1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идентификувани маринците кои уринирале врз авганистанци

13 јануари 2012

Американските секретари за одбрана и надворешни работи Леон Панета и Хилари Клинтон го осудија однесувањето на војниците во Авганистан како нечовечко. Потврдена автентичноста на видео-снимката

https://p.dw.com/p/13iwJ
Фотографија: AP

Вашингтон се обидува да ја ублажи штетата. Министерот за одбрана Леон Панета го увери претседателот на Авганистан Хамид Карзаи дека случајот ќе биде целосно расветлен и вети дека одговорните војници ќе бидат повикани на одговорност со сите средства на воено и казнено право и ќе бидат најстрого казнети.

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон нагласи дека го дели ставот на министерот Панета, кој однесувањето на американските војници го означи како „нечовечко“.

Расчистени се и сите сомнежи во автентичноста на видео снимка објавена преку Јутјуб. Најмалку двајца од четворицата војници кои уринираат врз телата на убиените Авганистанци припаѓаат на една елитна единица. Оваа единица американски маринци е стационирана во Северна Каролина и во периодот меѓу февруари и октомври 2011 година се борела претежно во провинцијата Хелманд во Авганистан.

Се’ уште не е утврдено дали убиените на снимката се талибанци или цивили. Јасно е само едно, вели американскиот специјалист за армијата, Себастијан Јунге: видео снимката со која се врши скренавење на тела ги загрозува сите американски војници во Авганистан:

„Оваа видео снимка ќе мотивира млади Авганистанци да им се приклучат на талибанците“, вели Јунге. Експертот, кој придружувал повеќе тимови снајперисти американски маринци во Авганистан подвлекува:

„Многу од овие војници се на возраст од 19 - 20 години и по терористичките нападите од 11 септември израснаа со тврдењето на водечки американски политичари, дека измачувањето на терористите под одредени околности би било оправдано“, изјави Јунге за СиЕнЕн.

Hillary Rodham Clinton
Хилари КлинтонФотографија: AP

Дрога и лекарства меѓу војската

Во американските медиуми се’ погласно се поставува прашањето дали во американската армија во Ирак и во Авганистан во последните години се развила култура на злоупотреба  на власта. Оваа недела е подигнато обвинение за еден раководител на тим американски мариници дека убил 24 безпомошни ирачки цивили, меѓу нив жени и деца. Мината година беа осудени 11 војници на т.н. „кил тимс“, кои своеволно убиле тројца авганистански цивили, а потоа позирале врз телата и фотографиите ги испратиле до пријатели и роднини.

Според интерна истрага на војската, голем број американски војници во Авганистан конзумираат високо опасен коктел од дроги и лекарства, од опијати, марихуана или таблети за спиење за да го издржат притисокот на доживеаните негативни искуства.

За американската влада, објавувањето на компромитирачкото видео доаѓа во неповолен момент. Имено односите меѓу владата на Карзаи со администрацијата на Обама и без тоа се екстремно напнати. Талибанците пак жестоко се борат за да стекнат територија и престиж за со што е можно посилна позиција да влезат во преговорите со Американците. За да ја стекне довербата на Талибанците, претседателот Обама размислува и да ослободи повеќемина затвореници од Гвантанамо.

Автор: Ралф Зина/ Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски