1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Русија - напор за привид на демократија

Роман Гончаренко / ЕМФ18 септември 2016

По обвинувањата за фалсификат и протестите пред пет години, владата во Русија сега прави напори да пружи слика за чисти парламентарни избори. Сепак, многу експерти велат: изгледот лаже.

https://p.dw.com/p/1K46s
Фотографија: picture-alliance/dpa/Y. Kochetkov

„Се обединивме за да почнеме постапка со која на Путин ќе му се изгласа недоверба. Тоа е нашата главна цел“, вели брадест средовечен маж. Вакви зборови пред милионска публика во Русија се слушаат ретко во последно време. Човекот се вика Вјачеслав Малцев и е кандидат на либералната опозициона Партија за народна слобода (ПАРНАС), за парламентарните избори (18.09.2016). Цитатот е од една дебата на државната телевизија.

Двојната стратегија на Кремљ

Невообичаено отворените дебати се чини се дел од низата мерки со кои државата реагираше на настаните од пред пет години. Парламентарните избори во декември 2011 година беа засенети од обвинувања за фалсификати и предизвикаа бран протести. Десетици илјади луѓе во Москва демонстрираа за повеќе демократија. Владејачката партија Единствена Русија тогаш од дел од населението беше погрдно нарекувана „Партија на измамници и крадци“.

Кремљ реагираше со двојна стратегија. Многу демонстранти беа осудени на долги затворски казни, беше ограничено правото на демонстрирање, полицијата доби поголем број службеници. Истовремено, имаше релативна либерализација на изборите. На пример, цензусот е симнат од 7 на 5 проценти, а олеснето е и регистрирањето партија. Освен тоа, Кремљ направи смена и на спорниот раководител на Централната изборна комисија (ЗВК). Владимир Чуров, кој беше обвинуван од критичарите на Кремљ за изборни фалсификати, ја напушти функцијата во полза на Ела Памфилова, реномиран борец за човекови права. Променет е и изборниот закон. Сега 450-те пратеници се избираат по половина од партиските листи и преку директни мандати.

Кремљ е на мислење дека кампањата минала слободно. За сите „се создадени еднакви услови за отворен, фер натпревар“, рече претседателот Владимир Путин во еден говор во четвртокот.

Russland Parlamentswahlen Wähler Wahlurne Barentssee
Многу интерес за изборите нема - речиси секој втор граѓанин, според анкетите, е незаинтересиран за гласањеФотографија: Reuters/S. Karpukhin

Останува четирипартискиот состав?

На изборите се натпреваруваат 14 партии, двојно повеќе отколку во 2011 година. ПАРНАС оди заедно со либералната Јаблоко-партија, една од двете политички сили кои експертите ги сметаат за навистина опозициски. За ПАРНАС влезот во парламентот би бил премиерен, додека Јаблоко би можела да се врати во Думата првпат по 2003 година. Дали ќе успеат, е неизвесно. Двете партии во анкетите имаат по само околу 1% гласови, но одделни опозиционери имаат шанси да добијат директни мандати.

Ако му се верува на рускиот државен институт за истражување на јавното мислење ВЗИОМ, парламентот повторно би бил составен од пратеници од четири партии. Најголем број гласови би освоила Единствена Русија. Во 2011 година Кремљ-партијата првпат по долг период падна на под 50% гласови (49,3). Оттогаш нејзиниот рејтинг е дополнително намален, но таа сепак е далеку најсилна партија. Во анкетите, на партијата ѝ се припишува доверба на 40% од избирачите. Независниот институт за истражување на јавното мислење Левада-центар пак, во август соопшти дека омиленоста на Единствена Русија е многу намалена: од 39 на 31 проценти. Двете истражувања се тешко споредлви поради различните методи на истражување. Многу експерти сметаат дека Единствена Русија загубата на гласови ќе може да ја надополни преку директните мандати.

За својот влез во парламенотот не би морало да се грижат ниту комунистите ниту десните популисти на Либерално-демократската партија на Русија (ЛДПР). Според ВЗИОМ, десните популисти би можеле да ги истиснат комунистите од втората позиција. Во парламентот повторно би можела да влезе и левичарската партија Праведна Русија, која според анкетите има доверба на над 5 проценти од избирачите и со тоа го минува цензусот.

Moskau Duma Parlament Gebäude
Во Думата ќе влезат четири партии, велат прогнозитеФотографија: Imago/Russian Look

Рамковните услови ги прават изборите возбудливи

Во Русија системот е президијален, па моќта на парламентот е ограничена. Сепак, овие избори важат за тест на расположението, затоа што се одржуваат во нови услови. Тоа се први избори откако Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим. Избори ќе има и на Крим, што предизвика протести на Киев.

По анексијата на Крим руското општество доживува силен бран на патриотизам, од кој може да профитира Единствена Русија. „Има силен патриотски фактор, не само Крим, туку и конфронтацијата со западот, судирот на култури“, велиза ДВ Александер Рар, експерт во Германско-рускиот форум и советник на руски фирми во Германија. Ова расположение е причина за гласање за Единствена Русија. Од друга страна, земјата има економски проблеми, вели Рар. Нејасно е како тоа ќе се одрази на изборите.

Се чини како избирачите да не се многу заинтересирани за изборите. Секој втор граѓанин со право на глас не се интересира за тоа, велат истражувањата на Левада-центарот. Со тој проблем се занимава Штефан Мајстер од Германското друштво за надворешна политика, кој ја посети Москва за време на кампањата. „Речиси нема предизборна борба, одвај да има по некој изборен постер“, вели експертот за ДВ. Тој укажува дека изборите од декември се поместени понапред, во септември, непосредно по летната пауза. „Кремљ сака да ги спроведе изборите без многу внимание“, гласи објаснувањето на Мајстер.

Karikatur russische Opposition bei den Parlamentswahlen
Карикатура на Сергеј Елкин за поделеноста на руската опозиција: кавга на ПАРНАС и Јаблоко за 5% гласови

Поделена опозиција

И покрај демократскиот костум на изборите, Кремљ има одлучувачки влијание врз нив, уверени се експертите. Претставите за слободен натпревар се илузорни, смета Ханс-Хенинг Шредер, издавач на анализи за Русија. „Во Думата нема да влезе никој што не е посакуван или нема дозвола од администрацијата (Кремљ)“, вели Шредер. Зашто, се филтрира на различни нивоа.

И покрај олабавените прописи, не им е дадена дозвола на сите партии. Партијата на напредокот на омилениот млад опозиционен политичар Алексеј Навални, на пример, не беше регистрирана. Навални пред половина година го напушти со многу напор создадениот опозиционен изборен сојуз со ПАРНАС. Пред 5 години Навални ги повика своите приврзаници да ги документираат изборните фалсификати, што беше основа за масовни протести. Денес тој пледира за бојкот на изборите. Опозициониот табор е фактички поделен, а од некакво расположение за протести - нема трага.