1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот кога Иванов се обиде да ја погреба правната држава

12 април 2017

Пред точно една година македонскиот претседател Иванов објави општа аболиција за сите политичари против кои се водеа постапки. Потегот предизвика жестока меѓународна осуда и протести кои прераснаа во Шарена револуција.

https://p.dw.com/p/2b6aV
Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Кризата почнува да завршува во овој момент. Одлучив да се стави крај на оваа агонија“, порача Ѓорге Иванов во обраќањето до граѓаните од својата резиденција на 12 април 2016 година, најавувајќи ја одлуката да прогласи аболиција за сите политичари и нивни соработници против кои се водат постапки.

Иако одлуката беше повлечена неполни два месеци подоцна, Иванов предизвика шок и револт во домашната и меѓународната јавност, а погребувајќи ја правната држава, практично ја изнедри Шарената револуција

И тогаш и во деновите кои следеа, Иванов тврдеше дека одлуката ја донел самостојно и без консултации со политичките партии.

Случувањата во месеците кои ѝ претходеа на одлуката, сепак, го демантираат Иванов. Уште во март 2016, Уставниот суд донесе одлука да укине одредби од Законот за помилување со што де-факто му даде одврзани раце на шефот на државата за потегот кој уследи во април.
Дополнително, ДВ ден по одлуката објави дека таа била детално договарана со најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Според сценариото, за кое инфомираа анонимни партиски извори во тогаш владејачката партија, првиот чекор бил враќањето на надлежноста на претседателот од страна на Уставниот суд за помилување, и втората - Владата да ги поништи сите одлуки донесени од министрите на СДСМ. Одлуката на Иванов требало да отвори пат на изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ да се најдат и дел од лицата за кои СЈО води истрага, со цел партијата морално да се ребрендира и да се обнови внатрешната кохезија. Дел од договорот било и суптилно префрлање на вината за кризата во Македонија врз „туѓи цели и странски интереси“. Следниот чекор, за кој јавувавме тогаш, било заострување на гардот кон претставниците на меѓународната заедница, најпрво од Иванов, а потоа и од други претставниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

СЈО: Амнестијата ја забави нашата работа

Последната договорена мерка меѓу Иванов и ВМРО-ДПМНЕ била целосно расчистување со сите „платеници, предавници и соросоиди“ кои ја критикувале власта.

Во деновите по аболицијата, претставници на ВМРО-ДПМНЕ изјавуваа дека се „фрапирани“ од одлуката на Иванов и бараа нејзино повлекување. Истото го сторија и неколкумината актуелни и поранешни функционери на СДСМ кои се најдоа на листата.

Иванов тогаш донесе 41 одлука, со 107 помилувања за вкупно 57 лица. Ни тој, ниту неговиот кабинет никогаш не кажаа од каде ги добиле имињата на лицата опфатени со истрагите и информациите за кривичните постапки.

Таква информација до денес не стигнала ни до Специјалното јавно обвинителство, иако било испратено официјално писмено барање до Кабинетот на Иванов со таква содржина. Од СЈО, денес, една година подоцна, одлуката на Иванов ја оценуваат како „исклучително негативна“.

Mazedonien Gjorge Ivanov Präsident
Ѓорге Иванов никогаш не објасни зошто на листата на помилуваните ставил и потенцијални сведоци на СЈОФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Амнестијата на Иванов имаше големо негативно влијание. Таа значително ја забави нашата работа, особено од аспект на кусиот рок од само 18 месеци кој го добивме за нашата работа“, велат од СЈО за ДВ.

Смртта на Крпач

Дополнително, во СЈО се убедени дека одлуката имала големо влијание и врз потенцијалните сведоци во истрагите кои ги отворило обвинителството. Меѓудругите, со амнестијата на Иванов, од притвор било ослободено и едно лице осомничено дека влијаело врз сведоци. „Тоа лице никогаш повторно не се врати во притвор, иако имаше можност и натаму да влијае врз сведоците“, велат во СЈО. На листата амнестирани од Иванов имаше и други потенцијални сведоци, меѓу нив и Коста Крпач. Тој си го одзеде животот во својот дом во Скопје, две недели откако со објавувањето на листата на Иванов беше откриено и неговото име како потенцијален сведок. Претпоставките се дека Крпач се нашол под огромен притисок откако во јавноста се дозна неговото име. Иванов никогаш не објасни за што го амнестирал Крпач и зошто, случајно или намерно, го открил неговиот статус во истрагите на СЈО.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
СЈО: Амнестијата ги забави истрагитеФотографија: DW/P. Stojanovski

Иако во СЈО не сакаат да потврдат, се шпекулира дека на овој начин Иванов открил и други потенцијални сведоци. „Секако дека во амнестијата на Иванов постоеше и тој момент на психолошко влијание врз осомничени лица и врз дел од сведоците“, велат оттаму.

Иванов продолжи да опстојува на својата одлука и во следните месеци, во неколку наврати повторувајќи дека нема да ја промени. Притисокот и осудата од меѓународната заедница беа огромни, а во Скопје и во други градови низ земјата започнаа и масовни протести кои подоцна прераснаа во Шарена револуција.
Протестите започнаа во Скопје уште истата вечерта по прогласената амнестија. Прв цел на демонстрантите беше Народната канцеларија на Иванов во центарот на градот.

Реализирани сценарија

На 27 мај, Иванов се обиде со делумно повлекување на одлуката да ги смири тензиите, но одлуката беше експресно отфрлена и во домашната јавност и од меѓународната заедница. Од Брисел и Вашингтон веднаш му порачаа дека не прифаќаат „селективно пишманење“.
На 6 јуни, Иванов целосно ја повлече аболицијата, овојпат со соопштение од неговиот Кабинет во кое и натаму тврдеше дека смета оти „тоа било вистинската одлука која ќе придонесе за национално помирување“.

Протести во Скопје против Иванов

Ѓорге Иванов, во меѓувреме, и натаму останува главниот кочничар на демократските процеси во земјата. Она што докрај не му успеа со аболицијата, во меѓувреме, успешно го реализира со одбивањето да го даде мандатот за формирање влада на мнозинството пратеници во Собранието. Тоа го потврдуваат и изјавите на претставниците на ЕУ, САД и НАТО, како и на поединечни земји-членки на Унијата, како Германија, кои кон него во изминатиот период упатија бројни, остри критики. Она што веројатно несакајќи му успеа, освен да ја обедини меѓународната заедница против него, е и обединувањето на македонските граѓани во борбата против криминалот и корупцијата во знакот на Шарената револуција.
Дел од сценаријата кои Иванов ги договарал со раководството на ВМРО-ДПМНЕ уште во пресрет на аболицијата, особено во делот на односот кон меѓународната заедница и прогонот на „предавниците и соросоидите“ се реализираат и денес.