1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идеално е да се има балкански дух и европски вредности

9 мај 2010

Деветти мај е Ден на Европа. Колку во Македонија луѓето можат да се чувствуваат европски? Земјата е се‘ уште далеку од европскиот стил на живот, сметаат неколкумина врвни професионалци во својот домен.

https://p.dw.com/p/NJgJ
Фотографија: DW

Македонија веќе две децении се насладува со европската приказна. На моменти кошмарен, на периоди исправен пред шекспировата дилема - да се биде или не, европскиот сон е се‘ уште актуелен, впечатлив. Зборот интеграција стана мантра која политичарите им ја сервираат на граѓаните во редовни антибиотски дози. Се уморивме од реформи, а европските вредности останаа ненаучени, европските навики неприменливи.

Празникот на Европа е иделен повод да ги прашаме нашинците кои ги признава и светот - дали дома во Македонија можат да се чуствувате европски? Една од најпознатите македонски актерки Лабина Митевска вели:

„Мислам дека се‘ уште не, се‘ уште повеќе се чуствувам балкански, отколку европски. Полека одиме кон тоа, има промени. Убавината е да си го задржиме балканскиот идентитет, дух и да ги земеме европската точност, европските правила и професионалност и да се направи комбинација.“

Миксот на балканскиот дух и европските вредности е идеален рецепт и според професорот Ферид Мухиќ:

„Бидејќи нашата традиција не е неевропска. Ние не сме полуварвари кои допрва треба да се воспитуваат на европските стандарди, ние сме полуварвари кои заборавиле на сопствените стандарди и затоа не можат да го достигнат тоа ниво им се чини како туѓо.“

Europakarte im freien Bildformat
Фотографија: DW

Македонскиот човек треба да научи да биде граѓанин во социјална смисла

На фудбалската легенда Дарко Панчев многу македонски навики и табиети му пречат и не му дозволуваат да се чуствува европски.

„Кога одиме надвор многу брзо се адаптираме на нивните вредности на тој начин на функционирање, на почитување на нивните закони и казни. Тоа покажува дека ја прифаќаме дисциплината на казната, Веројатно и овде треба да се спроведе нешто такво.“

Македонскиот човек треба да научи да биде граѓанин во социјална смисла, колективните интереси да му станат еднакво важни како индивидуалните, едногласни се нашите соговорници. Политиката да стане одговорна и транаспарентна.

„Да се почитуваат институциите и законите. Ако добиеш власт да бидеш градоначалник не да го злоупотребиш тоа, туку да го оплемениш. Не може од народот да се очекува поголема култура кога власта се однесува поинаку“, вели Панчев.

„Одлуките се донесуваат недемократски, преку ноќ, а само кога ќе загусти се закануваат со референдум. Не е консултирана популацијата“, вели Ферид Мухиќ:

Europa Mazedonien

„Ми пречи непочитување на природата, екологијата, тоа што не гледаме дека нашиот дом не се четирите ѕида, туку нашиот дом е улицата, кафулето во кое одиме.“

Се чувствувам европски, но дали како Европеец ме гледаат и другите?

По цена да звучи евроскептички, професорот Мухиќ го истакнува спрецифичниот начин на кој Европа го третира Балканот.

„Јас се чувствувам европски, но дали како Европеец ме чуствуваат и Европејците? Нивното чувство на супериорност пробива, како да сме ние сепак не сосема рамноправни на нив“.

Влезницата во елитниот клуб е се‘ уште недостижна, но географијата е наука на факти. Македонија е тргната по патот и мора да стаса онаму каде што природно припаѓа. Патем мора да ги исполни европските стандарди и да почне да ги применува европските вредности.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска