1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто е заборавен велосипедот?

11 април 2010

Зошто македонските граѓани недоволно возат велосипед? Аргументи се бараат во недостигот од патеки и лошо организираниот сообраќај, но уште поголемо влијание имаат навиките.

https://p.dw.com/p/Mt6D
Фотографија: Bilderbox

Сашо Димитриоски секој ден наоѓа повод да се качи на својот велосипед и да мине барем неколку километри возејќи. Некогаш го користи велосипедот рекреативно, друг пат како превозно средство. Важно, вози редовно.

“Сега е проблем да се вози рекреативно, затоа што забранија да се вози на автопат, така што бараме алтернативни патеки, возиме на Водно“, вели Сашо но тој не е профил на просечниот македонски велосипедист. Тој е претседател на велосипедската федерација и за велосипедот вели дека е негова прва и голема љубов.

Доминираат рекреативците

Останататите македонски граѓани малку возат велосипед. Побројни се рекративците, ретки се луѓето кои го користат како превозно средство. Сите имаат добро објаснување зошто немаат навика да седнат на велосипед. Дури и јавните личности и оние кои можат и треба да бидат пример за останатите граѓани. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски за Дојче веле објаснува зошто го нема на велосипедските патеки.

Vollbepacktes Fahrrad eines Fahrradurlaubers
Фотографија: Bilderbox

“Немам време, не од друга причина“.

Се‘ нема доволно време, но нема ниту доволно патеки, признава градоначалникот.

Уште поретко од градоначалникот на велосипед се качува министерот за животна средина, Неџати Јакупи. Неговиот аргумент се навиките. Смета дека велосипедот во Македонија не е многу популарен.

На странците им недостига возењето велосипед

Додека на македонските политичари им недостига време за повеќе да возат велосипед, на странските димпломати многу им недостига оваа навика што ја практикувале во својата земја.

Пред микрофонот на Дојче веле германската амбасадорка во Скопје Урлике Кноц се присетува на своите велосипедски денови.

“Се сеќавам, кога бев помлада и работев во министерстовто за надворешни работи, редовно со велосипде одев на работа. Тоа е прекрасно чуство, наутро дишите чист воздух и така освежена стасувате на работното место, навистина тоа многу ми недостига.“

Навиката патот до работното место да го мине со најефтиното и во истовреме корисно за здравјето превозно средство се‘уште ја практикува Соња Боне од германската амбасада во Скопје. Но признава, возењето во главниот македонски град не е секогаш убаво доживување.

Familie beim Mountainbiken
Реткост во Македонија-цело семејство на велосипедиФотографија: Bilderbox

“Возам и тука но понекогаш чуствувам дека тоа е опасно патување“, вели младата германска дипломатка. Со нејзината оценка се согласува првиот човек на велосипедската федерација и објаснува кои се опасностите.

“Треба да возите слалом меѓу возила и патеките кои ги има се блокирани од паркирани возила“.

Неделава во Македонија е отворен Вело фестивал. Целта на овој настан, што ќе трае до крајот на април со разни манифестации, е промоција на возењето велосипед како рекреативна активност, професионален спорт, еколошко транспортно средство, авантура и забава.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска