1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Зошто не функционираше системот за рано предупредување?

24 декември 2018

Цунамито на индонезискиот брег однесе над 370 животи, а преку 1500 луѓе се повредени. Зошто властите не сметале со опасноста? Одговор дава научникот Јерн Лаутерјунг.

https://p.dw.com/p/3AaNj
Indonesien Nach dem Tsunami
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/D. Roszandi

ДВ: Дали оваа катастрофа, на околу сто километри западно од индонезискиот главен град Џакарта, некако се насетуваше?

Јерн Лаутерјунг: Според сѐ, цунамито е предизвикано од ерупција на вулканот Анак Кракатау. Претходно можеа да се утврдат вулкански и сеизмички активности, но многу е тешко да се предвиди дали поради тоа ќе се појави и цунами.

Зошто не функционираше системот за рано предупредување?

Системот за рано предупредупредување се концентрира на земјотреси од едноставна причина што 90 проценти од сите цунами на кои сме сведоци се резултат на силни земјотреси со магнитуда од 6,5 до 7 степени или повеќе. При мали сеизмички активности, како во овој случај, системот за рано предупредување не се вклучува, затоа што би имало премногу лажни аларми. И, затоа што вообичаено помали сеизмички активности не предизвикуваат цунами.

Dr. Jörn Lauterjung | Geoforschungsinstituts Potsdam
Јерн ЛаутерјунгФотографија: GFZ

Дали сега, по актуелниве настани, тоа ниво од 6,5 степени би морало да се снижи, или тоа нема смисла?

Не, тоа вопшто нема смисла, поради тоа што сеизмички активности од 4 до 5 степени во Индонезија се мерат речиси секојдневно на различни места, така што тоа би довело до многу лажни аларми. Уште еднаш ќе повторам - речиси сите цунами на кои све сведоци се предизвикани од силни земјотреси, а само 10 проценти од сите цунами се резултат на вулкански активности или лизгање на земјиште. Поради тоа прагот е толку високо поставен.

Сметате ли дека е можно повторно да има цунами во наредните денови?

Не, не верувам.

Што им советувате на жителите?

Тоа е тешко прашање. Пред отприлика точно три месеци, на 28 септември, се случи Сулавеси-цунамито, со над 2.000 жртви. Тоа беше цунами предизвикано од лизгање на земјиштето. Сакам да кажам дека во месеците или годините потоа на луѓето може само многу да им се објаснува и да им се зголеми знаењето, со цел да сфатат дека вакви работи може повторно да се случат. Да сфатат дека нема стопроцентна безбедност, дури и кога постои систем за рано предупредување.

Значи Вашиот заклучок е дека вакви несреќи и во иднина нема да можат да се спречуваат?

Тоа никогаш и не беше интенцијата со системот за рано предупредување. Сосема беше јасно дека секогаш може да се случат катастрофи со повредени и загинати. Сиостемот за рано предупредување се обидува да ги минимизира штетите или катастрофите. Но, сосема да се избегнат е невозможно.

Јерн Лаутерјунг е гео-истражувач во Германскиот геолошки истражувачки центар (ГФЦ)