1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ивановски: Не би ризикувале да донесеме несоодветен закон за медиуми

АМ/миа9 јуни 2013

Остануваме отворени да дебатираме за нацрт-законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги со секој, изјави во интервју за МИА министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

https://p.dw.com/p/18mNt
Фотографија: DW/S.Toevski

Во интервјуто Ивановски вели дека намерата е да се донесе што поквалитетно законско решение што е можно поскоро. За првичната верзија на законот пристигнаа 380 коментари, без препораките од ОБСЕ и Советот на Европа.

„Статистиката покажува дека 80 се целосно, а 60 делумно прифатени. За нас е значајно тоа што добивме и коментари од Совет на Европа и од ОБСЕ. Дел од нив се прифатени, дел од нив не се прифатени. Истото ќе го направиме и овојпат. Сите забелешки ќе се земат предвид, ќе се разгледуваат“, истакнува Ивановски.

Министерот најавува уште една рунда разговори со засегнатите страни.

„Во моментов очекуваме дека ќе продолжи дискусијата, ќе направиме уште една рунда разговори, ќе дозволиме неколку дена да се разгледа новиот текст и доколку нема круцијални забелешки за што ќе биде неопходно повеќе време, ќе го испратиме текстот до Владата на РМ и потоа до Собранието“, изјави министерот.

Нема ограничување на времето за донесување на овој закон, но бидејќи на него долго се работи се надева дека тоа ќе се случи во најскоро можно време.

„Но, во никој случај не би ризикувале да се донесе и законска регулатива којашто е несоодветна поради времето. Ние не сме ограничени со времето. Сакаме законската регулатива да биде квалитетна“, вели Ивановски.

Министерот посочува дека Советот на Европа до нив доставил анализа за секоја нивна препорака, без разлика дали е таа позитивна или негативна, како и дополнително документи во кои се повикува на примери од други земји.

„Од друга страна имавме институции кои препорачуваа само да се брише. Без аргументи, зошто, како, каде е тоа поинаку регулирано... Тоа беше круцијална разлика не само помеѓу ОБСЕ и Совет на Европа, да не се сфатиме погрешно, за сите коментари што доаѓаа и од поединци и од цели здруженија“, вели Ивановски.

Тој додава дека и анализата на СЕ и на ОБСЕ се поставени на интернет и граѓаните да ги видат разликите. Ивановски вели и дека најмногу се слушани порепораките кои доаѓаале од Република Македонија.