1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто (не)сме политички Зелени

4 октомври 2019

Еколошкиот активизам и евентуалното креирање на политички субјект кој би се посветил на ова поле, е најлесен и најбрз начин младите да се инволвираат во политиката и иднината на својата земја. Колумна на Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3Qhjo
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Австриските избори од минатитот викенд ми отворија една интересна тема, односно - зошто кај нас не се раѓа сериозна Зелена партија и што би можело политички да ги мотивира младите луѓе.

Канцеларот Курц повторно излезе како победник, докажувајќи дека неговиот демохристијански конзервативизам е добро структуриран во австриското општество. Неговата победа е пред сѐ победа над екстремната десница со која мораше да одржува коалиција, но која излезе прегазена на овие избори по познатиот скандал на лидерот Штрахе.

Друг податок кој веднаш паѓа в очи е континуираниот пад на социјалдемократите, нешто слично како и во Германија. Но, тие што извлекуваат корист од целата работа се Зелените, односно еколошката партија, и во помала мера Либералите. Не случајно, на 9 проценти пад на екстремната десница кореспондира добивката од 8 проценти за Зелените. Исто како и во Германија, на северот од Европа се потврдува едно правило: кога екстремната десница губи, а социјалдемократијата згаснува, ете како се афирмираат екологистите. И тука најголем влог имаат младите избирачи. Во светот на германското јазично подрачје се потврдува таа двојна тенденција - радикалната десница и социјалдемократите тонат, „народњаците“ се потврдуваат, додека Зелените изненадувачки растат. На Северот се менува политичката географија, конзервативците, прочистени од ултрадесницата, се доминантната сила, додека залезот на Левицата, делумно се компензира со екологизмот - трансверзално и младинско движење кое допрва ќе треба политички да се дешифрира.

Македонија, како и многу земји од јужна Европа, излегува од тие логики. Кај нас не постои „зелено“ движење во состојба да се наметне како валиден политички субјект на едни избори. Малата партија ДОМ со децении преживува како приврзок на владејачките коалиции, и предолгата кохабитација со режимот и понатаму не ѝ дозволува да се наметне како независен и кредибилен субјект кај македонскиот електорат. Протестите против климатските промени и глобалното движење кое низ светот се пропагира преку Грета и сличните млади, како и сериозниот активизам на полето на амбиентализмот и животната средина, во Македонија и понатаму не навестуваат можности за создавање на некаква си посериозна политичка иницијатива инспирирана од екологизмот.

За волја на вистината на Македонија и натаму ѝ недостасува една здрава народна или конзервативна партија според моделот на Курц или Меркел. Нашата десница не успеа да се реформира, иако покажува некои ембрионални знаци на каење за минатото, но и понатаму останува повеќе да наликува на екстремна и деструктивна ултрадесничарска партија. Можеби и успехот на Курц, инаку во минатото редовен посетител на предизборните кампањи на ВМРО-ДПМНЕ, би требало да им сугерира еден поинаков пристап кон политиката, поинакви теми и понапредни пораки.

Зелените како приврзок

Политичката слика е дополнително депримирачка ако се земе предвид перцепцијата за падот на рејтингот на социјадемократите, кои во наредната година сите надежи за уште еден мандат ќе ги положат во успесите од надворешната политика и наводно подобрената економска состојба на земјата. Но, сѐ на сѐ, сликата е доста јасна. Покрај двете главни партии, нема трет играч кој би им се спротивставил, кој би ги искористил нивните слабости или барем би дал одговори и решенија на темите на кои сериозно потфрлаат, а кои се поклопуваат со растечката свест и интерес за еколошките теми.

Затоа, прашањето зошто во Македонија не се раѓа зелената опција, како и која било трета опција, можеме лесно да го елиминираме доколку сакаме, одговарајќи дека таквите опции досега секогаш служеле како приврзок, како помош или надополнување на доминатните партии. Македонија е воедно длабоко вкорената клиентелистичка средина, каде двете главни партии се потпираат на своите партиски бази, и евентуалната победа ја базираат на остатокот од електоратот кој најчесто ја казнува владејачката партија. Но, идејата е да согледаме дали во Македонија постои некаква општествена, демографска или политичка можност за раѓањето на поинаков политички субјект, инспириран од екологизмот и новата амбиенталистичка идеологија.

Македонија се соочува со една страотна еколошка катастрофа од безброј аспекти, и мора да си признаеме дека паралелно со глобалните текови, се забележува и една растечка свест кај граѓаните, особено кај оние помладите. Амбиенталист, активист, Европеец - тоа во суштина е идентитетот на младиот човек кој денес расне низ Европа. Денешните адолесценти се далеку поеволуирани и подобро информирани од минатото, иако тоа не значи дека се и повеќе автономни пред доминатните политички субјекти. Некои од последните истражувања кои успеав да ги пронајдам околу излезноста на изборите кај младите под 29 години, говорат дека само 20 проценти од корпусот на 370 илјади гласачи, излегуваат на избори. Тоа е една очајна бројка која ни потврдува колку младите денес не се заинтересирани за тоа што имаат политичарите да го кажат, или mutatis mutandis, до кој степен политичките партии не пронаоѓаат начини да ги инволвираат младите во одлучувањето за иднината на сопствената држава.

Ако на тоа го дадеме поразителниот податок дека преку 70 проценти од овие млади својата иднина ја гледаат надвор од Македонија, или најновиот податок - дека преку 100 илјади млади ниту учат ниту работат, можеме да ја разбереме димензијата, ако не на депресијата, тогаш барем на апатијата и политичката незаинтересираност кај најмладите. Тука можеме да додадеме и уште еден поразителен факт: „Речиси 30% од високообразованите луѓе во Македонија, живеат и работат во странство, а речиси 80% од студентите во завршните години на студиите на техничките факултети размислуваат или планираат да заминат од земјата. Вкупниот број наши граѓани кои денес престојуваат во странство е мошне голем и може да се процени на над 447.000 лица.“

Младите се малцинство во својата земја

Со други зборови, младиот човек денес не се судрува само со една генерациска фрактура, како што покажа случајот Грета, каде постарите им ја крадат иднината, туку и со една суштинска политичка непретставеност или нечувствување дека постои политичка опција која би ги застапувала нивните интереси. Паралелно со тоа се наметнува фактот, особено во една држава која масовно се иселува и има неповолна демографска состојба, дека младите суштински се малцинство во сопствената земја. 

Во земја која нема попис од 2002 година, многу е тешко да се направат основни статистички операции. Но, со мала помош од пријателите од социјалните мрежи дојдов до следниот податок: На почетокот на 21-от век, односно пред само 19 години, бројот на млади до 29 години во Македонија изнесувал 907.108 луѓе. Бројот на возрасни над 65 години изнесувал 213.712. Последните бројки од 2018 година, говорат за драматично влошување на ова поле. Па така, денес бројот на млади под 29 години паднал на 751.934 луѓе, додека бројот на луѓе постари од 65 години пораснал на 291.921.

Поинаку кажано, проблемот со младите не е само политичко прашање, туку одамна се има претворено во демографски проблем.

Други колумни од авторот:

Пропорционални по вокација

Македонија гори поради своите Болсонаровци!

Како можеме да излеземе од оваа трагична неперспективност и политичка геронтокрација?! Понесени и охрабрени од ново пројавениот активизам на најмладите низ Европа, во Италија се појави еден доста храбар предлог од страна на поранешниот премиер Енрико Лета. Неговата идеја е да се спушти возраста за право на глас од 18 на 16 години. Ова е нешто што веќе минатата година се случи во Малта, додека во Австрија, младите на возраст од 16 години гласаат уште од 2008 година. Во некои случаи се почнува со тоа што на новите гласачи им се дава право да гласаат на локални избори, за подоцна тоа да стане правило и за парламентарните избори.

Во секој случај една таква промена би наликувала на соодветен надоместок за младите во однос на неповолната демографска состојба за која тие и ја плаќаат најголемата цена. Не станува збор за давање на поголема тежина на гласот на младите, туку за свесно надоместување на демографски изгубената тежина на младите гласови на изборните места. Како што реков, секоја статистика треба да се земе со одредена резерва, но претпоставката е дека со една таква мерка, корпусот на гласачи под 29 години би се зголемил за помеѓу некои 60 и 80 илјади нови гласачи, доведувајќи ја вкупната бројка до некои потенцијални 450 илјади млади гласачи. Под услов нашиот нереален избирачки список од над 1 милион и 800 илјади гласачи да се исчисти од гласовите кои им вршат услуга само на големите партии, одеднаш нашите млади од 1/5 од гласачкото тело, би станале можеби и повеќе од ¼ од вкупниот електорат. Само да напоменам дека сите реални бизнис превизии и проекции околу популацијата во Македонија, запираат некаде на бројката 1,6 милиони вкупна популација. Сѐ ова, заедно со нужната реформа од една изборна единица и отворени листи, на гласот на младите би им дал огромна тежина, и во најлош случај, и без нови политички субјекти, тоа би ги приморало партиите да најдат нови начини и нови политики како да ги привлечат младите или како да ги задржат во државата.

Потребна е здрава политика за младите

Се разбира глупаво е да нагаѓаме за преференците на тој електорат, но јасно е дека од таков еден корпус на гласови би имале што да добијат сите партии. И срамота е гласот на младите, се разбира, имајќи ја предвид и нивната слаба излезност, да тежи десеткратно помалку од гласот на пример на дијаспората, каде со неколку стотина гласови се избираат дури три пратеници. Но, некои вакви промени би значеле и огромен поттик во образовниот процес, каде ќе се наметне како нужно за проширениот активен електорат, многу повеќе да се инвестира во практичното знаење на младите, во познавањето на правото и политичкиот систем, како и во амбиенталните и хуманистички науки, кои би претставувале соодветен одговор на нивните растечки интереси и растечкиот глад за сензибилизација и отворање на хоризонтите.

Сѐ ова би можело да се надокнади и со многу повеќе здрава политика, особено политика за младите. Останувам на мислењето дека еколошкиот активизам и евентуалното креирање на политички субјект кој пред сѐ би се посветил на ова поле, е најлесниот и најбрзиот начин младите да се инволвираат во политиката и иднината на својата земја. Во алтернатива останува на самите партии да размислат кој навистина губи, додека тие краторочно добиваат, од незаинтересираноста и чувството на бесперспективност кај младите, и соодветно на тоа, сериозно да се зафатат со инволвирање на младите во политика и иднината на нивната земја. Се разбира, можат и да почнат со сериозно сфаќање на еколошката катастрофа, со сериозно применување на законите за оние кои ја уништуваат природата, со сериозни казни за оние кои на основа на уништување на животната средина заработуваат, а никогаш не плаќаат за нанесената штета.

За крај, збор-два за реакциите и контрадикциите од мојата минатонеделна колумна и поддршката за Грета. Многу блиски луѓе кои ги почитувам ми истапија со замерката: „Сакате мобилни, сакате интернет, а не сакате загадување“. Или пак, „лесно е да идеализираш, но реалноста е многу покомплицирана“.

Се согласувам и со двете замерки, но еве што луѓето пропуштаат во своето размислување. Помеѓу тоа што се зборува и тоа што се прави мора да постои органска врска. Но, не може да се претендира некој вид на морална дозвола, за човек да застапува одредени идеали. Врската помеѓу двете е дијалектичка, а не превентивна. Не може да се претендира некој прво целосно да инкарнира одреден идеал кој го има во главата, и само потоа да може тој идеал да се истакне како знаме на својата политичка борба. Нашите лични некохерентности кои нѐ следат во конкретниот живот, како и нашите идеали, испливуваат преку нашиот труд и заложби, како што секојдневно учиме, продлабочуваме и се соочуваме.

Потоа, никаде не пишува дека воопшто одреден идеал треба да го инкарнираме за да го застапуваме. И тоа од две причини - една егзистенцијална, другата политичка. Првото има врска со нашите лични и индивидуални ограничености – затоа луѓето и се даваат на политиката, за да се издигнат до еден колективен политички субјект кој ги трансцендира личните мани и недостатоци или некохерентности на поединецот. Втората е дека за да живееме совршено кохерентно со своите идеали, непоходни се серија општествени, социјални, политички, економски и културни предуслови, кои никогаш не зависат само од нас самите. Затоа и замерката кон младите дека протестираат против загадување додека користат смартфони направени од детски труд, значи да не се зграпчи контрадикцијата на еден политички процес, кој употребувајќи ги токму инструментите без кои не би постоел, всушност го проблематизира и става под прашање самиот начин на производство и нашето општество како целост.

Претендирањето на совршена кохерентност, всушност значи одржување на статусот-кво.