1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто е Газиводе клучно за Србија и Косово?

Ивица Петровиќ
7 август 2018

Славната реченица на Вучиќ „Не го давам Газиводе!“ одѕвонува до денес. Во постојаното надигрување со лажни вести и дигање на тензии, ова езеро со хидроелектраната има централно место. Зошто е толку важно Газиводе?

https://p.dw.com/p/32j8I
Serbien Schild am Gazivodasee
Фотографија: DW

„Газиводе“ практично стана збор на неделата во Србија, заедно со драматичните предупредувања на српските власти и таблоидите дека се подготвува насилно преземање на стратешките енергетски објекти на северот на Косово. Од најавената „инвазија“ на крајот не испадна ништо, но српските власти сепак одржаа и седница на Советот за национална безбедност. Шефот на канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ изјави дека црвените линии за Србија во енергетиката се Трепча, хидроелектраната Газиводе и трафо-станицата Валач.
Газиводе често се споменуваат како мета на приштинските власти кои сакаат да ги вклучат во косовскиот енергетски систем. Тоа езеро и хидроцентралата, како и трафо-станицата Валач се клучни енергетски ресурси на северот на Косово во сопственот на српското Електростопанство. Според проценките, Газиводе има приходи од десетина милиони евра годишно.
Дел од неговиот систем е и каналот Ибар-Лепенец кој е витален за цело Косово, почнувајќи од снабдувањето со вода, до наводнувањето и ладењето на Термоелектраната „Обилиќ“. Доколку едната страна ги запре славините, тоа практично би го парализирало енергетскиот систем на Косово.
Албанската страна во текот на јуни го доведе под прашање техничкиот дијалог бидејќи инсистираше на примена на енергетскиот договор, додека српската страна го форсираше воспоставувањето на Заедница на српски општини. Доколку енергетиката е точка број еден, Газиводе е клучен дел од таа загатка.

Економски и национални интереси

Заменикот главен уредник на Нов магазин, Мијат Лакичевиќ вели дека „околу Газиводе се преплетуваат економски и национални интереси. Една третина од тоа езеро се наоѓа на територијата на Србија, а две третини на северот на Косово. Она што е уште поважно, реките кои го полнат езерото доаѓаат од Србија, и ја напојуваат хидроелектраната која задоволува речиси една половина од потрошувачката на струја на цело Косово“.
Дополнителен проблем, објаснува Лакичевиќ, е што хидроелектраната е изградена со кредит од Светската банка, кој го земала и исплатила Србија. „Компликувана ситуација бидејќи Косово од една страна полага право врз тоа затоа што хидроелектраната се наоѓа на Косово, а Србија полага право бидејќи инвестирала и го отплатила кредитот“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека приказната околу ткн. енергетски договор е најобична измама бидејќи таков договор воопшто не постои. Тој тврди дека вистинската цел на тој маневар е „окупација“ на северот на Косово. Вучиќ вели дека на приштинските власти им било нудено заедничко управување, но тие тоа го одбиле.

Компликуван енергетски пакет

Теоретски, Србија би можела да ги пренасочи водите кои го полнат езерото Газиводе, во прв ред реката Ибар. „Во тој случај, езерото би останало без вода, а Косово без струја. Но, на тој начин може да се загрози безбедноста на Србите кои би можеле да станат жртви на одмазда“, вели Лакичевиќ.
Газиводе не се единствената спорна точка бидејќи во пакетот енергетски проблеми се наоѓа и комплексот рудници Трепча, кој практично не работи, а илјадници работници се уште земаат плата. Дополнителен аргумент за конечно решавање на овој проблем е и неплаќањето струја во Косово, бидејќи потрошувачите ја користат хаотичната состојба. Проблемите со енергетиката би можеле да се решат само во сеопфатен пакет.
Но, доколку ги анализираме бескомпромисните преговори на Белград и Приштина, во кои единствен договор е дека нема договор, јасно е дека тешко ќе се постигне конечно решение за енергетиката. „Мислам дека тешко ќе се најде траен договор само за енергетиката, туку тоа ќе се реши само доколку дојде до некој сеопфатен договор меѓу Србија и Косово“, смета Лакичевиќ.