1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избирачки список: чистење или легализирање на спорните?

Катерина Блажевска27 јули 2016

Ако ДИК не бара да се приложи доказ за живеалиште, во списокот ќе се запишат сите за кои опозицијата обвинуваше, а МВР објави дека немале соодветни документи за да добијат лични карти, велат познавачите на процесот.

https://p.dw.com/p/1JWNp
Фотографија: Petr Stojanovski

Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК, по проверката со вкрстување на неколку релевантни бази на податоци што ДИК ја спроведе оваа пролет, заедно со споругата се нашле на списокот на спорни гласачи. Поради проблеми во пристапот, вчера не успеал да го отвори списокот од 39.502 спорни гласачи што Комисијата го објави на нејзината веб-страница. Денеска ќе се обиде повторно, за да провери дали нивните имиња се тргнати од тој список, со оглед дека при теренската проверка биле посетени од контролори на ДИК и била утврдена неспорноста на нивното гласачко право.

Смета дека од посочените 39.502 спорни гласачи, многу симболична бројка ќе биде избришана. Освен, ако во неа не спаѓаат и оние 25.000 гласачи, кои во февруари 2011 година, за време на неговиот претседателски мандат во ДИК, биле утврдени како спорни и предложени за бришење од списокот: дел биле починати, а дел без основа да бидат во Избирачкиот список. Но, поради политички притисоци по утврдувањето на таа бројка, тој си поднел оставка на функцијата и до денес нема информација дали тие лица биле избришани од списокот. Доколку не, се надева дека тоа ќе биде сторено сега.

Според него, проблемот не е во помалиот (39.502), туку во поголемиот список од 171.500 гласачи кои ќе бидат ставени во посебен извод од Избирачкиот список како неспорни, а за кои се претпоставува дека подолг период живеат во странство.

„Тоа се главно лица кои немаат регулирано живеалиште, а имаат државјанство. Ги ставаат на друг список со право на глас, бидејќи нема уставна основа да ги избришат. Но, она што требаше да се провери, е начинот на кој добиле државјанство, односно дали имале основа да го добијат. А тоа е веќе политичко прашање“, вели Новаковски.

Смета дека списокот требало да се прочисти преку измени во неколку закони, кои ќе овозможат и други мерки, од кои едната е да бидат избришани лица кои во последните 10 години немале ниту еден влез во РМ. Прогнозира дека овој процес на прочистување на крајот ќе заврши со политички компромис, односно со заклучок дека „списокот е добар“.

Mazedonien Wahlkommission (DIK)
Фотографија: Agentur MIA

Само пасош и лична крата

Моделот што го договорија партиите за проветрување на списокот засега не ветува дека ќе се врати довербата во него. Причини за тоа има повеќе.

„При пополнувањето на бараните податоци наведени во пријавата, задолжително треба да прикачите скениран - фотографиран личен документ (важечка лична карта или патна исправа) на начин да може јасно да се прочитаат неговите лични податоци, адреса на живеење и важноста на личниот документ“.

Ова е едно од упатствата на Државната изборна комисија (ДИК) објавено на нејзината официјална веб-страница, со кое лицата што се најдоа на списокот од 39.502 спорни гласачи, се советуваат како да го потврдат своето избирачко право преку апликацијата за електронско пријавување. Другиот начин е лично да се пријават во подрачните одделенија на ДИК, во канцелариите на Управата за водење матични книги, како и во дополнителни канцеларии што се отвораат во неколку населени места. Пријавувањето ќе трае до 19 август, секој ден во периодот од 8.30 до 19 часот.

Mazedonien Reisepass
Фотографија: DW

Но, пријавувањето со овој минимум документи (лична карта и патна исправа), ја враќа приказната со Избирачкиот список на почетните забелешки поради кои се бараше негово прочистување.

„Ако не се бара да се приложи доказ за живеалиште, на списокот ќе може да се запишат сите оние за кои опозицијата обвинуваше, а МВР објави податоци дека во апликациите за добивање лични карти ги немале неопходните документи (нотарски изјави, договори), односно дека не е познато како ги добиле личните карти. Меѓу нив се и гласачите од Пустец кои во големи групи беа пријавени на 'позајмени' адреси, односно на адреси на кои не живеат. Со ваквото пријавување во ДИК, сега само ќе го легализираат незаконскиот начин на кои им биле издадени личните карти. Со тоа сомнежот во веродостојноста на списокот ќе остане“, велат упатени во процесот за прочистување на гласачкиот список.

Спорни-неспорни

Колку спорните гласачи се реално спорни, а колку резултат на некомпатибилни основи за вкрстување на податоците, покажуваат и реакциите на јавни личности чии имиња се најдоа во него. Професорката Мирјана Најчевска веќе најави дека „нема намера да гласа во држава во која заштитата на нејзиното право е во рацете на банда идиоти“.

„По сите вкрстувања што ги направила ДИК, со сите бази на податоци и теренското испитување, моето име сѐ уште се наоѓа на списокот на оние за кои не се знае дали постојат или не. Тоа значи дека јас по 35 години гласање на едно исто гласачко место, со регистрирано постојано живеалиште на иста улица и на ист број над 35 години, со работен стаж на исто место над 35 години, со пасош и лична карта, со пријави до УЈП и платен данок, треба да се пријавувам во некоја подрачна единица? Немам намера да одам и да докажувам дека постојам“, реагираше Најчевска на Фејсбук. Таа и други јавни личности - судии, професори, лекари, сега се на иста листа, рамо до рамо со членови на семејството на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, кои не ја реализираа ветената инвестиција во Македонија, но се здобија со лични документи.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Дел од аналитичарите сметаат дека не постои искрена политичка волја за чистење на списокот, бидејќи сите на некаков начин имаат корист од неговата матност. Реагираат само кога тоа не им оди во прилог. На ваквата практика потсетува и Новаковски.

„ДУИ, на пример, не реагираше кога гласачите од Пустец дојдоа на гласање во општина Центар, бидејќи тогаш не беа засегнати. Но, реагираа кога истите гласачи од Пустец во 2014 година се пријавија како гласачи во странство, бидејќи избирачкото право го реализираа во Тирана и им зедоа едно пратеничко место. Тоа се тие двојни стандарди“, укажува Новаковски.

Од друга страна, опозициската СДСМ е уверена дека ова е патот кон веродостоен список.

„Се потврди она што СДСМ постојано го говореше, дека во Македонија нема повеќе од околу 1.500.000 гласачи. Тоа е податок од Државната изборна комисија! И ова е најголемата болка на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Во Македонија ќе има фер и регуларни избори“, соопшти вчера партијата.

Аналитичари предупредуваат дека воздржаноста и внимателноста треба да бидат подоминантни од неоснованиот оптимизам, бидејќи „ништо не е завршено, сѐ додека не биде завршено“. Тоа важи и за Избирачкиот список.