1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Африканците ги напуштаат своите татковини?

Александер Гебел/ Симе Недевски14 октомври 2013

Војна, сиромаштија, глад- драматични причини поради кои бројни Африканци ги напуштаат своите огништа во насока на Европа. Но има и такви кои со тоа сакаат да станат некој и нешто, и семејството да се гордее со нив.

https://p.dw.com/p/19zJP
Фотографија: picture-alliance/ROPI

Шантал има преку 30 години. Пред пет години избегала од Демократска Република Конго. Во Киншаса за неа станало премногу опасно бидејќи била приврзеничка на поранешниот претседател Мобуту. Поради такво нешто денес на улица во Конго може да се загуби животот, каков што бил случајот со еден нејзин роднина.

„Во Конго едноставно не може да се живее. Страв ни е. Затоа бегаме во Европа. Не си заминуваме радо од дома. Во Конго, посебно на истокот има војна, иако тоа никој не го сфаќа сериозно. Ситуацијата е катастрофална. Многу жители немаат пари да купат обична таблета Аспирин. Овде во Мароко, Конго е далеку. Меѓутоа, зошто никој не им помага на луѓето на лице место, на пример во Киншаса?“, се прашува Шантал.

Afrikanische Migranten in Oujda Marokko
Фотографија: Alexander Göbel

Нејзниот пат до Мароко преку Централноафриканската Рапублика, Чад и Нигер траел една година. Во Надор, во близина на шпанската енклава во Северна Африка, Мелила, таа била нападната. Првиот обид за бегство во гумен чамец го преживеала: „Во чамецот бевме шестмина. Чамецот кој го добивме од еден Мароканец беше нестабилен и имаше дупки- потона по 20-тина минути. Не знам да пливам, но Господ сакаше да останам жива. Немав ниту појас за спасување“.

Да се биде некој и нешто

Шантал во Киншаса била секретарка. Завршила училиште, но дипломата ја загубила за време на бегството преку Средоземното Море. Сега работи како чистачка кај едно мароканско семејство. Официјално, меѓутоа, не смее да работи. Живее со 45-те евра кои ги заработува неделно. Собата ја дели со уште две пријателки. Пари не може да заштеди. Непријатно ѝ е што на семејството во Конго не може да му испраќа пари. Меѓутоа таа вели дека со малку среќа и ако пронајде добар брод ќе замине од Мароко.

„Мојот сон е Европа. Сакам да работам, да заработам пари и моето семејство да го направам гордо. Со Божја помош ќе пронајдам добар маж, ќе се омажам, бидејќи жена не треба да биде сама. Потоа ќе останам во Европа“, вели Шантал.

„Сите би сакале мал дел од колачот наречен благосостојба“, вели сенегалската писателка Фату Диоме. Токму за тоа станува збор во нејзиниот роман „Во утробата на окенот“: Да се замине за да се врати, да се има нешто и да се биде некој. „Семејството не е гордо поради тоа што синот ја напуштил земјата. Семејството е гордо ако синот или ќерката во Европа заработуваат пари. Тие овие пари можат да ги испраќаат дома и на родителите да им овозможат добар живот. Синот кој го потпомога семејството во Африка е ценет. Истото важи и за ќерките. Семејството е гордо ако неговите синови и ќерки имаат добра работа. Неуспех не доаѓа предвид“, вели Диоме.

Afrikanische Migranten in Oujda Marokko 2012
Фотографија: Abdelhak Senna/AFP/GettyImages

Без оглед на тоа што малку фалело да го загуби животот, Шантал сака повторно со брод да замине преку Средоземното Море: „Ако даде Бог, оваа година ќе стигнам во Европа“. Без ризик нема добивка.