1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зошто Русите не се вакцинираат против Ковид?

Сергеј Сатановски
29 октомври 2021

Поради влошувањето на корона-состојбата, региони во Русија повторно се во локдаун. Една од причините за тоа е ниската стапка на вакцинација. Зошто Русите се толку скептични кон вакцината против Ковид?

https://p.dw.com/p/42KCd
Russland Moskau  Corona-Pandemie
Фотографија: Ilya Pitalev/Sputnik/dpa/picture alliance

Во Москва и регионот околу рускиот главен град од вчера (28.10) се затворени продавници и голем број институции, како училиштата. Освен тоа не работат ниту рестораните, фитнес-студијата, фризерските салони... Отворени се само уште аптеките и продавниците за храна. Исклучок важи и за театрите и музеите, каде може да се влезе со QR-код, со кој се докажува целосна вакцинација или прележан Ковид. Ограничувања за невакцинираните има и во голем број други региони ширум земјата. Новиот локдаун важи до 7 ноември.

Пред една недела градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, најави строг локдаун откако рускиот претседател Владимир Путин ден претходно го потпиша декретот за слободни денови во првата недела од ноември. Властите посегнуваат по мерката затоа што во Русија има нови рекордни бројки на заболени од Ковид и на смртни случаи. Притоа, стапката на вакцинирани е прениска.

Russland Moskau Corona-Pandemie
Дезинфекција на железничка станица во МоскваФотографија: ALEXANDER NEMENOV/AFP

Против новиот бран со локдаун и обврска за вакцинирање

Во Русија официјално кампањата за вакцинирање е во тек веќе речиси една година. Но, целосно вакцинирани во моментов се само околу една третина од Русите, вклучително и оние кои добиле вакцина уште пред шест месеци. Во споредба со многу други развиени земји, тоа е ниска стапка - во Германија, на пример, стапката на вакцинирани е повеќе од двојно поголема.

Бројот на заболени од Ковид-19 и на починати во октомври достигна рекорд. На 27 октомври руските власти објавија дека во земјата има 36.600 новоинфицирани, или најмногу од почетокот на пандемијата. Секојдневно умираат по околу илјада лица. „Во наредните денови ќе достигнеме историски највисоки вредности на Ковид-инциденцијата“, предупреди неодамна московскиот градоначалник Собјанин.

Повеќе:

Драматична корона-состојба во Русија

Не си вакциниран? Тогаш нема плата!

Русија: Слободна масовна вакцинација и бесплатен сладолед

Властите сега имаат намера да го прекинат корона-бранот со локдаун и фактичка обврска за вакцинација. Според истражувањето на Фондацијата за јавно мислење (ФОМ), Русите по ова прашање се неединствени: 47% од испитаниците претпочитаат обврска за вакцинирање, но исто толку луѓе тоа и го отфрлаат. Истовремено, мнозинството (60%) е уверено дека за борба против коронавирусот е неопходно масовно вакцинирање. Само 23% од испитаниците сметаат дека тоа не е потребно.

Sergey Elkin Karikatur zu Coronalage in Russland
Карикатура на Сергеј Елкин: „Веќе сум уморен од тоа да ве заразувам! Почитувајте го правилото за носење маска, вакцинирајте се, држете дистанца!“

Недоверба кон властите и вакцините

До почетокот на летото уделот на противници на вакцините меѓу Русите беше околу 60%, додека околу 30% беа подготвени да се вакцинираат, вели за ДВ раководителот на рускиот институт за истражување на јавното мислење „Центар Левада“, Денис Волков. Во текот на летото уделот на противници на вакцинирањето малку се намали откако во Москва две недели не можеше да се влезе во кафуле или ресторан без со QR-код да се приложи доказ за вакцинација, за прележана болест или негативен тест. По укинувањето на таа мерка, се намали и подготвеноста за вакцинација.

Анкетите на „Центар Левада“ покажуваат дека недоволната подготвеност за вакцинирање се должи пред сѐ на недоверба кон вакцините и кон властите. Волков потенцира дека во Русија е широко распространета скепса кон различни структури на власта. На пример, половина од Русите не ја одобруваат работата на владата.

„Гледаме дека кај оние кои имаат негативен став кон властите, уделот на лица кои сакаат да се вакцинираат е многу помал“, објаснува социологот. Според него, оние кои не им веруваат на властите ги отфлраат речиси сите државни иницијативи, сеедно дали станува збор за кампањата за вакцинирање, за воведување дигитално гласање или надградба на видео-надзорот. Но, најголемиот дел од ноие кои се плашат од вакцина, истовремено се плашат и од зараза со коронавирус, додава Волков.

Russland Tambov Corona-Pandemie
Целосно вакцинирани во моментов се само околу една третина од РуситеФотографија: Alexey Suhorukov/Sputnik/dpa/picture alliance

Не се потребни забрани, туку информирање

Во моментов само околу половина од руските граѓани им даваат поддршка на напорите на властите во борбата против коронавирусот, оценува институтот „Ромир“. Раководителот на институтот, Андреј Милехин, вели: „Постои поларизација во општеството.“ Затоа на интернет има многу дебати и голем број лажни информации кои се шират целно.

Но, на тоа властите реагираат погрешно, смета Милехин. Имено, се реагира со забрани и ограничувања. Речиси веднаш по избувнувањето на пандемијата во Русија, во март 2020 година, парламентот донесе закон со кој се казнуваат престапи против санитарните и епидемиолошките прописи во случај на вонредна состојба и состојба на катастрофа.

„Практично е невозможно сѐ да се затвори и забрани. Мерките мора да се објаснат јасно и со факти“, оценува Милехин. Оние кои носат одлуки треба да сфатат дека општеството е комплексно структуирано. Аргументите треба да стигнат до секоја група од населението. Тие аргументи треба да ги уверат граѓаните да се држат до правилата во борбата против коронавирусот, нагласува тој.