1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборен ролеркостер

20 јуни 2020

По многу натегања, Заев и Мицкоски влегоа во кабината на ролеркостерот и веќе нема излегување. Во оваа епидемија се потребни деликатни проценки што ќе се зборува во виртуелната кампања, а да не биде на сопствена штета.

https://p.dw.com/p/3e4Zx
Nord-Mazedonien Präsident Stevo Pendarovski Zoran Zaev und Hristijan Mickoski
Фотографија: Büro des Präsidenten von Nordmazedonien

Христијан Мицкоски има право во некоја рака да биде задоволен – неговото упорно одбивање на предлозите на Зоран Заев за датумите кога треба да се одржат изборите го одреди денот на гласање, кој тој го најави уште пред еден месец, а потоа го заборави, за подоцна да постави временски рамки на крајот од август или почетокот на септември. Мицкоски веројатни си мисли дека одиграл одличен политички гамбит да го доведе политичкиот ривал до датумот каде што тој мисли дека победата не може да му избега од рака. И на прв поглед тоа може да изгледа така – цврстата непоколебливост го натера ривалот да попушти. Понатаму сѐ би требало да изгледа како елегантна изборна егзекуција. Па дури и во време на епидемија.

Но да било во политиката сѐ така едноставно за остварување, тогаш сите планови на учесниците во неа ќе биле успешни. На општа радост. Што би можел да искористи Мицкоски од оваа „победа“ околу датумот? Многу работи секако – да, но исто толку работи секако – не. Истото се однесува и на Заев околу неговиот „пораз“. Како тој ќе успее да го претстави попуштањето пред ултиматумот на Мицкоски и да прифати датум за кој, барем јавно, никогаш не соопшти некаков вид согласност.

Со кои адути би можел да игра Мицкоски во овој изборен ролеркостер? Едниот од нив – драматичното враќање на инфекциите на Ковид-19 и нивно искачување на нивоата кои до пред две недели ни изгледаа незамисливи (заедно со големата бројка на починати) изгледаше како работа што ќе ги прекрши изборите. Приказната најмалку една недела одеше на политичкото конто на опозицијата – власта и здравствените институции ја губат битката со корона вирусот, додека сите други земји во регионот прогласуваат некаква победа во епидемијата. Бројките што почнаа да одат во небеса го вознемирија сдсмовскиот табор и во еден момент работата изгледаше како изборниот успех да им бега од под нозете. Но некогаш и трагичните настани може да фатат поинаква патека. 

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Кога во јавноста почнаа да излегуваат податоците за неодговорноста на граѓаните, за апсолутно ирационалните собири на свадби, мекици, слави и ифтарски вечери – острицата на претпоставената вина на здравствените власти почна нагло да се отапува. Уште кога беа соопштувани податоци за тоа како многу граѓани што треба да одат во изолација се кријат, даваат лажни телефони и адреси, слободно шетаат по улиците како своевидни „пеколни машини“, а полицијата прави многу малку или ништо за да воведе ред во ова „беззаконие“, кривата којашто изгледаше дека неизбежно се доближува до одговорноста на властите почна да го менува правецот. Кон граѓаните и упорното одбивање на некои од нив да се придржуваат кон мерките коишто се толку едноставени – носење маски, социјално дистанцирање и миење раце. Кога сношти министерот за здравство, Венко Филипче, во интервју за Канал5 изјави дека не постои ниту еден епидемиолошки податок којшто укажува дека некој кај нас се заразил од корона вирусот доколку ги почитувал мерките, колку тоа да изгледа грубо за граѓаните, вината ја лоцираше врз неодговорноста.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-До последниот повик

-Кога вирусот ќе го врати ударот

-Во психоделичниот вител

Сликите по социјалните мрежи за други групни веселби, како матури, дополнително го оттргнаа притисокот врз здравствените власти дека направиле нешто драстично погрешно во минатиот период и нивните очајнички апели до граѓаните да се придржуваат кон мерките го изместија политичкиот наратив на опозицијата. Сега таа треба да повика на одговорно однесување на граѓаните во секоја можна пригода и да ги предупреди дека со ваквите постапки само ќе се одржува бројот на заболените и ќе се полнат болниците до раб на пукање. За опозицијата тоа е лизгав политички терен, затоа што треба на одреден начин да се сврти против лекарите и медицинскиот персонал, а да ги амнестира неодговорните кои помагаат во ширењето на жариштата.

Деликатни проценки

Тоа е деликатна политичка проценка, како што исто така е деликатна проценката на сдсмовска власт вината за влошувањето на целата ситуација да ја префрли врз граѓаните. Лекарите тоа можат да го кажат со чиста совест, затоа што најпосле сите бараат помош од нив – и оние што веруваат во вирусот, и оние што не веруваат, и оние што по дома се лечеле од болеста и нагрнале во болниците кога веќе било доцна да се спречат многу смртни исходи. Таа деликатна политичка проценка, ако не е внимателно балансирана, може да им одземе многу потенцијални гласови и прашање на голема умешност е како СДСМ ќе го изведе тоа за време на кампањата. 

Втората деликатна работа и за опозицијата и за власта е кој може да има поголема корист од гласање сред лето. Ако се проектираме наназад точно една година, во една ваква топла сабота границата кон Грција ќе беше преполна со автомобили. Веќе многу години десетици и десетици илјади граѓани ги користеа пониските јунски цени во Грција за да го искористат првиот дел од одморот, а вториот да го остават за некаде на крајот од август или почетокот на септември. Сега нема ништо од тоа, цела држава е дома и ќе остане овде уште долго време овде. Грција најави дека ќе ја отвори границата за македонските граѓани на 1 јули, ако ништо драматично не се промени дотогаш, но прашање е дали тогаш ќе дојде до некоја масовна летна преселба на југот. Кај огромниот број луѓе стравот е поголем отколку желбата да се лежи на песокот (особено по вестите дека бројките на нови случаи се зголемуваат и во Грција), па големо прашање е колкумина ќе заминат без грижи за здравјето на егејските плажи. Таа бројка сигурно ќе биде минимална во однос на претходните години.

Пред некој ден „Визер“ објави дека ја продолжува суспензијата за летовите од Македонија до 13 јули, така што и еден друг прозорец за „бегство“ од Македонија речиси и да не е отворен до гласањето. Еден дел од луѓето ќе отидат во Охрид, Преспа, Дојран или по нивните куќи во селата, но голем процент од нив би се вратиле на ден-два да гласаат. Генерално, тоа значи дека луѓето ќе бидат во државава.

Но тоа не го решава проблемот за партиите – тие треба да бидат доволно убедливи да им предочат на граѓаните дека протоколите што ги подготвија здравствените власти, и што треба да ги спроведе Државната изборна комисија, се безбедни да се излезе на гласање. За опозицијата веќе нема враќање, таа седна во кабината на ролекостерот и сега треба да го издржи лудото возење. За власта, пак, да биде убедителна дека ова возење е навистина безбедно. 

Сигурно дека партиите прават трескавични пресметки кој би можел повеќе да добие, а кој повеќе да изгуби, од ова гласање сред лето, но нема параметри според кои може да се прават споредби. Во 2006 година, кога Никола Груевски го доведе до победа ВМРО-ДПМНЕ, гласањето беше на 5 јули, но освен летниот датум не може да се направат никакви споредби. Плус, тогаш левицата се подели, а денес е токму спротивното – од десницата се изродија повеќе партии кои се многу подесно од ВМРО-ДПМНЕ и сигурно ќе добијат еден дел од нејзините гласачи. Само што никој не може точно ни да претпостави ни да измери колкав ќе биде тој број.

Добро и зло

Третата деликатна работа за опозицијата е како да проектира перцепцијата за власта пред неодлучните граѓани. Кога пред некој ден Христијан Мицкоски излезе да каже дека го прифатиле изборниот датум 15 јули изрече една незграпна конструкција која може да им донесе потенцијална штета: „Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и донесовме едногласна одлука дека партијата ќе учествува и победи на изборите“.  Од кога највисокото тело на една партија носи одлука дека ќе победи на изборите. Дали тоа може да значи дека ако не се почитува одлуката на Централниот комитет дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи може и да не ги признае изборите? Не би требало да се верува во тоа, но ништо не може да се исклучи по последната анкета на ИФЕС за заостанувањето на партијата. Иако кампањата може да донесе и промени во расположението на гласачите, особено околу начинот како ќе се развива епидемијата.

Дополнително, во истата изјава Мицкоски гласањето на 15 јули го претстави како акт излезен од библиските приказни: „Сега ви кажувам, ова е тест без поправни испити. Конечна одлука за победа на доброто над злото...“ И тоа само неколку денови од сведочењето на Александар Василевски – Нинџа за широката мрежа како се подготвувал пучот на 27 април од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ со помош на УБК. Затоа, многумина навистина ќе си го постават прашањето за доброто и злото и ќе размислат за кого да гласаат – за кое добро и за кое зло. Вакви ултимативни изјави за доброто и злото не ја прочистуваат изборната понуда, туку само го копаат подлабоко јазот меѓу поддржувачите на двете главни групации, со што може да се зголеми и омразата. 

Неколку часа претходно Зоран Заев требаше да подголтнува, колку и да зборуваше јасно, дека во интерес на државата ја направил и последната отстапка и се согласил за избори на 15 јули. (Само што никој не кажа од каде дошле клучните повици дека дојде време да им се стави крај бесмислените натегања, иако не е тешко да се погодат некои адреси.) Заев се трудеше тоа да го претстави како победа на демократијата и чувството за заеднички интерес и одговорност и да го претстави ултиматумот на Мицкоски како неодговорен за државата, но одбегна да дава квалификации за добро и зло. На многумина од поддржувачите на партијата тоа им остави горчлив вкус – попуштање пред оној кој постојано наоѓа изговори да блокира, но факт е дека Заев и немаше некаков избор. Одење на избори без главната опозициска партија ќе беше работа што ќе ја втурнеше државата во длабока политичка криза (надвор од кризата што ја предизвика епидемијата), па Заев неволно се согласи на компромисот, кој за него повеќе личеше на уцена.

И Мицкоски немаше некаков голем избор – неговата приказна за избори во септември веќе беше неодржлива, како што стана неодржливо и неговото инсистирање мисијата на ОБСЕ да дошла во полн состав, инаку нема ништо од изборите. Кога најпосле стана свесен дека ОБСЕ го одредува составот на мисијата а не нашата држава, преку ноќ се согласи на седумтемина набљудувачи, како ништо да не зборувал претходно.

Изгледа дека и Заев и Мицкоски ќе се појават на изборниот мегдан со многу лузни – прашање е како тие лузни ќе ги оценуваат гласачите. 

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар