1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов во Њујорк побара достоинствено именување на Македонија

ЖА/миа28 септември 2012

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во говорот пред Генералното собрание на ОН упати повик до сите држави – членки на Светската организација кои се’ уште не ја признале Македонија под уставното име, да го сторат тоа.

https://p.dw.com/p/16GlX
Фотографија: MIA

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во говорот пред Генералното собрание на ОН упати повик до сите држави – членки на Светската организација кои се’ уште не ја признале Македонија под уставното име, да го сторат тоа.

„Денес, во 21 век, се чини апсурдно некој да биде ословуван како поранешна држава или поранешна колонија. Во име на достоинството на мојот народ користам прилика јавно да им се заблагодарам на сите 134 земји-членки на Обединетите нации кои го признаа уставното име на мојата држава, а тоа е Република Македонија. И да упатам апел до сите Вас: обраќајте ни се од аспект на иднината“, изјави Иванов.

Во своето обраќање, Иванов стави акцент на пресудата на Меѓународниот суд на правдата на Обединетите нации од Хаг, кој минатата година пресуди дека Грција ја прекршила Времената спогодба со ветото за македонскиот прием во НАТО.

Иванов го подигна документот со пресудата од подиумот на Обединетите нации, а по обраќањето и ја предаде на претседавачката со Генералното собрание. Иванов, кој вчера имаше средба со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, од говорницата во ОН побара од Бан да го вложи својот авторитет и да се ангажира за деблокирање на разговорите со Грција околу името, и за почитување на пресудата на МСП.

Präsident Gorge Ivanov Mazedonien Ban Ki Moon UN Generalsekretär New York USA
Претседателот Ѓорге Иванов и генералниот секретар на ОН Бан Ки МунФотографија: MIA

„Тука разговараме и за меѓународното право. Зборуваме за владеењето на правото. Еве ја пресудата на Меѓународниот суд на правдата донесена пред 10 месеци во корист на Република Македонија. Бараме оваа пресуда, донесена од орган на Обединетите нации, да се почитува“, изјави Иванов.

Во текот на своето обраќање, македонскиот претседател зборуваше за македонскиот модел на инклузивност и почитување на правата на граѓаните, особено правото на самоидентификација. Иванов го наведе извештајот на пратеникот за малцински права на Обединетите нации Геј Мекдугал, која во 2008. година утврди сериозни прекршувања на правата на граѓаните на Република Грција слободно да се самоидентификуваат.

„Да ве потсетам на препораката од извештајот на Мекдугал дека владата на нашиот јужен сосед треба да се повлече од спорењето околу тоа дали има македонско малцинство, и целосно да се фокусира на заштитата на правото на самоидентификација, слобода на изразувањето и слобода на здружувањето на таа заедница. Во препораката се повикува нашиот сосед да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Пресуди според кои на здружението треба да му биде дозволено да го користи зборот македонски во своето име и слободно да го изразува својот етнички идентитет. Во извештајот се заклучува дека правата на заштита мора да биде почитувана онака како што е елаборирано во Декларацијата за малцинствата и основните меѓународни договори за човекови права“, рече Иванов.

Иванов оцени дека односите меѓу Македонија и Грција треба да се градат врз основа на добрососедство, и подредување на суверенитетот на државите кон почитувањето на човековите права на своите граѓани.

Тој даде предлози и за практична соработка меѓу двете земји, како што е вклучување на договор за одбегнување на двојното оданочување.