1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Србија го амнестира контроверзниот тајкун Кариќ?

Ивица Петровиќ
31 декември 2016

Не е ништо ново за српското правосудство да ги обвинува, гони, истражува „контроверзните бизнисмени“, а потоа да ги ослободи. Во случајот на Богољуб Кариќ, сепак, има многу повеќе политика од вообичаено.

https://p.dw.com/p/2V0ml
Von Interpol gesuchter serbischer Tycoon Bogoljub Karic
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

Бизнисменот Богољуб Кариќ (на насловната фотографија) е слободен човек кој Новата година ќе ја дочека во Србија- првпат по 10 години, колку што се криеше од српскиот закон во Русија. Специјалниот суд ја повлече потерницата бидејќи Обвинителството за организиран криминал ја запре истрагата по повод основањето на Мобтел и сомнителните кредити на Астра банка за фирмите од Кипар. Претходно беше прекината и истрагата против Кариќ и членови на неговото семејство поради злоупотреба на службената положба. Тоа е епилог на 15-годишната сага. Сега, на некогашниот сопственик на монополот за мобилна телефонија и БК телевизија ќе му бидат вратени скапоцени автомобили, вили и друг имот.

Недопирливите тајкуни

Случајот на Кариќ не е единствениот од тој вид во Србија во последните години. Поради застареност, или поради недостаток на докази, запрени се процеси против бизнисменот Станко Суботиќ-Цане и ексминистерот Млаѓан Динкиќ. Во недостатокот на подобар израз, „контроверзниот бизнисмен“ Драгослав Космајац од најголем нарко-дилер во овој дел од светот- како што го опиша премиерот Александар Вучиќ, на крај беше обвинет за затајување данок и присвојување на неколку хектари земјиште во Мали Мокри Луг.
„Проблем е што имаме несериозна држава во секој поглед“, вели Милан Ќулибрк, главен уредник на неделникот НИН. „Таа држава е несериозна или сега кога дозволила процесите да застарат или пропаднат поради недостаток на докази, или била несериозна кога поднесувала кривични пријави и пишувала потерници. Веќе со години имаме бројни афери, 24 спорни приватизации, апсења на бивши министри, а немаме ниту една правосилна пресуда. Очигледно проблемот е во недостатокот на добар правен систем и институции кои би ја работеле својата работа. Сега ја плаќаме цената за сето тоа“, вели Ќулибрк.

Von Interpol gesuchter serbischer Tycoon Bogoljub Karic
На претседателските избори во 2004. Кариќ освои 18 проценти од гласовитеФотографија: Getty Images/AFP/D. Mihailescu


Новинарот на неделникот Време Радмило Марковиќ неодамна опширно пишуваше за случајот Кариќ. Објаснува дека откажувањето на обвинителството не е случајно, затоа што случајот и онака би застарил во мај следната година. „Дали тоа има врска со политичките случувања кои не очекуваат следната година?“, прашува Марковиќ. „Партијата на Кариќ е дел од владејачката коалиција со Српската напредна партија на Вучиќ. Миланка Кариќ во парламентот се јавила за збор само еднаш за неколку години, а Драгомир Кариќ само неколку пати годишно; тоа значи дека не се таму за да го унапредат парламентарниот живот, туку да помогнат на некој друг начин. А како точно помагаат- не знаеме“, вели тој.

Претставата на премиерот

Фактот дека правосудството повеќе не го гони советникот на Вучиќ за соработка со арапските земји, Млаѓан Динкиќ и дека партијата на Кариќ е на листата на СНС, сепак не го спречија премиерот, како што пишуваа медиумите, „да побесни поради Кариќ и Динкиќ“. Според тие извори, премиерот викал по министерката за правда Нела Кубуровиќ, барајќи објаснување зошто нема докази против двајцата.
Милан Ќулибрк смета дека зад таа викотнива стои обидот „и во таква ситуација да се собере некој политички поен“. „Не е смислата на државата претседателот на владата да вика по министрите, туку институциите да си ја работат својата работа“. Марковиќ дополнува дека зад сета галама се крие најобична претстава за јавноста.
Освен на влијанието на политиката врз правосудството, соговорниците на ДВ упатуваат на уште еден проблем кој се влече веќе две децении- зошто ниту една српска власт досега во односите со Русија не го тематизираше прашањето за криење на бегалците од Србија од законот. Кариќ, исто како и Мирјана Марковиќ и Марко Милошевиќ, во Русија доби азил.
„Ние се фалиме со одлични односи со Русија, а на крајот излегува дека оние по кои овде е распишана потерница мирно седат во Москва иако ги бара нашето правосудство“, вели Ќулибрк.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема