1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Обама ја повлече рачната кочница?

18 септември 2009

Со одлуката да ги стопира плановите на владата на Џорџ Буш- стационирање ракетен одбранбен штит во Европа, американскиот претседател Барак Обама предизвика надворешно-политички пресврт, во кој има само добитници.

https://p.dw.com/p/JjPe
Одлука која не дојде ненадејно-ОбамаФотографија: AP

Одлуката на американскиот претседател Барак Обама не е ненадејна. Уште пред неколку месеци американско-руски експертски тим констатираше дека планираниот ракетен одбранбен штит со ракетна база во Полска и радарска станица во Чешка е премногу скап, тежок за изградба и неефикасен против иранските ракети со долг дострел. Значи, Обама има причина што ја повлече рачната сопирачка.

Напредокот на модерната ракетна техника-една од причините

Двата официјални аргументи ги изнесе американскиот министер за одбрана, Роберт Гејтс. Тој беше на истата функција и за време на Џорџ Буш и тогаш го поддржуваше стариот систем. Сега мораше да го смени ставот. Во образложението се повика на напредокот во ракетната техника, која нуди други, подобри алтернативи отколку моделот што тој го фаворизираше пред три години. Потоа, тука е констатацијата на безбедносните експерти, дека, во меѓувреме, постои поголема опасност од иранските ракети со краток и среден дострел, отоколу од оние со долг дострел. Сево ова играло улога при донесувањето на одлуката за стопирање на ракетниот одбранбен систем, но јасно е дека безбедносно-политичкиот пресврт носи и друга предност.

Прво, тоа се парите. Стационарниот штит е скап. Конгресот во јуни го укина буџетот за глобален штит, во кој дел требаше да биде европската варијанта. За претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, штитот одамна беше трн в око. Со оглед на споровите околу здравствената реформа, на Обама нема да му штети ако го подобри расположението во сопствената партија. Особено кога му е потребен секој долар за војната во Авганистан.

Второ, со одлуката Обама им излегува во пресрет на сојузниците во НАТО, кои заради овие одбранбени планови се чувствуваа оставени настрана, како и на Русија. Москва го сметаше штитот за закана за својот суверенитет и сопствената територија, и покрај спротивните уверувања на Американците.

Дали ќе се оствари сметката на Обама?

Обама треба да е свесен за ризикот дека неговата одлука кај руските тврдолинијаши ќе се смета за потврда на нивниот став кон САД. Но, позитивната реакција на рускиот претседател Дмитри Медведев покажува дека гестот на Обама е примен. Дали ќе се оствари сметката на Обама, треба да се знае следните недели, кога во ОН ќе се дискутира за атомскиот спор со Иран, Северна Кореја и глобалното вооружување. А во решавачка фаза влегуваат и преговорите за договорот за намалување на стратегиското оружје, кој истекува на крајот на годинава. Сигурно не е случајно што веста за одлуката на американската влада околу одбранбениот штит е соопштена токму сега.

Symbolbild Raketenabwehrsystem
Фотографија: AP Graphics

Добро е што претседателот не направи компромис

На републиканците во Конгресот, се разбира, не им се допаѓа оваа промена на ставот. Во неа тие гледаат потклекнување пред Русија. Но, во моментов решавачкиот збор го имаат демократите. Тие ја потврдуваат политиката на нов почеток со Русија и крај на реториката на студената војна. Добро е што претседателот овојпат се воздржа целосно од натпартиски компромис, на кој тој апелира толку радо, иако без успех.

Полска и Чешка, пак, не треба да се чувствуваат како губитници во оваа промена на ставот. САД не се откажуваат целосно од плановите за ракетна одбрана. Концептот, меѓутоа, станува пофлексибилен. Во Полска и натаму е предвидено страционирање на Патриот-ракети за противвоздушна одбрана. Новиот концепт е дискутиран со полската и чешката влада, соопшти американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс.

Откажувањето на САД од спорниот ракетен одбранбен штит не значи и откажување од принципот на ракетна одбрана. Но, се менуваат средствата со која ќе се врши таа. Со тоа се постигнува пред се‘ едно - придвижување на многу преговарачки маси. А тоа е веќе многу во споредба со последните години.

Автор на коментарот: Кристине Бергман

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска