1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Собранието стана „несаканото дете“?

21 мај 2020

Потценувањето на граѓаните е пострашно од заканата со вирусот. Коментар на Катерина Блажевска.

https://p.dw.com/p/3cZeL
Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Сите партиски лидери вртат иста мантра: дека распуштеното Собрание не може да се состане. Дека само за ова има меѓупартиски „консензус“, посведочи лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со изјавата дадена по лидерската средба од 12-ти мај: „Уште еднаш потврдивме дека се истрошени сите можности парламентот да биде свикан (...), а и Уставниот суд двапати потврди дека не може да се свика.

Од каде тоа? Токму со одлука на Уставниот суд број 104 од 2016 година, која до денес не е променета, утврдено е дека по одлуката за самораспуштање пратениците не можат повторно да заседаваат, освен во услови на воена или вонредна состојба. Член 63 став 4 од Уставот е јасен: „Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба".

Имаме ли вонредна состојба? Имаме. Трета по ред, со траење до 30-ти мај. Лажни се дилемите - дали ова важело за парламент со полн легимитет или за распуштен парламент, бидејќи кога Уставниот суд одлучувал за ова, го имал на маса токму прашањето за ситуација кога Собранието е самораспуштено. И Талат Џафери тоа добро го знае.

Тешко ќе им биде на партиските лидери да објаснат зошто не сакаат Собранието да се состане, а во време кога дел од нив ја критикуваат (зло)употребата на законодавните надлежности кои ги добива техничката влада во вонредна состојба, како и содржината на голем дел од уредбите со законска сила кои таа ги носи. Ем уредбата за изборните прашања ја сметаат за спорна, ем не сакаат со уставен клуч да ги отворат вратите на парламентот. Што е во прашање - лов во мантно, самофакторизација на партиското поглаварство, или и двете заедно? А притоа сите се повикуваат на „правото".

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

Ако, според нив, Собранието не може да заседава, од каде пак лидерите си црпат „надлежности“ дека тие може да заседаваат и да одредуваат датум за избори? Како овој неформален формат наречен „лидерска средба“ ни се подметнува небаре е „законски фундирана инстуитуција“? И кој ќе го потврди изборниот ден, ако од опозицијата истовремено тврдат дека владината уредба создава правна фрикција, односно дека по завршувањето на вонредната состојба проблематично е изборните дејства да продолжат со остатокот од роковите. Но, тоа не е сѐ. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, изјавил дека „единствен кој може да утврди датум за избори е претседателот на Собранието, а тоа нема да се случи ако нема консензус“ (на лидерите - н.з.) Но ако парламентот е распуштен, од кого претседателот на Собранието ќе добие овластување да го утврди изборниот датум? Од партиските лидери? Која институција ја претставуваат тие, какви се нивните законски надлежности и во каква правна корелација со шефот на распуштеното Собрание? Ако функцијата на Џафери сега е само административна, а не политичка, ни тој нема мандат да утврдува датум за избори. Значи, повторно се враќаме на нужноста и уставната можност парламентот да се состане.

Наместо тоа, и натаму на повидок е обид со неправни дејства да создадат илузија дека се залагаат за правна држава. Тоа не поминува. Ова е натпартиска манипулација, во која секој си ги наоѓа парцијалните интереси, по што стануваа многу сомнително дали им е приоритет здравјето на граѓаните, или повеќе партиското здравје. На едните им одговара надградба на извршните со законодавни надлежности, на други не им одговара во парламентот да зависат од волјата на пратениците кои не се на новите листи, а заедно со трети, стравуваат дека во реотвореното Собрание може да се испили ново парламентарно мнозинство. Дали на ова мислат кога зборуваат за „здравјето“? Дали затоа не им се брза, додека спротивно на тоа, ги редат сите здравствени и економски закани, токму поради кои мора брзо да се оди на избори, за да се добијат функционални институции кои ќе треба да справуваат со тие предизвици.

Да биде состојбата уште покомплицирана, претседателот на ДИК предлага рокови небаре земјава се подготвува за вселенска мисија. Колку за илустрација: предвремените парламентарни избори во Хрватска се распишани за 5 јули. Одлуката влегува во сила на 2 јуни, изборните рокови течат од 3 јуни, а во рок од 14 дена политичките партии и независните кандидати треба да ги поднесат листите до Државната изборна комисија. Изборната кампања ќе трае 15 дена: од 19 јуни до 3 јули. Од вчера, кога е објавена одлуката, до денот на гласање има 45 дена. Од денот кога почнуваат изборните рокови до завршувањето на кампањата и изборниот молк остануваат 30 дена. Тешко е да се објасни како хрватската ДИК има време да ги почне и заврши сите изборни дејства во тој рок, а на македонската ДИК, која повеќе од половина од изборните дејства веќе ги заврши, според претседателот на Комисијата, ѝ требаат нови 50 до 60 дена.

За жал, потценувањето на граѓаните стана пострашно од заканата со вирусот.