1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зимски маки на селските учители и ученици

1 март 2012

Зимава, снегот и студот во Македонија го нарушија образовниот процес особено во планинските предели. Наставниците патуваат и по 20 километри и предаваат во комбинирани паралелки, само да не згаснат селата и училиштата.

https://p.dw.com/p/14CJg
Училиштето во село КуратицаФотографија: DW

Валентина Караѓуле секој работен ден мора да е будна пред шест наутро. Таа со колегите – наставници со редовен автобус брза да стигне во училиштето во селото Куратица. Тоа е речиси дваесет и пет километри оддалечено од Охрид и најдалечното планинско место во кое се одвива настава.

„Не е лесно“, вели Валентина.

„По студ, мраз, дожд и виулици понекогаш и пеш минуваме по километар, два и повеќе. Селаните прават се‘ патот да е прооден, а училиштето да не згасне. Месната заедница е доста активна и се залагаат и од селото Куратица сакаат да направат туристички центар. Ние се надеваме дека на тој начин можеби ќе се вратат оние кои што заминале и дека така ќе има и повеќе деца во училиштето“.

Три одделенија во едно

Подрачното училиште „Ванчо Николески “ во селото Косел е на дофат на Охрид, а деца малку. Од прво до петто предаваат две наставнички.

Schule und Bildung
Фотографија: Fotolia/Lorelyn Medina

И додека првачињата пеат за другарувањето, другите учат за моќта на ветерот. Наставничката Јасна Бадалоска учи само осум деца и ги покрива прво, трето и петто одделение.

„На сите деца да им се даде активност и ниту едно да не биде запоставено. Претежно работиме со наставни ливчиња и зададени задачи и друго“.

Валентина Наумоска осум години предава во комбинирани паралеки и вели:

„Искрено, не е едноставно да се работи во комбинирана настава со оглед на обемноста на содржините, а времето од четириесет минути некогаш знае да биде премалку. Со текот на работата се создава една рутина и навика и се приспособуваме“.

Кобинираната настава има и предности

И додека едните се борат со бројките, а други со совладувањето на азбуката, учат едни од други:

„Е, тука е предноста на овие паралелки. Се случува некои работи што се заборавени да се повторат, а некои работи учениците од пониските одделенија често знаат да ги заинтересираат и да ги научат предвреме“, вели Наумоска.

Условите за работа во подрачните училишта во Охрид, за разлика од други места низ Македонија, со јазикот на оценките од наставата се многу добри. И компјутерите стигнаа:

„Гледаме компјутерот да го воведиме во секоја наставна содржина . Дали по македонски, математика во се‘“ ни открива Бадалоска .

Во Куратица има компјутери и за погорните одделенија, ама како и на други места низ Македонија не се вклучени:

„Со новите компјутери имаме се‘ уште проблеми со нивно вклучување на интернет и со инсталацијата. Но со тек на време мислам дека и тоа ќе се среди,“ вели Валентина Караѓуле.

Помалку ученици не само во селата, туку и во Охрид

Во Охрид во седум подрачни училишта функционираат комбинирани паралелки. Наставниците во комбинирана настава немаат никакви привилегии или бенифиции. Тие и подолго остануваат во училиште и подолго одат по пат од другите. За утеха имаат само помалку ученици, признава Серафим Наумоски, раководител на секторот за образование во Општина Охрид.

Panoramabild von Ohrid
И во Охрид намален бројот ученициФотографија: Petr Stojanovski

„Ако се вратиме повеќе од десет години наназад испаѓа дека речиси сме на половина во однос на учениците кои порано се запишувале. Оваа учебна година запишани се само петстотини триесет и осум првачиња“.

Минаа времињата кога децата од селските средини заостануваа зад децата од градот:

„Можам да ги пофалам учениците и покрај тоа што работат во потешки услови во комбинирани паралелки, сепак убаво се снаоѓаат. Се учат да бидат брзи, вешти и се солидни ученици кога продолжуваат во средно според успехот,“ потенцира Наумоска.

Сепак патешествијата за дел од овие деца започнуваат претходно, кога дел од нив од шесто до деветто учат во други училишта.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Ж. Ацеска