1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборен десант со авионски и етно-чартери

Катерина Блажевска22 март 2013

Македонското етничко групирање за изборите во Кичево и Струга и „увозот“ на албанска дијаспора за гласање, може да предизвика големи штети во меѓуетничките односи, сметаат политичари и аналитичари.

https://p.dw.com/p/182ON
Фотографија: MIA

Етничката мобилизација секогаш била дел од изборните игри на партиите
на Македонците и на Албанците во Македонија, а острицата на меѓуетничкиот конфликт ублажувана со поделбата на поумерени и порадикални структури внатре, во етничката заедница. Но, за прв пат тоа непишано правило е прекршено, вели универзитетскиот професор, Денко Малески.


„Лутите непријатели СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обединија на локално ниво за да ја освојат власта во Кичево и во Струга. Корените на ова поведение ги гледам во незадоволството на СДСМ од односот на ДУИ и на меѓународната заедница кон непопуларните потези што тие ги влечат, во како што сметаат, борбата за демократија дома и во отстранувањето на пречките кон евроатлантска интеграција. Со оваа етничка коалиција во две општини, СДСМ порачува дека повеќе не се смета за чувар на меѓуетничкиот мир, наспроти национализмот на македонската и на албанската партија на власт", оценува Малески.

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister
Фотографија: privat

Според него, законите на политичката физика ќе предизвикаат етничка мобилизација и на страна на Албанците, чии форми ќе станат појасни ако Кичево и Струга добијат градоначалници Македонци.  „Непостоењето на артикулиран државен концепт на мултикилтурализам со кој би се ублажиле ударите на конфликтните национализми во време на избори, внесува дополнителна неизвесност", предупредува тој.

Повикај ја дијаспората

Што ги спои опонентите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во етничка коалиција? Уште лани во ноември градоначалници и функционери на ДУИ предводени од Али Ахмети реализираа средби со албанската дијаспора во Швајцарија, Италија, Австрија и Германија, каде агитираа за гласање на дијаспората со цел „Кичево да стане дел од албанската победа". Реториката од тие средби, ги активира стравувањата дека се исцртува „албанска линија" на потегот од Струга до Липково, на која единствено Кичево нема градоначалник Албанец, па сега се актуелизира прашањето - кој прв почна?   

Emira Mehmeti Devaja
Ермира Мехмети ДевајаФотографија: Petr Stojanovski

Не е време да се бара виновник, вели пратеничката на ДУИ, Ермира Мехмети Деваја.  „Жалам што кампањата за локални избори се претвори во етничка битка. Ваквата атмосфера не придонесува за фер-избори. Политичарите треба да ја спуштат топката. Поголемиот ги влече потешките потези", сугерира Мехмети Деваја.

Според неа, етничкото групирање за „одбрана" на одредена општина е непринципиелен пристап. „Каква порака се испраќа преку Кичево до Македонците кои живеат во Тетово или Чаир, на пример? Или до Албанците кои живеат во Скопје, град кој се администрира од градоначалник Македонец? Ваков амбиент не доликува на земја која сака да биде дел од ЕУ", вели Мехмети Деваја.     

Деновиве, Али Ахмети од изборен митинг им порача граѓаните да не се плашат дека ДУИ се залага за Голема Албанија, бидејќи тоа не е вистина.

„Ги почитуваме вредностите на сите граѓани и го почитуваме јазикот и културата на секој народ. Затоа никој не треба да се плаши од голема Албанија", порача лидерот на ДУИ.

Кој ги плаќа чартерите?

Според Абдурахман Алити, поранешен лидер на ПДП, хомогенизацијата на етничка основа не е добра, бидејќи не решава, туку создава проблеми.

„Мене ми е многу анахрона оваа битка - чиј ќе биде градоначалникот, мој или твој? За мене е битно да имам добар градоначалник без оглед на етничката припадност. Не ја прифаќам логиката 'лош е, ама мој е'. По што е 'мој'? Не ја прифаќам ни логиката - ќе го изгубиме Кичево. Зошто да го изгубиме? Каде ќе оди? Ќе се отцепи?", прашува Алити.   

Тој не верува во масовно доаѓање на албанската дијаспора, бидејќи смета дека граѓанската свест е повисока и нема таков ентузијазам за гласање како во 90-тите гидини. Но, го дементираат податоците од двата македонски аеродроми, според кои, викендов во Македонија се очекуваат 17 авиони од Швајцарија. Покрај редовните три авиони од Швајцарија, во сабота во Охрид ќе слетаат уште шест чартери, а слично ќе биде и на денот на изборите, кога од Цирих во Скопје ќе слетат два редовни авиони, а во Охрид шест чартери.

Gebäude der Gemeinde Struga OPSTINA
Фотографија: Milco Jovanoski

Шефот на набљудувачката мисија на ОДИХР, Герт Аренс, деновиве изјави дека зборувал со лидерот на ДУИ за оваа тема.

„Тој рече дека тие луѓе сами си ги платиле трошоците за патувањето. Но, ако некој сепак има евиденција дека добиле пари од ДУИ, ние ќе го ставиме тоа во извештајот. Без доказ не можеме да го сториме тоа", потенцира Аренс.

Како што е познато, единствениот услов на ДУИ беше да не се одложува датумот за избори, 24 март. „Подготовките се направени и тоа ќе предизвикаше непотребни трошоци", објасни портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

За какви трошоци станува збор-лични или партиски, треба да утврдат надлежните институции.

Молк во коалицијата

Во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да ја коментираат нивната коалиција на микро план, со образложение дека имаат обврска единствено кон барањата и потребите на гласачкото тело. Љубчо Георгиевски, чија ВМРО-НП е дел од опозицискиот Сојуз за иднината, исто така не сака да го коментира договорот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за Кичево и Струга, но смета дека не сцена доминираат старите методи за кревање меѓуетнички тензии за рејтиншки потреби.

„Тоа го видовме од партиите на власт во случајот Кале, во случајот со македонската енциклопедија и со законот за бранителите. Парадоксално е да веруваме дека коалициските партнери од власта сега се конфронтираат. Ако не се согласуваат, нека ја растурат коалицијата. Ова е уште една договорена игра во која партиите на власт треба да си го зголемат рејтингот глумејќи патриоти. Јас само се надевам дека оваа опасна игра нема да биде вовед во посериозни меѓуетнички инциденти", вели Георгиевски.