1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Злосторство и казна: 12 години за Мијалков

26 февруари 2021

Обвинителството побара мерката куќен притвор на Сашо Мијалков да му биде заменета со ефективен, затворски притвор.

https://p.dw.com/p/3pxdz
Nord-Mazedonien Skopje Gerichtsverhandlung Fall "Target - Tvrdina" | Saso Mijalkov
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Единствена казна затвор од 12 години, од кое му се одбива времето поминато во притвор, му беше пресудена на Сашо Мијалков, поранешниот началник на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Со најголем интерес се очекуваше токму пресудата за Мијалков, „иконата“ во капиталниот предмет „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното незаконско, и уништување на опремата со кое е сторено кривичното дело.

Истовремено, обвинителството побара мерката куќен притвор на Мијалков да му биде заменета со ефективен, затворски притвор. Како образложение за тоа, беше посочено дека МВР не поседува соодветна опрема за 24-часовен надзор на осудениот, но и дека Мијалков има дозвола за престој во Прага, каде има регистрирано и две возила и дека е добро ситуиран со приватни бизниси. Тоа според обвинителството остава можности истиот да обезбеди логистика и да живее во бегство. На судот му беа доставени тековни состојби на компаниите што ги поседува тој, или членови на негово семејство.

Nord-Mazedonien Skopje Gerichtsverhandlung Fall "Target - Tvrdina"
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Највисока казна затвор од по 15 години добија поранешниот началник на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски, и екс-вработеникот во УБК, Никола Бошкоски, кои избегаа од земјата.

Повеќе:

-Во Белата палата, Владата или во Белград - каде се криел Мијалков?

-Се стега обрач околу власта: Тешко со избеганиот, уште потешко со вратениот Мијалков

-Сомнежи, дилеми и неодговорени прашања за „случајот Мијалков“

Казна затвор од 6 години доби поранешниот шеф на Кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, за кого обвинителството исто така побара мерка ефективен притвор. Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, беше осудена на казна затвор во 4 години, а началничката Надица Николиќ 3 години. Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски, Силвана Златова, Васко Исакоски и Валентина Симоноски добија условна казна од 2 години.

Nord-Mazedonien Skopje Gerichtsverhandlung Fall "Target - Tvrdina" | Lence Ristoska, Staatsanwältin
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Во образложението на пресудата, беше истакнато дека кривичните дела биле извршени од структирирана група, без чие заедничко дејствување не би можело да се изведе кривично дело од таков обем. Беше посочено дека овој случај е поука за сите високи функционери и носители на службени овластувања, а во прилог на заштита на правниот поредок и заштита на човековите права и слободи. Оштетените во овој случај ќе имаат право на обештетување за претрпените штети во граѓанска постапка.

Ова е епилогот од првостепената пресуда на една од најголемите афери за прислушување во земјата, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски, кога без судска наредба  биле следени 4.286 телефонски броеви, односно разговори на над 20.000 граѓани - политичари, членови на нивните семејства, новинари, адвокати, обвинители, бизнисмени, верски лица, академици, градоначалници и други личности од политичкиот и јавниот живот. 

Пресудата во Скопје не ја слушнаа единствено екс-началникот на Петтата управа Горан Грујевски и неговиот соработник Никола Бошковски. Ним кон средината на јули 2017 година им беше одредена мерка притвор, но откако полицијата не успеа да ги пронајде, по нив беше распишана и потерница. Беа уапсени на 18 октомври 2017 година на солунскиот аеродром, кога со фалсификувани бугарски пасоши се обиделе да заминат од Грција. За нив во Грција се водеа во две постапки: еден за фалсификуваните пасоши, а друг за барањето на екстрадиција. Амнестијата од тогашниот претседател Ѓорге Иванов беше причината Врховниот суд на Грција во мај 2018 година да го отфрли македонското барање за екстрадиција на Грујевски и Бошковски.