нарекуваат АВУС прототип на автопат.

Митови и факти за германските автопатишта

„Пат само за возила“

Првиот „вистински“ автопат во Германија бил пуштен во употреба на 6 август 1932 година и ги поврзувал Келн и Бон. Буквално преведен, автопатот официјално бил наречен „пат само за возила“. Денес, оваа делница е дел од автопатот А555.

Митови и факти за германските автопатишта

Разбивање на митот за Хитлер

Историчарите потенцираат дека митот оти Адолф Хитлер ја наредил изградбата на првиот автопат во Германија е токму тоа- мит. Автопатот на претходната фотографија (А555) е проект инициран од тогашниот градоначалник на Келн, Конрад Аденауер.

Митови и факти за германските автопатишта

Автопатот 1- шампион

Националните статистики откриваат дека Австралија го има најдолгиот автопат. Нејзиниот Национален автопат (познат и како Автопат 1) е во должина на целиот континент, со вкупно 14 илјади километри.

Митови и факти за германските автопатишта

Извонредна мрежа

Германија, од друга страна, е позната по најгустата мрежа на автопатишта во светот со вкупна должина од 13 илјади километри. Иако тоа претставува само 6 проценти од сите патишта во земјата, речиси една третина од севкупниот сообраќај се одвива по автопатиштата.

Митови и факти за германските автопатишта

Воведување на патарина

Германскиот министер за транспорт Александер Добринт се надева дека воведувањето на патарините ќе донесе околу 500 милиони евра годишно во државната благајна. Противниците на проектот велат дека тоа е мит, имајќи ги предвид огромните трошоци за инфраструктурата потребна за собирање на патарините.


Следете нѐ