1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Знаменосец на новиот проблематичен политички стил во Југоисточна Европа?

Стефан Овзат / Симе Недевски8 август 2012

Орбан во Унгарија, Понта во Романија и сега спорниот закон за централната банка на Србија. Со впечатливи говори и енормна самоувереност во однос на Брисел, во југоисточна Европа изгледа се пробива нов политички стил.

https://p.dw.com/p/15lGk
Унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: Reuters

Со него прв започна унгарскиот премиер. Неговите приврзениците го славеа својот идол на 15-ти март, националниот празник на Унгарија. Пред парламентот овој национално-конзервативен политичар говореше пред стотици илјади приврзеници, славен како месија.

„Слободата значи дека ние ги одредуваме правилата на нашиот живот. Ние решаваме што е важно, а што не е. Сакаме Унгарија да се врти околу сопствената оска. Ние нема да бидеме колонија", рече Орбан.

Најава за битка со критичарите дома и во странство. Кога Орбан го изјави ова, неговата влада веќе беше цели две години на власт. Во овие две години Орбан темелно ја испреврте Унгарија.

„Тој е како фудбалер, кој секогаш сака да дава голови.Тој е нетолерантен, надарен и алчен за власт“, вели публицистот Паил Лендваи.

Nationalferien Ungarn
Од прославата на унгарскиот национален празник на 15-ти мартФотографија: picture alliance/dpa

„Улични тепачи“ со „засукани ракави“

Сите клучни позиции во политиката и во општетството Орбан ги пополни со свои следбеници. Јавните медиумски сервиси тој ги шиканираше со соодветен закон и медимски надзор. Стотици новинари беа отпуштени. Тој се обиде преку закон да ја стави Националната банка под своја контрола. Законодавната машина работи како подмачкана, стотици закони издаде неговата влада, а парламентот е проколнат да биде нем гледач. Тоа е возможно поради двотретинското парламентарно мнозинство на неговата партија Фидес. Пакувањето е елоквентно и со „засукани ракави“.

„Тие имаа уличарски начин на водење политика. За нив политиката е уште една тепачка. Така тие постојано ја срамотат ЕУ“, вели публицистот и критичар на Орбан, Рудолф Унгвари.

Притоа Унгарија користи пари од ЕУ, но ментално се оддалечува од Западот. Орбан во едно обраќање порача:

„Средноевропскиот рефлекс беше дека ние мораме да го копираме Западот и неговите концепти и рецепти да ги пренесеме кај нас. Но, факелот на оние, кои можевме да ги следиме, е изгасен“.

Понта во чекор го следи Орбан

Но, Орбан изгледа самиот стана носач на факелот за југоистокот на Европа. Речиси дословно романскиот премиер Виктор Понта го презеде вокабуларот од Будимпешта. Особено против германската критика по повод неуспешниот референдум, со кој Понта сакаше да го истурка својот противник Трајан Басеску од претседателската функција, премиерот изјави:

Victor Ponta
Романскиот премиер Виктор ПонтаФотографија: picture-alliance/dpa

„И во Германија луѓето смеат да гласат за политички одлуки. Дали тоа можеби е дозволено само во Германија, но не и во Романија? Можеби сме ние колонија?“

Со впечатливи зборови Понта го нагласува неговиот фронтален напад врз основните демократски вредности. Тој Уставниот суд го запоседна со свои луѓе, како и неговиот пример Орбан во Унгарија. Судот сега треба отпосле да му даде законитост на референдумот. Претседателот Басеску е вџашен:

„Пред целиот свет владата се претставува во срамно светло. Во која демократска земја референдумските правила се менуваат по референдумот?“

И Србија учи од Унгарија

Jorgovanka Tabakovic
Јоргованка Табаковиќ, новата гувернерка на Народна банка на СрбијаФотографија: picture-alliance/dpa

И за новата српска влада важи девизата: да се учи од Унгарија. Пример за новиот многу спорен закон за Народната банка на Србија испорача владата во Будимпешта. Критичарите стравуваат дека законот и’ овозможува на српската влада пристап до, по правило, независната Централна банка, а со тоа и до девизните резерви. Дури и ако новата шефица на банката Јоргованка Табаковиќ се обидува да ги отстрани сомнежите.

„Ја ценам изјавата на министерот за одбрана Вучиќ кој рече дека е љубопитен кој мене би можел да ме принуди да печатам пари или да ги користам девизните резерви. Зашто тоа не е ни во наш, ниту во интерес на Србија. А, Србија е над се’“, рече Табаковиќ.

Меѓутоа, разликата меѓу Србија и Унгарија е во тоа што Србија и покрај се’ и натаму сака да стане членка на ЕУ. Тоа сега би одело уште потешко. А, потешки ќе бидат и преговорите за нови кредити со Меѓународниот монетарен фонд.