1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идентитетот е прашање за кое не може да се преговара

17 јули 2009

Проблемот меѓу Македонија и Грција не е во името на Република Македонија, туку во името на идентитетот, вели професорот по историја на Универзитетот Аристотел во Солун, Василис Гунарис, експерт за прашања за идентитети.

https://p.dw.com/p/IrPy
Василис ГунарисФотографија: DW

Како во Вашата земја гледате на граѓаните на Република Македонија, дали како на луѓе кои имаат проблем со својот идентитет?

Национализмот расте и тој се користи од политиката насекаде во Европа, па дури и во Кина деновиве. Кога имате недостаток на идеологии, што беше случај по падот на комунизмот, национализмот станува многу погоден, и сите партии го употребуваат за да си го задржат гласачкото тело. Исто е и во Грција, сите партии манипулираат со македонското прашање, сите имаат т.н. патриотски секции и тврдат дека тие се вистинските патриоти, а истото се случува и во вашата земја. Тоа е многу погоден начин за манипулација. Се манипулира и образованието. Во Грција, на пример, имаме дебати за тоа каква историја треба да се изучува, дали понационалистичка или помека варијанта.

Неколку левоориентирани и умерени истражувачи и новинари од Грција се жестоки критичари на национализмот во Вашата земја. Дали и според Вас национализмот е премногу присутен во грчката политика и во грчкото општество и дали е тоа проблем?

Важната работа е дека национализмот е присутен без оглед на политичките партии. Секоја партија, дури и Комунистичката, има силна фракција која е националистичка. Социјалистичката партија исто така. Луѓето не гледаат на национализмот како на проблем. Да ве потсетам дека политичарите, со исклучок на историчарите, веруваат дека историјата е точна, дека е факт. Тие не знаат за алтернативни гледишта на историјата. Тие ја земаат историјата здраво за готово. Веројатно е исто и кај вас.

Во 90-те години и во Грција имавме пораст на национализмот. Спорот за името беше на некој начин катализатор за таквиот национализам. Во ситуација кога двете најголеми партии се изедначени, и е многу тешко да се направи влада, тогаш тие го немаат луксузот да водат една потрезвена политика и отворено да кажат дека национализмот не треба да се провоцира. Не можат тоа да го сторат затоа што им требаат сите можни гласови.

Велите дека проблемот меѓу двете земји не е поради името, туку поради идентитетот. Можете ли да ми ја објасните оваа теза?

Всушност се работи за името на идентитетот. Идентитетот е важен. Културниот идентитет е начинот на кој луѓето во овој регион чувствуваат дека се поврзани со основата на грчката нација. Овде не можете да бидете едноставно Грк, туку доаѓате од одреден регион, дали се работи за Епир или Тракија, луѓето го потенцираат и својот локален идентитет. Ваквиот идентитет е далеку пореален во однос на идејата да се биде Грк во глобала. И поради тоа што немаме развиено граѓански идентитет, тоа станува уште поважно, луѓето живеат со тоа. Тоа важи и за Грците од Македонија.

Дали чувството меѓу Грците во овој дел од Македонија е дека некој од северот им го краде идентитетот?

Да! Дефинитивно. Проблемот е во монополот. Не е проблемот дека луѓето не можат да сфатат дали се Грци или не, туку кога и да кажете во странство дека сте Македонец, луѓето ќе мислат дека го зборувате словенскиот јазик, но не и дека сте Грк. А тоа порано не беше така. Дури пред да започне овој проблем со антиквизацијата кај вас, тоа не беше проблем, бидејќи додека бевте Социјалистичка Република Македонија, беше јасно дека станува збор за словенски народ, со словенски јазик и култура. Затоа овде и во парламентот се користеше терминот Словенски Македонци и тој беше прифатлив за луѓето.

Како очекувате некој да преговара за својот идентитет? Како јас и Вие денеска да преговараме за тоа кои сме и што сме?

Па не можете! Затоа и велам дека овој проблем не може да се реши. Тоа е прашање за кое не може да се преговара. Станува збор за процес. За некои нешта е потребно време. За 20 години кај вас мнозинството луѓе ќе веруваат дека се наследници на Александар. Единственото нешто што може да се очекува е вие да додадете нешто на вашето име и на придавките. Тоа секако нема да биде прифатливо за луѓето во вашата земја. Културата нема да се промени. Овде е прашањето како ќе ги дефинираме културите во однос на трети страни, за остатокот на светот. Надвор од тоа, ние ќе продолжиме да си ги кажуваме нашите приказни, вашата, нашата, таа борба ќе продолжи.

Мојот аргумент е дека единствената причина поради која говориме за проблемот со името на некоја земја е прашањето за идентитетот. За нас нема апсолутно никаков проблем да го прифатиме името Република Македонија, доколку во земјата би имало две различни етнички заедници словенски Македонци и албански Македонци. Сакам да ви кажам дека промената на името на една држава е беззначајно. Дури и да се најде решение, дебатата ќе продолжи за идентитетот, за да се направи дистинкција меѓу Македонците во вашата земја и Грчките Македонци. Секако дека и вие сте Македонци, но различни од Грчките Македонци.

Но во Вашата земја целосно се негира постоењето на Македонците. Се тврди дека Македонците се творба на Тито, на Сталин, на Коминтерната, итн.?

Во основа, Грците не се свесни дека сите земји се нечија креација во одреден период на историјата. Грците, како и Славо-Македонците се примордијалисти и веруваат дека постои некаква вечна вистина, а своите етнички корени треба да ги бараат пред илјадници години. Затоа и тврдат дека Македонците се некаква неодамнешна измислица. Кога го поврзуваат вашето постоење со Тито, за Грците тоа значи дека вие сте нови, наспроти митот за нивното постоење.

Во Македонија во последниве години се одвива процес кој критичарите го нарекуваат антиквизација. Како Вие гледате на оваа појава?

На почетокот мислев дека се работи за тактика во преговорите за да си ги засилите позициите и да постигнете подобар компромис со Грција. Мислев дека луѓето не веруваат навистина во тоа, туку дека манипулираат за да ги изнервираат Грците и да ги натераат на подобар компромис. Но сега сум изненаден, затоа што не само што се Грците иритирани и има се‘ помалку надеж за решение, туку затоа што се направи една алиенација на дел од постарата генерација во вашата држава, како и на луѓето кои гледаат дека тоа што се прави не е природно, но исто така и поради фактот што се работи за политичка одлука, која е ризична. Ризична е затоа што имате развој на две паралелни верзии на национализам, а во исто време во вашата држава го имате и албанскиот национализам. И што е најважно, си ја уништувате меѓународната позиција. Конечно сето ова им беше од корист на Грците, бидејќи сите тие споменици и преименувања се гледаат во светот како гротескни и смешни.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска