1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зоран Талер осуден на затворска казна

БГ/макфакс31 јануари 2014

Поранешниот словенечки министер за надворешни работи Зоран Талер е осуден на затворска казна поради корупција. Талер, кој во Европскиот парламент беше и известувач за Македонија, падна во замка на весникот Сандеј Тајмс

https://p.dw.com/p/1Azv3
Фотографија: Petr Stojanovski

Поранешниот министер за надворешни работи на Словенија, Зоран Талер, во четвртокот (30.01) беше осуден на затворска казна во траење од две години и шест месеци, како и парична казна поради корупција додека бил пратеник во Европскиот парламент. Талер падна во замката на англискиот „Сандеј тајмс“, чии новинари се претставиле како лобисти кои за награда од 100 илјади евра побарале да влијае врз усвојување на закон во Европскиот парламент.

Словенечката полиција против Зоран Талер поднесла пријава, а тој кон крајот на минатата година се договорил со обвинителството.

„Формално со тој договор ја признавам вината“, изјавил Талер, кој казната од 15 илјади евра ќе ја плати во корист на Педијатриската клиника во Љубљана. Талер пет години нема да има право да се вработи во некоја јавна служба. „Пред две години и покрај тоа што се противев бев втурнат во шоуто на „Сандеј тајмс“ во сопственост на Мердок, а со овој договор доброволно ќе излезам од тоа шоу“, истакнал Талер.

Зоран Талер сега е невработен, а покрај него во замката на „Сандеј тајмс“ паднале и уште тројца други пратеници од Европскиот парламент меѓу кои и австрискиот пратеник на кого судот во Австрија му ја поништи четиригодишната затворска казна. На листата се најдоа и романскиот пратеник, против кого е покренато обвинение и шпанскиот, против кого не е покрената никаква судска постапка и кој сѐ уште е во парламентот.