1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто се’ повеќе млади во Македонија постат?

2 април 2010

Постот станува се’ помасовна појава во Македонија како мошне важен ритуал во верскиот живот. Особено младите луѓе пред големите верски празници практикуваат да постат. Од здравствени и од верски побуди.

https://p.dw.com/p/Mk11
Фотографија: Petr Stojanovski

Биљана е млада жена која годинава втор пат во нејзиниот живот ги практикува великднеските пости. Во оваа последна недела од 40 дневниот пост тврди дека не чуствува тешкотии поради тоа. Напротив.

„Не ми е воопшто тешко, втора година ми е, има многу производи како замена за месото, всушност овие 6 недели се чуствувам подобро од периодот кога не се пости“

Постарите зачудени

Постот станува се’ помасовен обичај во Македонија. Од година во година се побројни стануваат луѓето, особено младите кои ја почитуваат определбта за духовно и телесно прочистување во пресрет на некој од големите христијански празници. Можеби најдобра потврда дека постот добива на масовност е впечатокот на една средовечна госпоѓа која со своите пријателки ја сретнавме во кругот на соборниот храм свети Климент Охридски.

„ Ние не научивме да постиме бидејќи растевме во социјализам. Сега гледам младината, имам во соседството пример, цели пости без масло, просто се чудам“, вели нашата соговорничка.

Постот не е обичај

Во црквата влегува тричлено семејство. Веднаш се забележува дека станува збор за големи верници. Молитва свеќи, на заминување од храмот Дојче Веле ги прашува дали постат и какво е нивното мислење за овој обичај.

„ Многу убав обичај е, здрав, но јас не го практикувам бидејќи бара подобра организација. Компликувано е за готвење“

Постот не е обичај туку подготовка да се пречека Господ Бог, смета црквата. Отец Сашо Николески за Дојче Веле објаснува.

„ И самиот господ Исус Христос кога зборувал за ѓаволот рекол овој род не се истерува со ништо друго освен со пост и молитва“.

Mazedonien Land und Leute Kloster in Macrovo
Постот е важен дел на религијатаФотографија: Nikos Pilos

Многумина се одлучуваат да постат од здравствени, а бројни се и оние кои постат од верски побуди. Но немаат сите услови и можност да постат.

„ Нема кој да ми готви посни јадења, студент сум, сам живеам во Скопје“.

Облагородување на духот

Без разлика какви се мотивите, медицината го потврдува постот како здрав обичај.

„ Лекарите ќе ги потврдат работите кои црквата низ вековите ги практикувала“, објаснува отец Николевски.

Постот се смета за средство на облагородување на духот, на чистење на телото, води кон успокојување на душата, подучува на скромност и отфрлање на лошите намери и желби. Се смета за „молитва со телото“. Мудроста вели дека постот е начин да се присетиме дека она што го сакаме, во голема мера само за себе, најчесто не е пат кон среќата. Тој пат води низ Љубовта и единството на Духот, Умот и Телото. Постот го има во сите религии, како мошне важен дел од религиозните обреди и духовните ритуали.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски