1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руското спорно останување во Советот на Европа

Михаил Бушујев | Елена Барушева | Сергеј Дик
27 јуни 2019

По пет години, Русија повторно има право на глас во Советот на Европа, иако ништо не е променето во причините за неговото одземање. На што се должи промената на ставот?

https://p.dw.com/p/3L9oo
Ukraine Kiew Protest gegen Rückgabe des Stimmrechts an Russland im Europarat
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Supinsky

На Русија повторно ѝ е вратено правото на глас во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), откако за соодветната резолуција ноќта кон вторникот се изјасни јасно мнозинство од членовите.

Во април 2014. година, по анексијата на украинскиот полуостров Крим, спротивна на меѓународното право, на руската делегација ѝ беше одземено правото на глас, а беа сменети и руските претставници кои заземаа одредени функции во Советот на Европа. Како реакција на притисокот од Стразбур, Москва ја „затвори славината“ за пари за Советот на Еропа и од јуни 2017. година не ги плаќа своите придонеси. Тоа е чувствителен удар, со оглед на тоа што Русија учествуваше со околу девет проценти во буџетот на Советот на Европа.

Сега е постигнат компромис: Русија ќе ги уплати заостанатите придонеси и ќе го добие повторно своето право на глас и останатите ингеренции во полн обем. Во текстот на усвоената резолуција проблемот со Крим не е споменат со ниеден збор. 

Судот за човекови права како последна надеж за обичните Руси

Одлуката на Советот на Европа е во голема мерка спорна и предизвика крупен скандал. Во знак на протест, украинската делегација ја напушти салата и се закани со повлекување на своите претставници од Парламентарното собрание на Советот на Европа. Критика стигна и од други држави, на пример балтичките. Литванскиот министер за надворешни работи Линас Линкевициус одлуката ја нарече „тежок удар за веродостојноста на Советот на Европа“. Претседателката на Естонија, Керсти Каљулаид пак твиташе: „Не исчезна ниту една од причините поради кои Русија го загуби правото на глас“.

Парадоксално е што за многу руски активисти за човекови права и критичари на Путин, компромисот е прифатлив. Тие тврдат дека алтернативите за оваа одлука се значително полоши. Доколку ова лето не се постигнеше согласност, Советот на Европа ќе мораше да се зафати со комплетно исклучување на Русија од организацијата. Зашто, правилата велат дека по две последователни години неплаќање придонеси, една земја може да биде исклучена.

Frankreich Gebäude des Europarates in Straßburg
Мнозинство во Советот на Европа реши на Русија да и се врати правото на гласФотографија: picture-alliance/imageBROKER/M. Moxter

„Ако Русија го напушти Советот на Европа, тоа би бил недвојбено горчлив удар за руските граѓани“, изјави Татјана Локшина, програмска директорка на Хјуман рајтс воч во Русија во интервју за Дојче веле. Во тој случај Русија би ја напуштила и судската јурисдикција на Европскиот суд за човекови права. „Илјадници Руси, кои не можат да ги остварат своите права во својата татковина, вложуваат тужби во Европскиот суд за човекови права“, истакнува Локшина.

Денес Европскиот суд за човекови права е „единствениот функционирачки суд во Русија, ако може така да се каже“, објаснува Соја Светова, позната руска активистка за човекови права и новинарка, во интервју за Дојче веле. Пресудите на Европскиот суд за човекови права претставуваат во извесни размери повторно воспоставување на правдата. Евентуален излез, убедена е Светова, силно би ја променил Русија. „Фактички, ние повторно би биле фрлени назад во старите советски времиња. Недостигаат само Железната завеса и смртната казна“, вели Светова.

Скап компромис за Советот на Европа

Руското останување во судската јурисдикција на Европскиот суд за човекови права и во Стразбур беше важен аргумент на поддржувачите на резолуцијата. Конечно, во 2018. година најголем број од доставените тужби до Европскиот суд за човекови права се од Русија. Но Кремљ, се жали Кирил Коротејев од руската организација за човекови права „Агора“, следи „рационална стратегија“ на целно слабеење на Европскиот суд за човекови права. Рускиот Уставен суд во 2017. година заклучи дека Русија треба да ги прифати пресудите од Европскиот суд за човекови права само во случај тие да не се спротивни на рускиот устав. Така на пример, Москва ја игнорираше пресудата од Стразбур. според која Русија треба да им плати отштета од вкупно 1,9 милијарди евра на поранешните сопственици на распаднатиот нафтен концерн Јукос. Исплаќање обесштетување од буџетски средства противречи на принципите на еднаквост и праведност, гласи образложението на Уставниот суд.

Повеќе:

Што да се прави со Русија?

Кому уште му треба ваков Совет на Европа?

„Украина плаќа за безбедноста на Европа“

Под овие услови, истакнува Коротејев, Европскиот суд за човекови права во Русија не претставува реална инстанца за остварување на човековите права, туку повеќе „еден вид книговодител“, кој врши јавно обвинување при прекршувањето на човековите права, но на оштетените тешко може да им помогне да ги остварат.

Во противниците на компромисот спаѓа и реномираната руска организација за човекови права „Мемориал“. „Промени во санкциите би требало да има ако има и промена на ситуацијата на Крим. Но, руските власти не излегоа ни еден чекор во пресрет на барањата на Советот на Европа. Зошто тогаш требаше да се укинуваат санкциите?“, прашува Јан Ратшински, раководител на „Мемориал“.